Алесандро Барико

Сè започнува со прекин. ПОЛ ВАЛЕРИ

МИСТЕР ГВИН
(Извадок)
Tout commence par une interruption.
PAUL VALÉRY

Сè започнува со прекин.
ПОЛ ВАЛЕРИ

1.

birdДодека чекореше по паркот „Риџентс“ – по една патека што ја одбираше секогаш, како и многумина – на Џаспер Гвин одеднаш му стана совршено јасно дека она што го работи секој ден за да си ја вади живеачката веќе не е за него. И порано бегло ќе му се појавеше таа мисла, но никогаш толку чиста и угладена.

Така, откако се врати дома, почна да пишува една статија, која потоа ја отпечати, ја стави во плик и лично ја однесе на другиот крај од градот, во редакцијата на „Гардијан“. Го познаваа. Одвреме-навреме соработуваше со нив. Побара, ако е можно, да почекаат една недела пред да го објават текстот.

Статијата се состоеше од список на педесет и две работи што Џаспер Гвин си ветуваше дека нема веќе никогаш да ги направи. Првата беше: да пишува статии за „Гардијан“. Тринаесеттата – да учествува во средби со групи ученици за време на кои ќе се преправа дека е сигурен во себе. Триесет и првата, да се фотографира со раката на брадата, во замислена поза. Четириесет и седмата, да се труди да биде срдечен со колегите, кои во суштина го презираа. Последната беше: да пишува книги. На извесен начин така затнуваше троа надеж што можеби ја оставаше со претпоследната, малку нејасна: да објавува книги.

Треба да се каже дека во тој момент Џаспер Гвин беше писател во голема мера во мода во Англија и доста познат во странство. Дебитираше дванаесет години пред тоа со еден трилер сместен во некое село во Велс во времето на тачеризмот: еден случај на мистериозни исчезнувања. Три години потоа, објави краток роман што раскажуваше за две сестри што решиле никогаш повеќе да не се видат: на стотина страници тие се обидуваа да ја остварат таа скромна желба, но работата остануваше невозможна. Романот завршуваше со маестрална сцена на еден пристан, зиме. Освен еден кус есеј за Честертон и два расказа објавени во различни колективни збирки, делото на Џаспер Гвин завршуваше со третиот роман, долг петстотини страници. Беше мирна исповед на еден стар олимпиец по мечување, поранешен морнарички капетан и најавувач во забавните емисии на радио. Беше напишан во прво лице и носеше наслов „Со изгаснати фарови“. Почнуваше со следнава реченица: „Често сум размислувал за сеењето и за жнеењето“.

Како што имаат забележано многумина, трите романи беа толку различни меѓу себе што со голем напор можеше да се препознаат како плод на истата рака. Појавата беше доста чудна, но тоа не му попречи на Џаспер Гвин за кратко време да стане писател познат кај читателите и почитуван од големиот дел од критиката. Неговиот талент за раскажување, впрочем, беше несомнен, а особено запрепастуваше леснотијата со која умееше да се задлабочи во главите на луѓето и да ги претстави нивните чувства. Како да ги знаеше зборовите што секој би ги кажал и како да ги мислеше однапред мислите на секого. Не беше за изненадување што многумина во тие години сметаа дека е разумно да му се предвиди блескава кариера.

Сепак, на возраст на четириесет и три години, Џаспер Гвин напиша статија за „Гардијан“ во која набројуваше педесет и две работи што од тој ден никогаш повеќе нема да ги направи. Последната беше: да пишува книги.

Неговата блескава кариера веќе беше завршена.

autumn-leaves-art-wallpaper

2.

Утрото кога излезе статијата во „Гардијан“ – на многу видно место, во неделниот додаток – Џаспер Гвин беше во Шпанија, во Гранада: му се стори згодно во тие околности да постави извесна дистанција помеѓу себе и светот. Одбрал толку скромен хотел што во собата не беше предвиден телефон, па така утрото мораа да се искачат за да го известат дека има повик за него, долу на влезот. Тој се симна во пижами и преку волја се доближи до еден стар телефон лакиран со жолто, поставен на едно масиче од врбушки. Ја притисна слушалката на увото и го слушна гласот на Том Брус Шепард, неговиот агент.

– Каква е таа приказна, Џаспер?
– Која приказна?
– Таа со педесет и двете работи. Ги прочитав утрово, Лоти ми го донесе весникот, уште бев во кревет. За малку ќе ме „стрефеше“ инфаркт.
– Можеби требаше да те предупредам.
– Немој да ми кажеш дека си сериозен. Провокација ли е, критика, што „цацко“ е тоа?
– Ништо, тоа е статија. Но, сè е вистина.
– Во која смисла?
– Сакам да речам, сериозно сум ја напишал, точно така сум решил.
– Ми велиш дека престануваш да пишуваш?
– Да.
– Ама, да не си полудел?
– Сега навистина морам да одам, знаеш?
– Почекај малку, Џаспер, мора да зборуваме за тоа, ако не зборуваш со мене, твојот агент…
– Нема што да се додаде, престанувам да пишувам и крај.
– Знаеш ли една работа, Џаспер, ме слушаш? Знаеш ли една работа?
– Да, те слушам.

– Значи, слушај ме, таа реченица ја имам слушнато десетици пати, сум ја слушнал од толку писатели што не можеш ни да замислиш, сум слушнал како ја изговара и Мартин Амис, ми веруваш ли? Пред едно десетина години, Мартин Амис ми ги кажа истите тие зборови, престанувам да пишувам, но тоа ти е само еден пример, би можел да ти дадам уште дваесетина, сакаш да ти направам список?

– Не верувам дека е потребно.
– И знаеш ли што? Ниеден не престана навистина, нема шанса да престане.
– Добро, но сега навистина морам да одам, Том.
– Ниеден.
– Добро.
– Како и да е, убава ти е статијата.
– Благодарам.
– Тоа навистина ќе ги разниша работите.
– Не кажувај ја таа реченица, те молам.
– Која?
– Ништо. Сега одам.
– Те чекам во Лондон, кога се враќаш? Лоти ќе биде многу среќна да те види.
– Сега ќе спуштам, Том.
– Џаспер, брат, не шегувај се.
– Спуштив, Том.

Но, последнава реченица ја рече откако веќе ја спушти слушалката, значи Том Брус Шепард не ја слушна.

3.

0Во шпанското хотелче Џаспер Гвин помина пријатни шеесет и два дена. Во моментот на плаќањето на сметката, меѓу неговите дополнителни трошоци беа прикажани шеесет и две шолји ладно млеко, шеесет и две чаши виски, два телефонски повика, една „пресолена“ сметка за пералница (сто дваесет и девет ставки) и сума за купениот радиотранзистор – што може да фрли извесна светлина врз неговите склоности.

Со оглед на растојанието и на изолираноста, за време на целиот престој во Гранада, Џаспер Гвин не мораше да се враќа на темата за неговата статија, освен во ретките моменти, сам со себе. Единствено му се случи еден ден да сретне една млада жена од Словенија, со која на крајот заврши во пријатен разговор, во внатрешната градина на еден музеј. Беше брилијантна и сигурна во себе, зборуваше сосема пристоен англиски. Му рече дека работи на Универзитетот во Љубљана, на Катедрата за модерна и современа историја. Во Шпанија се наоѓала поради некое истражување: работела на приказната за една италијанска благородничка што, кон крајот од ХIХ век, патувала низ Европа во потрага по реликвии.

– Знаете, препродажбата на реликвиите во тие години беше хоби на извесна католичка аристократија – му објасни.
– Навистина?
– Малкумина ја знаат таа приказна, но фасцинантна е.
– Раскажете ми ја.

Вечераа заедно и, за време на десертот, откако долго му раскажуваше за потколеничните коски и за деловите од прстите од моштите на мачениците, Словенката почна да зборува за себе, особено за тоа колку се чувствувала среќна поради тоа што се занимава со научни истражувања, професија што ја смета за прекрасна. Додаде дека, се разбира, сето она што „ја опкружува професијата“ било да се згрозиш, колегите, амбициите, просечноста, лицемерството, сè. Но, рече и дека, што се однесува на неа, сигурно нема поради неколку бедници да ѝ помине желбата да учи и да истражува.

– Мило ми е што мислите така – прокоментира Џаспер Гвин.

Тогаш жената го праша со која професија се занимава тој. Џаспер Гвин за миг се колебаше, потоа на крајот ѝ одговори со полувистина. Рече дека дузина години работел како декоратер, но дека престанал пред две недели. Жената изгледаше разочарана поради тоа и го праша зошто напуштил работа што се чини толку пријатна. Џаспер Гвин одмавна нејасно со раката. Потоа кажа една неразбирлива реченица.

– Еден ден сфатив дека веќе за ништо не ми е грижа и дека сè смртно ме повредува.

imagesСе чинеше дека ја разбуди љубопитноста на жената, но Џаспер Гвин вешто го скршна разговорот на други теми, обиколувајќи странично со муабет за грдиот обичај да се става килим во бања, а потоа опширно расправајќи за приматот на јужните цивилизации, кој се должел на нивното познавање на точното значење на зборот светлина.

Кога ноќта беше длабоко одминала, се поздравија, но го направија тоа толку бавно што младата Словенка имаше време да најде соодветни зборови да му каже дека би било убаво да ја поминат ноќта заедно.

Џаспер Гвин не беше баш сигурен во тоа, но дојде со неа во нејзината хотелска соба. Потоа, поради некаква мистерија, не испадна комплицирано нејзината итност и неговата претпазливост да се помешаат во една шпанска постела.

Два дена подоцна, кога си замина Словенката, Џаспер Гвин ѝ остави еден список од тринаесет марки шкотско виски, кој самиот го составил.

– Што е тоа? – праша таа.
– Убави имиња. Ти ги подарувам.

Џаспер Гвин помина уште шеснаесет дена во Гранада. Потоа си отиде и тој, заборавајќи во хотелчето три кошули, еден распар чорап, бастун за прошетка со дршка од слонова коска, пена за капење со мирис на сандаловина и два телефонски броја напишани со фломастер на пластичната завеса од туш-кабината.

bkim2

4.

Кога се врати во Лондон, Џаспер Гвин ги помина првите денови одејќи по улиците на градот, долго и опсесивно, со благопријатна убеденост дека станал невидлив. Со оглед на тоа што престана да пишува, длабоко во себе престана да се чувствува како јавна личност – немаше причина луѓето да го забележуваат сега, кога повторно стана обичен човек. Почна да се облекува со небрежност, па повторно почна да прави многу ситни нешта без онаа мисла во заднината дека треба да биде претставителен во случај ненадејно да го препознае некој читател. Начинот на кој седеше на шанкот во пабот, на пример. Да се вози во автобус без билет. Да јаде сам во „Мекдоналдс“. Понекогаш некој ќе го препознаеше, а тој тогаш одрекуваше дека е тој што беше.

Имаше еден куп други нешта со кои не мораше веќе да се занимава. Беше како коњ што, откако го исфрлил од седло џокејот, се враќа назад, расеан, со ситен кас, додека другите сè уште таму испуштаат душа од трчање кон целта според некаков ред на пристигнување. Немерлива беше насладата во таквата душевна состојба. Кога ќе му се случеше да налета на некоја статија во весник или на излог на книжарница што ќе го потсетеа на тепаницата од која штотуку се повлекол, чувствуваше олеснување во срцето и дишеше занесено како дете во саботно попладне. Со години не се чувствувал толку добро.

Малку и поради тоа не се брзаше многу да преземе мерки во својот нов живот, продолжувајќи ја таа лична атмосфера на годишен одмор. Идејата што созреа за време на неговиот престој во Шпанија беше да се врати на професијата со која се занимаваше пред да почне да објавува романи. Немаше да биде тешко, ниту пак непријатно. Во тоа гледаше дури извесна формална елеганција, некаков ритам на строфа, како во балада. Но, ништо не го тераше да го забрзува враќањето, со оглед на тоа што Џаспер Гвин живееше сам, немаше семејство, не трошеше многу, затоа, во крајна линија, барем неколку години ќе можеше мирно да си живее без воопшто да стане од креветот наутро. Така ја одложуваше работата и се посвети на случајни потези и на одамна одложувани активности.

Ги фрли старите весници. Се качуваше во возови без јасна претстава за дестинацијата.

(Превод од италијански јазик : Лилјана Узуновиќ, Или-или, 2013)

Тагови од објавата
, , ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Совршенство
Каде патува нашето постоење,/ во кој дел од разговорот,/ во која точка...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *