Како би кажале вие: обелив со текот на годините или обелев со текот на годините? Снегот го обелил дворот или снегот го обелел дворот?
Несомнено е дека се точни и рамноправни во однос на нормата сите форми (обелив и обелев, обелил и обелел). Сепак, има една основна разлика во нивното граматичко значење, па оттаму, во зависност од контекстот во кој се појавуваат, ќе се одбере и нивната промена по раздели.
[pullquote align=”left”](обели, ожолти, оцрни, побели, пожолти, поцрни)[/pullquote]Всушност, од семантичка гледна точка, овие глаголи имаат идентично значење – ’добие својство што е означено со придавката во основата‘. Тоа својство може да се однесува на бојата (обели, ожолти, оцрни, побели, пожолти, поцрни), на одредена физичка карактеристика (ослаби, ослепи, остари) или на некоја психичка состојба (оглупави, побудали, полуди). Колебањето во изборот на разделот се решава со помош на категоријата преодност. Имено, глаголите што се менуваат по и-разделот се преодни, а оние по што се менуваат по е-разделот – непреодни. Кажано со поедноставни зборови, ќе кажеме обелев тогаш кога зборуваме за самите себе, а обелив тогаш кога сме обелиле нешто или некого.
[pullquote align=”right”]обелев = станав бел, ослепев = станав слеп, полудев = станав луд[/pullquote]
Така, значењето на глаголите што се менуваат по е-разделот би можеле да го интерпретираме со зборовите ’стане некаков‘, односно: обелев = станав бел, ослепев = станав слеп, полудев = станав луд итн. Оттука и – обелев со текот на годините, а не: обелив со текот на годините.
Од друга страна, пак, значењето на глаголите што се менуваат по и-разделот е ’направи некого/нешто некаков/некакво‘. Така, ќе имаме: обелив = направив некого/нешто бел/бело, ослепив = направив некого/нешто слеп/слепо, полудив = направив некого/нешто луд/лудо. Значи, ќе кажеме: снегот го обелил дворот, а не: снегот го обелел дворот.
Од изнесеното произлегува дека во врска со овие глаголи не постои погрешна форма (и обелев и обелив се прифатени од страна на нормата), но важно е да се употребат правилно нивните форми во соодветниот контекст.
За вашите јазични проблеми и препораки – обратете ни се на mak.katce@gmail.com.
Фотографија: Robert & Shana ParkeHarrison