Не морам да добијам ништо за возврат од книжевноста

Интервју со Игор Маројевиќ (1968), современ српски писател, автор на пет романи и две збирки раскази.

igor2

Господине Маројевиќ, кога за прв пат се јави поривот кон творење и зошто се одлучивте токму за проза?

Што се однесува до мене, првобитниот порив за создавање немаше врска со прозата. Откако сум малку посвесен, реалноста не ми беше доволна и сакав за себе да ја коригирам со создавање, за што со години ми беше доволна рок музиката. За среќа, мојот бенд пропадна, инаку ќе бев присилен и ден-денес, со четириесет и кусур години, да скокам по бината. Тоа би било лошо, и сигурно би имал болки во грбот. Кога на 27-годишна возраст ги прочитав Селин и Бернхард, видов дека не сум луд, односно дека барем некои други многу полуди луѓе се признаени автори. Тогаш решив дека ќе пишувам и дека од книжевноста не морам да добијам ништо за возврат.

Каде ја пронаоѓате инспирацијата и кои се темите на елаборација во вашето творештво?

Не верувам во инспирација, туку во првиот израз што го споменавте, создавањето, techne. Инспирацијата е фрагмент, нешто кое се забележува. Мене ми е недоволна освен како спореден мотив. Темите во мојот случај се значително попромислени, секогаш пишувам за нешто што не било книжевна пракса, барем не во српската книжевност. Оттука во мојата проза се среќаваат темите за сида, за колежите во Црна Гора, Медитеранот како неединствен субјект, НДХ во Земун, импотенцијата, прогонот на Фолксдојчер во Војводина и тн.

Освен што сте прозаист, есеист, драмски писател, критичар за книжевност, Вие сте и преведувач. Колку вашиот стил на пишување е застапен во преводите кои ги правите?

Не сум книжевен критичар. Едно време се занимавав со тоа, и бев многу благ во критиките. Лош преведувач сум. На авторите кои ги преведувам им го наметнувам сопствениот стил за да не би копирал никој од нив.

Кохерентно, преку својата непосредност и леснотија ги освојувате читателите со пишување за современието (современите проблеми), дали непосредно (Партер, Медитерани, Дваесет и четири зида), дали поместувајќи ги во минатото (Жега, Шнит). Дали станува збор за некој друг правец во историскиот роман?

Точно е дека секогаш пишувам за современоста, со тоа што романот кој го подготвувам по завршетокот на книгата раскази „Белграѓанки“ директно зборува за 1990-те години… Значи, мислам дека сум созреал како писател за да би можел да се позабавам со тоа без да се кријам зад тематизирањето на 21 век, односно историјата. Моите историски романи се аисториски, параисториски, етноисториски… не верувам денес во поинаков пристап кон историјата во рамки на прозата.

zega-igor_marojevic_v

Во 1997 година, со романот „Обмана Бога“, за прв пат се појавивте на книжевната сцена. Во овој ваш првенец пишувате за самоубиството и, за слободното толкување, во религиска конотација во современиот свет. Дали тука ќе се согласите со тезата на Хенри Џејмс: „Секој автор дејствува така што направил хемиска обработка на своето јас и проектирал друго јас во книгата“ ?

Добро, тоа е цитат со кој секој би морал да се сложи.

Која е причината за проширување и изменување на темата во романот Жега за кој ги добивте наградите: „Стефан Пешиќ“ и „Борислав Пекиќ“?

Во второто издание не ја менував темата, само направив ремикс на „Жега“. Конечната верзија на романот ќе се појави кога-тогаш во кориците на „Етнофикции“ чиј составен дел е. Проширувањето на сопствената постапка во една иста книга е легитимна постапка во книжевноста.

Во романот „Мајчина рака“ ги синтетизирате наизглед неспојливите појави: губењето на невиноста на еден тинејџер и масовното пост – воено злосторство. Дали „еротското созревање“ на овој тинејџер, всушност е симбол за созревање на цел еден народ и неговото соочување со непријатната вистина за убивањето, мачењето, одземањето на имотите, протерувањето на цивилите после Втората Светска Војна?

Така тоа го протолкува еден дел од критиката. Сметам дека речиси секое толкување е легитимно, иако кога ќе дојдам до оние пламено-идеолошки прикази на „Мајчина рака“, без разлика дали се леви или десни, не знам што да кажам. Можеби само тоа дека книжевноста денес, повеќе од кога и да било, ја загрозуваат самите литерати, сведувајќи ја нејзината област на апендикс на идеологијата.

Во истоимениот роман се застапени женските ликови, зошто е тоа така и која е улогата на жената?

Од почетокот водам сметка за женските ликови како битни. Ги познавам жените, а се трудам да пишувам за она што го познавам. Тие се коректив на мачистичките односи кои ги има во војната и во мирот, посебно по многубројните војни, кога поголемиот дел од мажите се импотентни.

Дали романите „Жега“ и „Мајчина рака“ може да ги восприемаме како еден вид пример за етнофикција?

Па, да, тоа и е замислата. „Етнофикција“, заедно со „Шнит“ и со уште два романи, но за тоа ќе зборувам повеќе кога ќе ги објавам.

Како Вие ја дефинирате книжевноста?

Немам дефиниција за книжевноста. За мене лично, ама не на начин на кој би сакал сето тоа да се цитира, таа претставува прочирување и стеснување на животот. Контекстите се заебани, луѓето се глупави, и некаде на таа точка на немоќта настапува книжевноста.

majcina_ruka-igor_marojevic_v

Во Шпанија на сцена беше поставен еден Ваш драмски текст „Номади“.
Што точно зборува таа драма и како е да се биде автор во друга држава (во овој случај Шпанија)?

Таа зборува за замките на мултикултурализмот во еден град како Барселона, во кој мултикултурализмот е она што на Балканот е бурекот со сирење. Тешко е да се сфати во балкански контекст, бидејќи овде не постои мултикултурност во тој вид, ниту ќе постои во скоро време. Сега, кога имав можност да ја преведам таа драма за да се игра на српски јазик, го прифатив тоа, ама морав да го променам насловот во „Тврдина Европа“ бидејќи овде под „Номади“ уште од одамна се подразбира група Роми кои се селат, а не мултикултурализам.

Имате примено доста награди за неколку ваши романи. Колкаво е значењето на книжевната награда денес?

Не се многу. Наградата не значи ништо – заглупувувачко чувство за одредени автори, најверојатно. Мене ми е битно, кога ќе ја примам наградата, таа да носи име според некој автор што го почитувам, во спротивно би ја одбил.

Пред две години беше издаден Вашиот последен роман „Мајчина рака“.
Дали во блиска иднина може да очекуваме некој Ваш нов проект – роман, драма, расказ…?

Сега за издавачката куќа „Лагуна“ ќе излезе збирката раскази „Белграѓанки“, приказни раскажани од женски агол. Книгата ќе има два циклуса: „Продавница за подароци“, која ќе ги тематизира белграѓанките во странство, и „Филозофија за секој“, раскази за современите белграѓанки во Белград. Очекувам книгата да излезе за еден месец.

И за крај на ова кратко интервју, може ли да издвоите некоја порака за младите, идни книжевници кои со голем труд и залагање се обидуваат да ѕирнат низ вратата на книжевната сцена во Република Македонија?

Без оглед на која национална литература припаѓаат, на младите писатели секогаш им порачувам само едно: пушувај ако веќе мораш, ако си сигурен дека мораш да го правиш тоа. Ако не, многу подобро е да се посветиш на нешто попрагматично: на пример, на политиката, земјоделството или криминалот.

Напишано од
More from РЕПЕР
Не земај што е туѓо
Една кратка приказна, па кој ќе ја прочита ќе си најде по...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *