Преку предметите

..и каква врска има тоа со предметите и кој уште може тоа да го издржи!

Marko-Pogacar-crop-493x273

Твоето згуснато сонце

Како со мали канџи да се искачам горе на маслинката,
да останам црна гуштерица и да ја преживеам пропаста на
сонцето?
секоја маслинка е ѕвезда која е изгасната,
а малите канџи се сè што имаме.

и тоа е тајна на гравитацијата, исчезнување на светлината
што се ниша
згусната во нашите метални тела.
нашите канџи се нашата суета, татко ми со еден потег ги
стресува
од чипкастите балконски закони.

светот е огромната педикирка Милена, таа ги истребува со
сигурна рака,
таа пее o sole mio, нашите канџи се презрели, голата убавина
љубовта е нашиот долг кон мртвите.

Мирисот на земјата

1.

Ноќта паѓа како претепан келнер
врз подот во барот на студентскиот центар
и некој станува и си заминува. неговиот од
остава траги во снегот, како коски.

полека исчезнуваат опасностите. во нив
набабрува движењето; брзо ќе никне силното
случување на зимата, влажно и меко. можеби
однекаде ќе се спушти месечината. можно е така

да посребренат бадемите. да бидеш посеан, значи
да ѝ помогнеш на земјата да се качи на небото. да го слушнеш
долгото пристигнување на зајаците, нивните тапи стапки.

да имаш јазик значи да имаш мала муцка
потопена во остар воздух и насекаде да оставаш
траги; толку е убава и кратка нашата подготовка.

Предмет
(Изгубен, во својот претежок текст)

Седи околу својата маса,
ја стега шолјата (најмалата шега)
со чај, ја принесува до устата, пие
и пишува непреведливо.

без него, по целата должина,
низ прозорецот ќе пржеше сонцето –
а сега блесокот, божјиот нишан,
чекори по неговата фасада,
спуштено чело. без него зборовите
не се здрвуваат:

патуваат помеѓу телото и времето
во силното никаде. процесот е долг.
значењето е заморно. тој седи околу својата
маса, ја крева шолјата, пие;

и писмото се одмотува како предолг
кучешки јазик, него го опседнува мислата
за посевите, од словото,
темниот зглоб на градот, гласови извираат,
се качуваат, се симнуваат и долго шепотат. семки

во нас најдете ја својата земја.

Преку предметите

Просветлен ли си? нешто нестварно
клечи во твојата форма. оттаму билките го црпат
своето посредство: онаму вреди да се закопаш,
да легнеш како во темна бара и да кажеш јаготките,
јаготките се, она длабоко јамско,
тоа мазно во кое клечам.

а што сè може да се стори со јаготката? можно ли е
да се пречекори? велам другари,
со јаготката може да се создаде име. предметите,
во себе безимени, сосем убаво ги поднесуваат.
мирисливи предмети во летно попладне, во паркот,
на Цветниот плоштад – целата градина излегла
на прошетка и шепоти страшна е мојата љубов,

сета таа ѓаволска вкочанетост. впрочем, сте го виделе
ли некогаш ѓаволот? јас ја видов јаготката. ѝ ги видов
цицките. во еден разговор ми рече во слушалката:
еби се, во мене расте топол јужен мирис, вечерата
е на масата; некој го изнесува светлото од собата и се
помрачува,
ништо ти не си видел, уште ништо не знаеш: оној кој плива
има име; рибата, рибата рече и искрвави од очите,
како да јаде костени

Boxers love eighties music

Четири пати ја читав Lunch Poems
на Френк О`Хара.
потоа во градините држев златна змија,
сркав чај од нејзините отвори и долго
го пржев јазикот зашто чајот беше жежок а јас нестрплив.
змијата рече: кретену еден, како парче изгорено
месо може толку да мисли! во таа болка има нешто
длабоко антидржавно! ја носев таа студена
топка наоколу со денови – дури сега испив сè
и однатре почна незапирливо да избива мракот
ја пуштив и ја заклучив кафеаната. не се враќав
повеќе, два пати ја читав Lunch Poems, сè на
сè и сè заедно два пати, ако не ги сметаме
одделните песни! четири беше само заради ч!
и каква врска има тоа со предметите и кој уште може тоа
да го издржи!

Превод од хрватски: Никола Маџиров

Напишано од
More from РЕПЕР
Геополитика на љубовта
Неодамна, во издание на ПНВ Публикации од Скопје, од печат излезе новата...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *