Поврзи ги точките

Претставуваме избор поезија од новата книга на Николина Андова Шопова - „Поврзи ги точките“

povrzi-gi-tockite

nina-andovaНиколина Андова-Шопова е родена на 3.2.1978 година во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува поезија, а нејзиното хаику е вклучено во антологијата на новиот македонски хаику-бран. За својата прва поетска книга, „Влезот е од другата страна“ („Темплум“, 2013), ја доби наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга, со што стана и првиот македонски автор што е добитник на ова престижно меѓународно признание. „Поврзи ги точките“ е нејзина втора поетска книга.

Чукни пред да влезеш

Биди секогаш внимателен, чукни пред да влезеш
знај дека во собите кои се во тебе
секогаш има некој
Остани најдолго во оние каде ќе те примат без збор
во кои ќе влезеш и ќе седите
долго молчејки
Некои од нив ќе те прашаат за името, ќе те поканат да седнеш
ќе те понудат со колачиња, ќе ти го придржат палтото
ќе потрчаат по тебе ако го заборавиш чадорот
Некои ќе ги видиш само низ окцето на тишината
на вечно затворените врати
и често нема да знаеш дали сите тие се твои гости
или пак ти едноставно не си дома

Мед и тишина

Секогаш ми е тешко да решам
кој мед да го одберам на пазарот
планински, шумски, ливадски…

Видовите тишина уште потешко ги одбирам
зашто ги има повеќе од медот
има планинска тишина
подрумска тишина
шумска тишина
гробна тишина
ливадска тишина
училишна тишина
селска тишина
таванска тишина
градска тишина
домашна тишина
тетарска тишина
љубовна тишина…

Сум видела како пчелите му прават ракав
од неисплетен џемпер на пчеларот
а не знам кој го создава саќето на тишината
и како да ја припитомам, да не ме боцне

Кружи ли кружи

Kако ја составуваме стварноста?
Како играчка-вовче со железница од илјада делчиња
Да го ставиме ова парче од шините тука или онаму?
Колку ќе биде широк лакот кога нештата
ќе си го најдат местото?
И секогаш остануваат некои пластични делчиња
кои не знаеме каде припаѓаат
и како да ги идентификуваме
Можеби се вратите од вагоните, можеби спојките од локомотивата
или парчиња од причините за нашите нови граници

И секогаш е така, распарчен и без батерии
сѐ погласно го слушам пиштењето на возот
кој кружи ли кружи
кружи ли кружи

Патувам

Патувам, и најчесто
ги менувам улогите, си мислам
како би било да сум жената што седи спроти мене
со филигрански брош на блузата
како би живеела, каде ли би одела
кому би му се враќала
Или да сум оној задреман човек со калливи чевли
и чешел во џебот на старото палто
Или пак да живеам во трошната куќа со јагленосани прозорци
која штотуку ја одминавме
или во онаа подолу, со петунии на балконот
со истрижаната зеленика и празната лулашка на тремот
Или да сум напрегнатиот сончоглед во полето
што нѐ дочекува со ситен дожд по стаклата
или пак кучето скитник што лае по автобусот
и којзнае зошто тажно гледа по него
И секогаш по ваквите патувања се враќам со умножени животи
врзани во јазли во волнена бројаница
и никогаш не знам кој е првиот а кој последниот
каде почнувам јас, а каде другиот

Ајде да му избегаме на времето

Ајде да му избегаме на времето
што ни се заканува со оптегнат лак
и нѐ нишани со малата стрелка
Ова сакав да ти го кажам
– ако поминам со раката низ некоја географска карта
нема да ги напипам ни планините ни врвовите
нема да се намокрам ниту да ги наполнам рацете со земја
така и ноќва кога поминуваш со раката низ моето тело
нема да најдеш ни прав ни ветер, ни остатоци
од моето име што секојпат одново се раѓа
Зашто не знам колку време помина вечерва
минута, час, година, целиот живот
можеби
Понекогаш кога ќе погледнам горе и долу
не знам која трага ми се чини подолга
онаа од млазот на авионот на небото
или онаа што полжавот ја оставил зад себе

Подвиткај ги овде зборовите

Подвиткај ги овде зборовите
И уште еднаш од другата страна
Направи од нив хартиени бротчиња
потоа пушти ги низ вирчињата на улицата и почекај
Слушна? Вресна еден галеб па замолкна
По него сирената на еден патнички брод
што се пробива низ карпите и митовите
Товарните бродови со јаглен и со твојот маглив здив
ги палат своите светла во далечината

Излези и види како светот се претвора
во едно големо огледало од вода
во кое никогаш ништо не потонува

Напишано од
More from РЕПЕР
Поетот кој ѝ стави качкет на турската поезија
По повод 100-годишнината од раѓањето на поетот Орхан Вели
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *