Одломки од книгата „Кога ни гореше под нозете“

Одломки од книгата КОГА НИ ГОРЕШЕ ПОД НОЗЕТЕ од Катица Ќулавкова.


Ви претставуваме неколку песни од најновата поетска книгата на академик Ќулавкова. Книгата е  издание на Поетики. Ве повикуваме на прочит и посакуваме да уживате во извонредната поезија.

flowers-clouds-grass-nature-peaceful-sky-wind

Стапица : од сон во сон

Ти кажав, конечно
’Ова не е првпат
што те гледам на сон
жонглираш со жар
го разгоруваш
црното, а тоа
припиено за тебе
ти влегува под кожа
се зари во фурната
озрачено

сè е озрачено
во оваа ложа, овој полусон

и мракот светка
свеста се тетерави
зàр фрла, зàр по зàр
за ќар, за ќеф, за нар

а ти седиш опуштено, на земја
зад тебе небото
– единствена сценографија
без реквизити
небо и ништо друго
или јас не видов –
зафатена од чудење.

Ни прв, ни последен пат.

*****

Не знам кој ѓавол ме натера
да те допрам
по темето –
онака поштено, женски
да ти штукне умот

небаре животот ми виси
на конец
во клинч

меѓу можното
и невозможното

една сосема мала смрт
беше на повидок.

’Човек има потреба од екстаза‘
реков ненадејно
и се џитнав
во длабокото.

Обично влегувам
пополека, кротко.

’Толку ли си жедна?‘
ме праша, како да не ме праша.

*****

Беше ноќ на Сина Месечина
кога тргнавме, едно-до-друго
небаре едно
во небрано
по калдрмата
на стрмните улици
од стариот Град.

Мирисот на море
нè запафна со плимата
* ги исфрли школките во плиткото
ја нанесе солта во коритото

и се повлече назад
во сеќавањето.

Од умот не ми излегува
и сега
оној слатко-кисел вкус
на поривот да се биде заедно
од врелото до грлото
и потаму, до утопија.

И сега, штом се сетам
на тоа место што го нема
чакрите ми се отвораат
пршлените крцкаат
свежо уловени јастози
и за мене, и за тебе
дувка свеж зрак низ ’рбетот
и машки, и женски

мене кај левата, тебе кај
десната страна на челото.

’Имаш ли претстава колку време треба
за да стигнеме до крајот?‘
праша тогаш.

„Зависи од тебе“, реков јас.

*****

Одевме долж бедемите
секој со својата Сенка во себе.
Секоја темнина – своја светлина.

Беше дива ноќ, полноќ
опседната од страсти

Беше доба на доброволна несоница
и слатки муабети

’Животот и смртта се две лица
на една иста монета‘, реков.
„Мојата монета има исто лице
на двете страни“, кажа без да трепнеш –
небаре блефираш.
’Штета, а како правиш разлика?‘
„Си ја замислувам“.
’Ами онаа разлика која постои сама-по-себе?“
„Таква не познавам“.
Твојот збор беше последен.

Разговаравме до бесвест
кога ти скршна од патот
и рече: „Ела ваму.
Доста беше зборување.
Ноќва ќе има
дожд на метеори“.

*****

Би го живееле секој својот живот
Ама нè спопадна, еден ден, ист зазор
од неизразената страст.

’За страста знаеш
колку за змијата во езерото.
Ни кај ќе шмугне, ни кај ќе искрсне‘.

„Некои работи не се гледаат
со голо око, а за некои
не се зборува“, рече ти
и ми го подаде дурбинот.
Ни требаше двоглед.

’Кога постои, таа е секаде
во исто време, стихија
и сирова, и сурова –
растур прави‘.

„Нема лезет пливањето, ако помине
во страв од змии“.

’Сепак, на крај, како и секоја стија,
ќе се врати во своето дувло‘.

„Се предаваш ли?“,
ме праша тогаш мртов ладен
како да играме шах,
а мене ми дојде, природно
да замижам.

*****

Од време-на-време
се вртевме во круг
за да те пипнам, од сите страни
за да ме пипнеш, од сите страни
во ôд
се спрепнувавме
или сакавме да се спрепнуваме
за да биде повозбудливо
и да трае подолго
кога ќе се дочекаме
еден со друг
интимно
на самиот врв
на голготата

тврди ореви со меки јатки
секој си го доби своето
и плус нешто
повеќе.

‘Премногу арно не е на арно‘ –
мислев јас
ама молчв, овој пат
нејќам да кобам.

*****

„На овие висини кислородот е редок –
врати се дома, додека не е доцна“
ме
опоменуваш.

’Ми кажуваш од искуство?‘ –
прашувам јас, во трема
(повеќе гаталец одошто паталец)
и се загледувам
надоле, во долниот
свет

секогаш ми било полесно
да се пентрам по угорниците
одошто да се тркалам
по удолниците.

„Пропаста те привлекува
како да има некоја крвна врска
меѓу вас“, велиш ти.

‘Многу повеќе темното
како такво‘.
Темен потон во којшто тонам
осветена. Еве, на пример,
сега би летнала,
ама кој ми гарантира дека
е ова навистина сон?

*****

Во оваа фикција
облечен си спортски
во медена боја
на младешка кожа –

таман колку што треба
за да посакам
да те посакам

пак одиме во незнајна насока
веќе ме фаќа сафра
од премногу таинственост

и ни самата не знам
дали го живеам или го боледувам
овој жестоко пробивен простор
на имагинацијата
овој туѓ живот во мојот живот
оваа мечта – цимерка
која без престан ровари
по станот, овој порив од којшто
утробата ми се превртува
како митска палачинка,
рипа во паника, фрлена во искушение,
се тетерави како фатаморгана
над македонските градови

а воздухот само што не се запалил
сам од себе, и дење и ноќе
пека пеколно Скопје
на плус 50 степени
летни стии, ХААРП
горештини.

’Денес, и она што изгледа природно
не е природно‘, велам јас и
те шмукам со погледот.

„Надежта умира последна“, велиш ти
отсутно и одиш некаде, да играш.

*****

„Колку смеам да те потрошам?“
праша ти, на една кривина.

’Некои прашања не се поставуваат‘
велам јас, а ми доаѓа да речам
’Што правиш, кога те нема никаде?‘

„Си играм самиот со себе“
одговараш ти.

’Нема крај таа
игра‘.

Мечка во вреќа.
Мачка во вода.

„Вишокот опсесија е, всушност,
плацебо ефект“, ти велам тебе
ама како да си велам самата себе.

*****

’Само еден гест одлучува
што понатаму со нашиот живот
и на кој начин ќе го изгубиме‘ –
велам, и си ги горам
прстите
вртејќи ја палачинката
над ринглата
на голо

ти, едвај чујно, коментираш –

„Не е страшно, рана како рана
ќе зарасне“

и напросто продолжуваш
божем ништо не се
случило.

’Им верува ли овој човек
на своите зборови?‘
си думам, за себе, и
мачкам џем од малини
на палачинката.

*****

Вешти во немуштото поттурнување
преоѓаме еден во друг
од еден во друг сон
со леснотија, со силата на
чистата волја

секогаш може повеќе
уште малку
чук, чук оганче
качи се погоре
влези повнатре
не излегувај
остани подолго
запали ја куќата
љубовта е игра
ама каква
и така натаму

сè додека не стигнеш до она место
кај што зборовите се излишни
границите – разградени
забраните – заборавени
а телата и душите се претвораат
во една еклектичка смеса –
ни жолчка, ни белка.

Мама нè вика да лизнеме
од пандишпанот
пред да го стави
во рерна, на 180 степени.
Пред да стане раванија.

*****

Крајот ни се измолкна, изгледа,
зашто еве нè, повторно заедно
во не знам кој сон по ред

небаре од сонувањето ни зависи
сè во животот
небаре ни виси наопачки
Обесен младич
а ние, играчки си играме
на вересија
сметајќи тврдоглаво
на онаа безобразна безусловна вера

која ќе нè докусури
како бомбастична хипотека
еден прекрасен ден.

И нема да биде за првпат.
Не научивме ништо од минатото.
Секој ја прави истата грешка
на свој начин. Нема место
за тројца, ама секогаш има тројца.

’Мојот живот одамна не е мој, а туѓ‘
– думкам јас.

„Умеам јас со туѓите животи“
– се смешкаш ти.

*****

Тогаш се случи чудо:
ти запеа една неовдешна песна
– колку понеовдешна, толку поубава –
песна појна и опојна
песна со спокој испеана
со сон оросена

јас пиев капучино –
обично пијам еспресо
се белееше пената и врз неа
трошките цимет, теракотните честички
канела, струготинките
од другиот живот

– доволно за да се подлажам –

а ни сега не знам што опеваше
ни кого, единствено се сеќавам

душата ми дојде на свое место
и пак ми доаѓа, при секоја помисла
на обредот и на пеењето.

’Не е тешко‘, велиш ти
налактен над животот,
ни лежејќи, ни седејќи.
Ни таму, ни ваму.
’Ја знам песната напамет.
Ја кажувам наизуст.
Ако ти заборавиш, јас сум тука‘.

*****

Враќајќи се дома, доцна, со празни раце
ја сретнав мојата двојничка –
пробаше обувки на отворено
под отворено небо
застанав за миг и
ѝ објаснив како изгледаат добри чевли
* рачно работени, од најфина кожа,

мека како клепките на очите
како цветот на алгите
во август и септември

ми се пристори дека се наоѓам во Рим,
како некогаш, кога одев на прием
кај Папата и си купив
пар римјанки
пар позлатени апостолки
што, после, долго, со години
не можев да ги износам
па ги подарив некому

а ми стоеја
супер.

„Кај си тргнала вака боса?“
ме праша таа
а јас не знаев што да ѝ одговорам.

Напишано од
More from РЕПЕР
Утрото на 11 септември 2001
Педро Гиљерме-Мореира (роден 1969) е португалски романсиер. Утрото на светот е негов...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *