Perchè una realtà non ci fu data e non c’è; ma dobbiamo farcela noi, se vogliamo essere; e non sarà mai una per sempre, ma di continuo e infinitamente mutabile…
(Зашто реалноста не ни е дадена и таа не постои, самите ние треба да ја создадеме, ако сакаме да постоиме, и никогаш нема да биде една иста засекогаш, туку постојано и бесконечно ќе се менува…)
La vita è un continuo movimento e cambiamento, e la forma è una specie di sistema sociale, di legge esterna, in cui l’uomo cerca di fermare e di fissare la vita; per questo l’uomo è prigioniero di queste forme, di questi schemi sociali in cui si rinchiude o da se stesso o per opera della società.
(Животот е едно постојано движење и промена, а формата е еден вид општествен систем, надворешен закон, во кој човекот се обидува да го запре и фиксира животот. Токму затоа тој е заробеник во тие форми, во тие општествени шеми во кој се затвора или самиот себе или го затвора општеството.)
L. Pirandello / Л. Пирандело
Луиџи Пирандело (1867–1936), е познат италијански романсиер, драматург и раскажувач, роден во Агриџенто (Италија) во 1867 година. Тој е еден од најзначајните автори на новели. Треба да се споменат Гол живот (1911), Стапица (1915), Карневал на мртовците (1919), Ти се смееш (1920), како и многу, многу други. Во 1922 година Пирандело се зафаќа со систематизирање на бројните новели. Намерата му е да ги смести во 24 тома од кои секој требало да содржи по 15, односно вкупно 365 новели. Насловот на збирката Новели за една година требало да ја означи можноста читателот да чита една новела дневно и, на тој начин, да ја сфати апсурдноста на постоењето. За жал, смртта го спречува да го доврши започнатото така што од предвидените 365 новели напишал вкупно 251 (26 се објавени постхумно). Во голем број случаи новелите на Пирандело претставуваат само првична скица за романите и театарски дела.
Неговите личности се обични луѓе кои се принудени секојдневно да се справуваат со егзистенцијални проблеми, со случајноста и со смртта. Во нив не сретнуваме претставници на високата буржоазија, туку обични луѓе кои би можеле да ни бидат соседи, сопственици на мали дуќанчиња на кои судбината и семејните драми им го пореметуваат вообичаениот животен тек, потоа професори, пензионери, дадилки, шивачки итн. Личностите во новелите на Пирандело зборуваат и размислуваат онака како што тие чувствуваат, но на крајот секогаш стануваат жртви на случајноста која ќе ги прикаже во поинаква и изменета форма.
Иако Пирандело се смета за следбеник на веризмот во сицилијанската школа, во неговото творештво е доста изразено присуството на релативистичката визија на животот и на светот, со што се смета за претходник на она што спаѓа во доменот на модернитe теми. Чинителот што го сместува Пирандело во групата на најзначајните претставници на италијанскиот и на европски декандентизам, е присуството на еден нов немир во неговото творештво, немирот на човекот кој напразно се обидува да им се спротивстави на животните шеми, при што залуден е секој негов напор да се справи со формата (маската) и со животот (автентичноста)..
[pullquote align=”left”]Во творештвото на Пирандело, како што е веќе споменато, провејува психолошкиот релативизам[/pullquote] Во творештвото на Пирандело, како што е веќе споменато, провејува психолошкиот релативизам кој се огледува во меѓусебниот однос на човекот со другите луѓе или, пак, во односот што човекот го има сам со самиот себе. Човекот се раѓа слободен, но случајот интервенира во неговиот живот попречувајќи му го секој избор. Се раѓа слободен во едно предодредено општество каде на секого му се доделува улога според која треба да се однесува.Секој е принуден да ја следи улогата и правилата што општеството му ги налага, иако неговото јас би сакало да се пројави на инаков начин: само со интервенција на случајот може да дојде до напуштање на една форма и попримање на друга, како што е примерот со ликот од Покојниот Матија Паскал.
Човекот, значи не може да ги разбере другите ниту, пак, самиот себе, зашто секој живее носејќи, свесно или несвесно, маска зад која се кријат мноштво различни и неспознајни личности. Еден бидејќи секој човек мисли дека е единствена единка со особени карактеристики, сто илјади бидејќи човекот, зад маската, има толку личности колку што се лицата што даваат суд за него. Ниеден бидејќи, парадокслано, ако човекот има сто илјади лица всушност, не поседува ниедно, во постојаното менување не е во состојба да застане на вистинското „јас“. Се разбира, ваквите размислувања се највоочливи во романот Еден ниеден и сто илјади.
Но Пирандело светската слава ќе ја стекне по 1916 година, кога речиси целосно ќе му се посвети на театарот кој тој го нарекува театар на огледалото, зашто во него е претставен вистинскиот, гол, горчлив живот, без маската на лицемерието и на општествените норми, со цел гледачот да се види во огледалото онаков каков што реално е и да се обидува да стане подобар. Пирандело се смета за еден од најголемите драматурзи на сите времиња, автор кој извршил своевидна револуција во театарот на ХХ век. Со своите 44 драми тој се смета за еден од најплодните автори во тој жанр. Неизбежно е да се споменат (Размисли, Џакомино, 1917; Човекот, ѕверот и доблеста, 1919; Шест личности во потрага по авторот, 1921; Хенри IV, 1922; Секој на свој начин, 1924; Стомна, 1925; Не се знае како, 1935 и др.)
Во делата на Пирандело присутна е маската, онаа маска која човекот ја прифаќа, што самиот си ја закачил, или онаа преку која другите тежнеат да го идентификуваат. Се обидува да докаже дека е она што тој верува дека е, да ја извади маската која му е наметната и очајнички реагира но, немоќен да се спротивстави или разочаран кога ќе сфати дека му се припишува нова маска, тој се помирува со неа. Живее несреќен, свесен за јазот меѓу животот кој би сакал да го живее и оној кој другите го принудуваат да го живее онака како што тие гледаат на тоа.
Тогаш тој ќе се затвори во својата осаменост што ќе го доведе до драма, лудило или самоубиство. Токму од тој стремеж, за достигнување недостижна цел, ќе се роди лудилото. Единствен начин за човекот да живее за да го најде сопственото јас, е да прифати дека нема идентитет. Туку само сто илјади парчиња (според тоа дека е никој), да ја прифати комплетната отуѓеност од самиот себе. Сепа,к општеството не го прифаќа релативизмот, а оној што го прави тоа е сметан за луд. Токму во драмите Хенри IV, Шест лика во потрага по авторот како и во романот Еден, ниеден и сто илјади лудилото се јавува во функција на инструмент за оспорување на лажните форми на општествениот живот, оружје кое ги крши конвенциите и ритуалите, сведувајќи ги на апсурд и откривајќи ја нивната празнотија.
Хенри IV е трагедија во три чина напишана во 1921, а премиерно поставена на сцена на 24 февруари 1922 во театарот Манцони во Милано. Претставува вистинска студија за значењето на лудилото и за сложениот однос меѓу ликот и човекот, фикцијата и вистината.
[pullquote align=”right”]Спротивно на она што може да се заклучи од насловот, Хенри IV не е историска трагедија туку Пирандело ја користи таа династичка титула со цел да направи студија од трагичен тип со универзални димензии[/pullquote] Спротивно на она што може да се заклучи од насловот, Хенри IV не е историска трагедија туку Пирандело ја користи таа династичка титула со цел да направи студија од трагичен тип со универзални димензии. Хенри IV на Пирандело не владее со никаква империја, тој е наш современик, човек без име, жртва на повреда на главата при паѓање од коњ, при што, како последица од ударот, полудува. Се замислува дека е германскиот император Хенри IV, централна личност во средновековната историја, познат по неговите несогласувања со папата и по трагичниот крај. Само по себе ова дообјаснување е од сосем мала важност, зашто Хенри на Пирандело владее со едно лажно кралство, опкружен со актери, кои заедно со неговото семејство му удоволуваат во лудилото. Актерите ги менуваат улогите во зависност од улогата во претставата која лудиот секојдневно одново ја измислува. Нема никаква важност што одредени детали не придонесуваат кон веродостојноста на декорот бидејќи главниот лик не го забележува тоа. Такво едно лудило има комичен потенцијал кој Пирандело го внесува во првиот чин. По смртта на еден од актерите кои го опкружуваат Хенри, семејството ангажира нов комедијант. За Пирандело тој претставува совршено воведно средство во тоа лудило кое трае повеќе од дваесет години. Истовремено со пристигнувањето на новиот актер, семејството на лудиот одлучува да повика специјалист за психички болести, познат по успесите во оттргнување на болниот од неговиот свет.Комичниот тон од првиот чин му го препушта местото на трагичниот во вториот и во третиот чин. Пирандело, во почетокот, ги спојува обата света: реалниот и имагинарниот, обидот за излекување и секојдневието на лудиот. Токму од тој спој на реалното со универзум пресоздаден според димензиите на лудилото на еден човек ќе се роди драмата. Затворениот свет на Хенри не го поднесува реалниот свет. Бесмислената логика на лажниот император не прифаќа елементи кои за него не се споредливи. Тогаш семејството облекува костими, игра улоги, се инкарнира во одредниците на менталниот универзум на лудиот.
Дементната логика на Хенри, кога тој се појавува на сцена, е многу необична: тој повеќе наликува на режисер на неговото сопствено постоење отколку на луд човек, затворен во својот необичен универзум. Неговите блиски се плашат од неговиот контакт со реалниот свет, повикуваат лекар но не сите го посакуваат неговото оздравување, напротив, прават сè да го одржат неговото лудило градејќи микрокосмос со што би го убедиле во реалноста на неговата инкарнација.
Но, илузиите се смртни. Хенри остарува, но и натаму мисли дека инкарнира млад император, блиските ги играат сите улоги, само костимите се менуваат. Недоследностите се акумулираат сè додека не се урне целата градба. Хенри го запира времето, го блокира просторот, живее во една едноставна фикција додека силите на универзумот ја разнишуваат механиката. Хенри не е личност во потрага по авторот, туку автор-личност која го подредува светот на неговата дементна волја. Тој фиксира една ситуација која може да биде само привремена рамнотежа. Затворен во постојан декор, тој пропушта да го реактуелизира лудилото. Тогаш, и покрај тие врски, реалниот свет ќе му се спротвстави со својата комплексност на имагинарниот, едноставен и неподвижен универзум на Хенри. Неговите блиски сметаат дека за него сè уште постои можност да се поврати. Но, она што не знаат е дека од пред неколку години лудиот станал луциден. Но, свесен дека не може да го врати времето што го пропуштил, одбрал да остане во својата фикција наместо да се соочи со безредието на неговото постоење. Одлуката да се врати во лимбот – затвор на лудилото се должи на констатацијата дека во светот нема повеќе место за него.
Хенри IV може да се смета за трагедија на човечката емаргинација во едно свесно алтернирање на фикции кое го вовлекува читателот во игра со огледала.
Во соработка со пријателскиот портал Купикнига можете да ја купите книгата на следниов линк.