Ехото на воздигнатото паѓање

Немања Стојковиќ – Блеки е роден 1986 година во Врање. Дел е од зборникот „ARTE stih 1“ и е еден од уредниците на интернационалниот зборник „Писанија“.

nemanja1Немања Стојковиќ – Блеки е роден 1986 година во Врање. Студира на Департманот за српски јазик и српска книжевност при Филозофскиот факултет во Ниш. Објавувал во зборникот „Рукописи“ од Панчево. Дел е од зборникот „ARTE stih 1“. Тој е еден од уредниците на интернационалниот зборник „Писанија“ од Врање.

Ехото на воздигнатото паѓање
На Бошко Бозаџиевски

Одбра да ме посетиш
баш сега
Одбра сега да се
осетам среќен

Низ пукнатините на времето
ти ја гледам зеницата
го сеќавам твоето смеење
сигурно си ја местиш косата
носиш долг капут

Беше убаво
те видов само еднаш
добро, двапати
Тогаш пиеше со Јахве
и уште со некои

Беше ведро
како твоето лице
Беше топло
како твоите очи
Беше инспирација на Дваесетти април

Дента пред мојот роденден
ми кажа каде си
Дента пред мојот роденден
ми кажа кој си
Потоа веќе не те чув

Не те барав
Ама потоа
Прашав за тебе
Тукутака
Се сетив

Македонски славеј еден
ми пееше
за поетскиот скок
За Мефисто што стои
на зградата и се смее

Додека во молк
се топев поблизок до солзата
Ти веројатно
на мек облак
исто така меко се смееше

Дали сега пиеш или ти штети?
Немој да претеруваш
Ќе повратиш премногу
Премногу креативен хаос
па никогаш нема да ме објават!

На страницата пред мене
А веројатно и не се сеќаваш на мене
Веројатно веќе никогаш
не си ни помислил на мене
од оној разигран ден

Баш ти е гајле
Леташе
Ездеше низ срцето
Ѕиркаше десетина животи
Си отиде

И одбра да ме посетиш
баш сега
Одбра сега
да се осетам среќен
и мал што сум ЖИВ

Отпад

донесете ги вашите тела
развлечете им ги усните
како да се туѓи
соживејте се во отуѓеноста
не трепкајте!
тоа е само блиц
бидете професионални
испразнете ги очите
смирете ги со стил
не бидете гласни
чувствата се демоде
сите на куп!
трнуваме!
спалете се
и насмевка!
насмевка, ве молам!
нека добие пластиката сјај

il_fullxfull.324081495

Миг

го слушаш ли утрото
плачот на сончевиот зрак
пресечен
од мојата црна кошула
лебдам
распнат над градот
гавраните долу
се тепаат за леб
ќе ги прекине
растечката сенка
на моите обиди
да живеам
за миг

Одеци

Месечарите
– ме извлекуваат
од фиока
пред да одат
со српови
да ги сечат цветовите
од магичната билка
за лекот
на кој утрината
нема да се сеќаваат

Само јас
ѕиркајќи им од џебот
ги гледав одеците
на нивните души
– гласовите на предците
како се борат
следната ноќ
месечари веќе да нема

затоа
молчев

Денес може да биде целиот живот

Извади го прстот од уста!
Исправи се!
Остави ги играчките!
Обиколи ги шалтерите!
Извади државјанство!
Стави пари на иконата!
Плукај на луѓето!
Плукај!
Плукај!

Заборави!

На враќање земи леб!
Појадувај гледајќи Дневник!
Исчисти го пиштолот!
Навлечи кредити на покривот!
Изрезбај грижа на чело!
Напиј се шумлива таблета!
Пцуј ги политичарите!
Пцуј!
Пцуј!

Слушај ме – Заборави!

 

Превод од српски: Ѓоко Здравески

Тагови од објавата
, , , ,
Напишано од
More from РЕПЕР
НеМил мој
Три песни од младата поетеса Катерина Диманова коишто пленат со својата лиричност...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *