Сина димензија

Неколку раскази од досега необјавуван автор.

Прашина
Некогаш постоеше прашина, со чија помош од ветрот се
создаваше живот, вечен сон во поднебјето на разбудените
сонувачи. Нè создаде нас несакајќи, спонтано, вртејќи се во
вечен круг без никакви податоци и претходен план за
идниот живот во самите нас. Во тоа величенствено сино небо
се беше постелил светло-жолтикав тепих од ситни зрна во
нерамна површина. Беше тоа еден ден во бескрајната
бројаница од денови кога и денот беше неден, како и сè
останато. Противречност демнеше од секој агол. Сешто
сакаше да биде создадено по неброен пат. Но создадени беа
тие кои успеаја да ја надминат ненадминливоста во која се
создава срж од магнетни резонанци, на вечно танцување во
постелнината од тие зрна во чиј облик се развива. Јас се
сеќавам на мигот кога бев создаден да танцувам со тебе.
Зрната шепотеа нечујни нешта, кои се разбираа само преку
чувствената продорност. Ги слушавме љубопитно и
очекувавме тајната да биде разоткриена пред нас, но наместо
тајната откривме нешто друго. Го откривме патот кој
нераскинливо нè дели. Нè дели на два, наместо на еден. Сега
се подаваме еден на друг наместо еден во еден. Звукот, видот
и допирот ни претставуваат замена. Замена за да ги
користиме вечно кога јас и ти се наоѓаме во тишината како
откритие наместо тајната. Нив полека ги збришуваме од
нашите поимствени зданија за конечно да влеземе во кругот
на вечното незавршено дејство. Сето ова резултира со зрна
солзи од песок, галење на нашите чувствени пространства, и
допирот како последен дофат на надежта. Зрната ги нема
повеќе, тие се претворија во нас, а ние во нив. Ни остана само
сонот во кој ни ветија дека ќе проговорат во нас како и ние
во нив со нашата љубопитност. Во таа сина димензија
прашината и ветрот своето веќе го направија. А ние кога
нашето?

space-1573763_1280

Ноќ
Падна ноќ. Таа долго очекувана ноќ, за која и универзумот сонуваше
да постане дух во материја. Месечината се беше облекла во
величенствениот бел фустан кој вообичаено го носеше на средината
од месецот. Чудесно ја одблескуваше светлината на одамна зајденото
сонце. Единствен зрак во даден миг… Таа веќе ме допрела за рака. Не
ѝ го осетив допирот, туку топлината. Бев понесен од состојбата.
Слегувавме по скали кои водеа блиску до бранот, езерото, мирисот.
Дуваше силен ветар. Јужен. Топол. Нејзините бујни, виткани косни
влакна се разминуваа по лицето мое, небаре во претчуство трагаат по
солзите кои упорно ги криев во внатрешноста на моето тело.
Стисокот на раката беше поголем од вообичаениот кој ми го даваше.
Почнав да капам. Ја почувстував нејзината рака како сантиметарски
се искачува под моите очни капаци. Ги бришеше кристалите кои
неуморно паѓаа хоризонт-вертикално во бранот, во езерото.
Безрезервно се впушти во борба против нив. Бев само инструмент,
тело врз кое се разминуваа силите, нежностите. Изустив – „немој,
попусто е, тоа е посилно од нас“. Беше неуморлива… Ѝ го почувстував
телото во соединение со моето. Постанаа едно. Бестежинско –
тежински тела. Месечевиот одблесок кој веќе нè беше понесол врз
просторот, се чувстуваше на хоризонтот. Почувствував страв, но
нејзината рака остана врз моето лице. Топлината сеуште ја
чувствував. Одблесокот се намалуваше. Последниот зрак, последната
светлина на мигот, исчезнуваше. Но таа… таа остана. Дури и во ноќта…
во недостатокот на светлината… бидејќи и самата тоа беше…

night-1629980_1280

Дали?
Дали животот е живот, ако во зеленилата помеѓу потопената вода не
стоиш ти како под закрила на мојата изморена состојба и свест? И
покрај убавината на твоето движење, ти сепак стоиш стуткана, со
сурови солзи, уништувајќи ги, но истовремено и потхранувајќи го она
што е под тебе. Чекорите веќе не ни ти ги знам, а и ко за инает ги
бришеш насекаде каде што си оставила белези. А јас пак, мислам дека
сè уште се чекаме во малата куќарка наспроти двајцата нас, за која
само јас и ти знаеме дека таа има надмоќ да лета, но само под наша
наредба. Останатите ноќи ми служат само како исповед над самиот
себеси, како заборав над сè останато, како флуидна реакција на онаа
банална и статична сфера на денот помеѓу светлините. Разложи ми,
како што светлините ми разложуваат фантастични бои пред моиве
очи, за што воопшто ќе ми служат тие ако воошто ја немам онаа срж,
оној нус, она движење кое те умртвува и те ожувува за цела вечност, и
само што ќе отвориш очи, ти си веќе заборавен од самиот себеси.
Умртвена поимизација. Целосно отсечена. Не е вистина тоа дека ние
не летаме… летаме и тоа под дејство, под дејство на целосно наша,
внатрешно обоена сфера. Мачно и анксиозно е сè што е постаро од
вечното сега, бидејќи се знае дека тоа веќе поминало, а тоа што веќе
поминало е само обична и мртва сфера во овој жив свет наречен
состојба. Ако се прашувам јас тогаш се прашуваш и ти, а заедно со
тебе и цела наша сфера. Создадени сме за да дадеме одговор, а не
пофалба. Одговорот наш е вечен сјај во крајноста наречена
бескрајност. Цело човештво свири и пее за нашиот даден живот, те
молам не го сопирај. Остави нека се измеша секакво созвучје… Остави
ги нека од хаосот направат прекрасен мир и тишина, наречени Ти и
Јас во вечна еднинска заднина. Остави нека слават за нашето
постоење во овој свет лажно наречен пекол. Пеколот го створивме
ние, и ние ќе го промениме. Во нас е тишината по која упорно трагаме
без да чуеме звук. Таа е веќе звукот кој нè води од состојба во состојба
за на крај конечно да те сретнам, а ти да ме погледнеш, и со таа твоја
неопишлива насмевка да ми всадиш никулец кој повторно ќе служи
како симбол на вечната тага наречена среќа, која привремено
умртвува за повторно да создаде. Да, да нè создаде нас во
попрекрасна состојба од претходната, чии звуци ќе удираат врз нас
како експлозии од атомски аплаузи, славејќи нè нас, но и сето
останато, во рацете на единственото. Ако не сега, чувам надеж за
навидум идното време, надевајќи се на… вечното сега…

Тагови од објавата
,
One reply on “Сина димензија”