Јас не бев политичка личност

Пренесуваме едно постаро интервју на Орхан Памук за Њујорк тајмс 2004 година

orhan-pamuk-01

АЛЕКСАНДЕР СТАР: Во вашиот роман Турција е како некоја надреална држава, каде што секуларните националисти и теократите се натпреваруваат да наметнат еднакво сомнителни идеи за тоа како да се присили народот да биде слободен. Дали е тоа вашата Турција?

ОРХАН ПАМУК: Па, јазот помеѓу свеста на мојот лик и поетичната реалност на државата можеби е есенцијалната тензија во мојот роман. Сакав да ги истражувам двата света и да пишувам за нив какви што се – преку светогледот на прозападниот интелектуалец, кој се соочува со најсиромашниот, најзаборавениот и веројатно најигнорираниот дел од државата. Најналутениот дел, исто така.

СТАР: Клучниот проблем во „Снег“ е копнежот на многу муслимански жени да носат марами на универзитет – проблем што отвора чувствителни прашања за тоа каде се повлекува линијата помеѓу, да речеме, толеранцијата на религијата и нејзиното наметнување. Актуелната турска влада, контроверзно, се обиде да им помогне да матурантите во религиозните училишта. Дали сметате дека е тоа исправно?

ПАМУК: Видете, јас сум писател. Се трудам да се фокусирам на овие проблеми од аспект на човек што се обидува да ја разбере болката и страдањето на другите, а не од аспект на државник. Не сметам дека има некаква формула што ќе ги реши овие проблеми. Секој што мисли дека има едноставно решение за овие проблеми е будала – и веројатно наскоро ќе заврши како дел од проблемот. Мислам дека литературата може да им пристапи на овие проблеми затоа што може да се оди во позамаглени простори, во простори каде што никој не е во право и никој нема право да каже што е исправно. Тоа е она што го прави пишувањето романи интересно. Тоа е она што го прави пишувањето политички романи денес интересно.

СТАР: Сепак, вашиот роман многу вознемирено говори за тоа дали е можно целосно да се разбере бедата и понижувањето на луѓето што живеат под непознати околности.

ПАУК: Духовно и морално, јас сум близок до мојот централен лик. Како што оди во најсиромашните делови од турското општество, така паѓа во замките на претставувањето – зборувајќи во името на другите, за најсиромашните. Сфаќа дека овие прашања се проблематични. Всушност, тие понекогаш може да завршат и како неморални: проблемот со претставувањето на сиромашните, на непретставените, дури и во литературата е морално сомнителен. Па, мојот мал придонес во овој политички роман – ако воопшто го има, морам да бидам скромен – е тоа што барем малку се занимавам со проблемот на претставувањето и го правам дел и од фикцијата.

СТАР: Како се случи да напишете политички роман?

 orhan-pamuk-getty-spencer-platt-101206-lede

ПАМУК: Јас не бев политичка личност кога почнав да пишувам пред 20 години. Претходната генерација турски автори беше премногу политичка, морално премногу вмешана. Тие во суштина го пишуваа она што Набоков би го нарекол социјално коментирање. Порано верував, и сѐ уште верувам, дека тој тип политика ја уништува уметноста. Пред 20-25 години јас радикално верував само во она што Хенри Џемс би го нарекол големата уметност на романот. Но подоцна, кога почнав да станувам популарен во Турција и надвор од неа, луѓето почнаа да поставуваат политички прашања и да бараат политички коментари. Тоа и го направив затоа што искрено почувствував дека турската држава ја уништуваше демократијата, човековите права и земјата. Па направив нешто надвор од своите книги.

СТАР: Како на пример?

ПАМУК: Пишував петиции, одев на политички митинзи, но во суштина коментирав надвор од моите книги. Ова ме направи малку озогласен, и почнав да влегувам во нешто налик на политичка војна против турската држава и институциите, кои пред 10 години беа попристрасни кон националистите. Како и да е, си реков себеси: „Зошто да не напишам политички роман и да си олеснам на душава?“

СТАР: Дали имавте тешкотии да го објавите романот „Снег“ во Турција? Како беше прифатен од исламистите и од другите?

ПАМУК: Пред објавувањето на книгата им реков на пријателите и на мојот издавач дека привршувам еден отворено политички роман. Дали треба да им кажеме за ова на адвокатите? А тие рекоа: „Не, не, не, сега кога Турција се надева дека ќе се приближи до Европа и сега кога си национално – интернационално – ’познат‘, нема потреба да го правиш тоа“. Добро. И по некое време им ја дадов книгата на издавачите. Еве ја книгата, реков. И една недела подоцна ми се јавија и ми рекоа дека ја прочитале книгата, им се допаднала, ама ми бараат дозвола да ја покажат на адвокат. Беа загрижени дека јавниот обвинител може да отвори случај или да ја конфискува книгата пред нејзиното објавување. Првото издание имаше 100.000 копии. Главно беа загрижени за економската страна на целата работа. На пример, ја криеја книгата во ќоше, за да можат, доколку биде конфискувана, да си задржат неколку копии за себе. Но ништо од овие песимистични нешта не се случи. Всушност, државата сериозно дискутираше за книгата. Ме нападнаа половина од политичките исламисти и луѓето што ја поддржуваа војската. Од друга страна, преживеав. Ништо не ми се случи. И во суштина сѐ испадна така како што се надевав. Некои од тие радикални исламисти ја критикуваа книгата со многу едноставни идеи, како на пример: „Се обидувате да ги опишете исламистите, но треба да знаете дека еден исламист никогаш не би имал секс со жена без да се ожени со неа“. Од друга страна, многу либерални исламисти беа задоволни дека барем малтретирањето на кое биле изложени од страна на турската армија е споменато.

СТАР: Кога Џорџ Буш беше во Истанбул на неодамнешниот самит на НАТО, тој реферираше на вас како на „голем автор“, кој помогнал да се премостат разликите помеѓу Истокот и Западот. Цитирајќи ваши изјави за тоа дека луѓето секаде низ светот меѓусебно си наликуваат, тој ги бранеше американските обиди да им се помогне на луѓето од Средниот Исток да го уживаат своето „право на слобода“. Дали мислите дека тој разбрал што мислевте?

ПАМУК: Мислам дека Џорџ Буш многу ги оддалечи Истокот и Западот со оваа војна. Тој непотребно предизвика лутина кај целото исламско општество кон САД, но и кон целиот Запад. Ова ќе го поплочи патот до многу ужаси и ќе нанесе сурова и непотребна болка на многу луѓе. Ќе ја зголеми тензијата помеѓу Истокот и Западот. Се надевав дека овие работи никогаш нема да се случат. Во моите книги секогаш барам некаква хармонија помеѓу т.н. Исток и Запад. Накратко, она што со години го пишував во своите книги беше погрешно цитирано и употребено како еден вид оправдание за она што луѓето го направија. А она што го направија беше сурово.

orhan-pamuk-(1)

СТАР: Дали мислите дека романот како жанр е жив и во добра состојба на Средниот Исток односно пошироко во незападниот свет? Или дали сметате дека правите нешто доста необично?

ПАМУК: Не, уметноста на романот е добро. Таа ќе преживее. Има многу еластичност. Сигурен сум дека ќе продолжи да живее на Запад, во САД и во Европа. Но ќе има многу чудна иднина во држави како Кина и Индија, каде што сега има нечуено зголемување на средната класа. Легитимирањето на моќта на овие нови средни класи создава идентитетски проблеми и во Кина и во Индија. Ова го вклучува нивниот национализам кога тие се соочуваат со карактеристичниот идентитет на Европа и на Западот, и нивниот оксидентализам кога се соочуваат со отпорот на нивниот сиромашен народ. Мислам дека новиот модерен роман што ќе дојде од Истокот, од тој дел на светот, повторно ќе ги зголеми тензиите помеѓу источно-западната современост и несигурната природа на овие средни класи што во Кина и во Индија се во подем. И во Турција исто така, се разбира.

СТАР: Во „Снег“ радикалниот исламист Синоокиот на едно место забележува дека најдоброто нешто што Америка му го има дадено на светот е црвеното марлборо. Ќе се согласите ли вие со тоа?

ПАМУК: Многу ги пушев кога бев млад. Своите лични задоволства им ги припишуваме на своите ликови. Тоа е една од радостите на фикцијата.

Превод од англиски: Ѓоко Здравески

Разговорот го води: Александер Стар

Интервјуто е објавено во Њујорк тајмс на 15 август 2004 година

Преземено од: www.orhanpamuk.net

 

Напишано од
More from РЕПЕР
На Скопје, по долго време
Срамежлив е градот кога му пишуваш песна / дури и кога има...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *