Филигранство – техника или уметност?

Филигранството важи за една од најпрефинетите и најстари техники кога станува збор за обработката на метал. Нејзина основна карактеристика е плетењето многу тенка, веќе обработена жица.

filigran

Уште во античко време се расправало за поимот занает, за тоа кој е занаетчија, за тоа што е неговата цел. Занаетчија – оној човек што создава нешто од ништо. И тоа нешто е корисно за човештвото. Творец. Тој најпрвин разгледува околу себе, ги набљудува мртвите предмети, потоа селектира, сумира и, на крајот, своето дело го распостелува пред очите на народот.

Поривот на занаетчијата му доаѓа однатре, во вид на идеја, на мечта…. Убавината на занаетот е во тоа што не е само порив, туку и нешто што може и што треба да се изучува, што може да се пренесува од колено на колено, да му се продолжува векот…

За еден занает да опстане, мора другите да имаат потреба од него. Тоа е и основната идеологија на занаетчиството – предметот изработен од занаетчијата да му биде од полза на човекот. Во годините и во вековите наназад, се јавувале многу занаети, во зависност од барањата на луѓето, оти факт е дека занаетите се во полза на човештвото. Занаетчиите работат со голем труд врз своето дело за тоа да му ја олесни работата на човекот. Се јавуваат ковачи, лимари, јажари, самарџии, качари… Предметите што се изработуваат, освен својата доминантна функција да му послужат на човекот, не ја изоставаат ниту естетската функција. Еден од тие занаети е филигранството.

[pullquote align=”left”]Основната карактеристика на филигранството како занает е плетењето многу тенка, веќе обработена жица[/pullquote] Филигранството важи за една од најпрефинетите и најстари техники кога станува збор за обработката на метал. До средината на деветнаесеттиот век, оваа техника ја именувале како жичарство или како работење со жица. Основната карактеристика на филигранството како занает е плетењето многу тенка, веќе обработена жица. Понекогаш дебелината на таа жица е колку едно влакно. Всушност, името филигранство потекнува од латинските зборови: filum (жица) и granum (жито), што укажува на тенкоста на жицата што е во рацете на филигранџијата.

Низ вековите, луѓето се служеле со овој занает колку за да создадат прекрасен накит толку и за други украсни предмети. Но овојпат наша цел е во овој 21 век, кога развојот на технологијата, придружен од брзата динамика на нашето живеење, сѐ посилно го задава својот удар, кога сѐ почесто говориме дека занаетите ни изумираат и кога во секое ново утро во кое се будиме не можеме да бидеме сигурни дали кај нас сѐ уште има некој што негува одреден занает, да ги пронајдеме оние луѓе кои уште со љубов му се посветуваат на некој од занаетите и кои својот креативен потенцијал сѐ уште го вложуваат во тенката жица за од неа да направат нешто што ќе му пркоси на времето – мајстори-филигранџии, кои од ништо прават нешто. И кои, со тоа, не дозволуваат да згасне нешто што е традиција, идентитет, препознатливост…

Затоа, се упативме во Старата скопска чаршија со цел да ги пронајдеме оние од кои можеме да научиме и нешто повеќе за филигранството и за филигранот, но и да осознаеме за тоа која е магијата и колку е силен занесот кога од жицата се прави филигран. Но и за да видиме уште колку дуќани со вистински филигранџии има онаму каде што некогаш ги имало многу. Денес, неспорно, тие дуќанчиња се помалобројни, но добро е што ги има, затоа што во нив сѐ уште се создава историја – историја на традицијата, односно борба за нејзината опстојба.

filigran (1)

Во првиот филигрански дуќан на кој наидовме нѐ примија мошне срдечно – со филџан турски чај, со насмевка и со желба за разговор, оти, како што рече филигранџијата: „Шуќур, некој се сети и за нас да напише дека уште постоиме“.

Го запрашавме за тоа како се изработуваат филиграните, оти за нас тие се само убави предмети, но за мајсторите што ги изработуваат се и збир од многу труд, вложено време и енергија да се направи нешто. „За изработка на накит, според оваа техника или занает, потребно е злато, сребро, а некогаш и бакар“, почна да ни објаснува филигранџијата. „Жиците се преплетуваат, а производот од таа работа е сложен мотив. Тој мотив може да се приложи на метална подлога или да остане слободен, кој се нарекува a-jour-filigran“.

Воздивна, си ја пресече мислата и ѝ даде завршница: „Овој занает знае да направи човекот да не е свесен колку може да создаде. Кога човекот поседува една голема идеја, може да направи многу – почнувајќи од едноставни геометриски форми, па сѐ до цветови и до други сложени облици“.

[pullquote align=”right”]Златниот век на филигранството започнува при крајот на седумнаесеттиот век, а својот триумф го зазема во осумнаесеттиот[/pullquote] Потоа нѐ упати кај друг филигранџија, оти во нашата чаршија, барем филигранџиите меѓусебно не се доживуваат како конкуренција, туку како занаетчии што водат заедничка битка – филигранот во Македонија да не остане затрупан под „дигиталната тврдина“, делат иста судбина и јадат подеднакво корав леб.

А во следниот дуќан, немаше само мајстор, туку и чирак – некој што денес решил да му пркоси на времето и да го изучи овој занает, да ја продолжи традицијата. И токму тој чирак го запрашавме што знае за филигранството, оти бевме сигурни дека знае многу штом денес решил да ѝ се спротивстави на прагматичноста и со љубов да дојде во пазувите на чаршијата за да им се посвети на филиграните. „Златниот век на филигранството започнува при крајот на седумнаесеттиот век, а својот триумф го зазема во осумнаесеттиот“, започна со голема возбуда да ни ги пренесува своите сознанија, радосен што некој се заинтересирал за филигранството – занаетот на кој тој решил да му се посвети. Продолжи: „Главно, филигранот се правел од тенка сребрена жица или од златна вплеткана жица. Најпрвин се преработува среброто, се разлева во тенки прачки, па се кова на наковална и се растегнува сѐ до подготовката на извлекување на металната плочка со серија отвори со различни дијаметри. Растегнувањето на жицата се прави рачно, со помош на клешти, и тој процес се повторува додека не се добие посакуваната дебелина на жицата“.

Потоа, во разговорот се вклучи и мајсторот-филигранџија, оти сакаше да ни бидат пренесени што повеќе информации: „Вистинскиот филигран се изработува со тоа што сребрената жица се поставува како шема, која е база; основата се формира од подебела жица за да му ја даде потребната цврстина на предметот. Потоа се исполнува празниот простор меѓу малите спирали, кои се направени од најтенката жица. Кога ќе се заврши со тој процес на синтетизирање на деталите, конечно доаѓа делот на додатно декорирање, без кој еден филигран не може да се замисли. Во тој процес на декорација може да се вметне и некој драгоцен камен“. И потоа – и тој нѐ упати кај друг филигранџија….

filigran (16)

Кога ги запрашавме зошто се занимаваат токму со овој занает, повеќето од филигранџиите ни кажаа дека овој занает им е наследство од татковците, а на татковците од дедовците… Едноставно – традиција. Некои велат: „Немав друг избор, морав да го изучувам овој занает и да ја продолжам семејната традиција“. Некои, пак, љубовта кон овој занает ја изделуваат како единствена причина. Сите нивни приказни имаат три заеднички точки – трпението, големиот труд и неизмерната љубов кон филигранството.

Одејќи од дуќан во дуќан, нѐ упатија кај филигранџијата Адем, кој се смета за најкомпетентниот занаетчија кога станува збор за филигранството. Го пронајдовме, оти неговото име е испишано и над неговиот дуќан. Нѐ прими со вонсериска љубезност и почна живописно да ни раскажува како својот занает го започнал како дете, како чирак кај покојниот мајстор Симон Јаки. Без претходно знаење, без притисок од домашните за продолжување на семејната традиција, овој човек се впушта во светот на мечтите. Кога затропал на портите на својот учител, првото што му било речено било: „Ако имаш мерак да го работиш овој занает, седи и работи; ако не, остави и оди си“.

Со огромен труд и трпение го изучувал занаетот, па и тој самиот станал занаетчија. Кога ги набљудувате неговите филиграни, вие всушност ѕиркате во неговите визии, кои тој самиот ги претворил во опиплива форма. Кога ќе ставите филигран на себе, вие не сте ставиле обичен накит, тоа парче предмет што стои на вас со своето постоење само ја потврдува вашата уникатност. Секоја нараквица, секој брош, секој пар обетки, сѐ е изработено со многу љубов, труд, умешност, долг временски период. „За изработка на еден предмет, потребна е најмалку една недела континуирана посветеност“, ни укажа филигранџијата Адем, за потоа да си ја „отвори“ душата: „Филигранот не е ништо друго освен уметност. Тој не само што блеска со традиција, со уникатност и со префинетост туку во себе ја сокрива и љубовта на својот творец“.

Нѐ испрати со насмевка, но и со солза во окото, оти стравува дека по него можеби ќе се стави катанец на неговиот дуќан. Го отпоздравивме и ја напуштивме чаршијата со двојство во себе: од една страна, ни беше мило што ги пронајдовме филигранџиите од нашето време, но од друга, се запрашавме дали ќе ги пронајдат и нашите деца ако еден ден се впуштат во ваква потрага и ако сакаат да дознаат нешто повеќе за филигранството и за филиграните.

За жал, иако посакуваме да е поинаку, овој занает, кој не е само занает, туку и креативност и уметност, е еден од оние што се во изумирање. Како што ни кажаа занаетчиите од тесните чаршиски улички, тоа се должи на големата незаинтересираност на младите генерации. „Во век на транзиција и на дигитализација, многу малку луѓе дури и помислуваат на поимот занает. Немаат услови за нови творби, а камоли за опстанок“, ни рече еден занаетчија, во чиј поглед забележавме не само загриженост за својот занает туку и револт.

Жално е тоа што погледот на занаетчијата ни потврди дека денес се губи и значењето на поимот занает, бидејќи освен другите функции, занаетот го храни занаетчијата, но сега се приближува кон поимот хоби, кој подразбира само духовно исполнување.

Напишано од
More from РЕПЕР
Сликата на Истокот и Западот во дел од поезијата на Богомил Ѓузел
Тhe barbarians are coming (имагологијата во стиховите наспроти историјата во стиховите) или...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *