Хуманистичката работа ми отвори нови перспективи

Не сакам да зборувам за општествените конструкции и за конфликтите поврзани со нив, но често, кога луѓето читаат книга од Албанија или од Косово, ја доживуваат како некаква егзотика, за нас си мислат „ох, овие знаеле и да читаат, па и да пишуваат“...

Хуманистичката работа ми отвори нови перспективи

Интервју со Балсор Хоџа, писател од Косово

 

По професија сте професор по англиска и американска книжевност. Кога сфативте дека сакате да се занимавате со пишување, дали тоа го знаевте отсекогаш или академското занимавање со книжевноста ја поттикна таа желба? 

По професија, или подобро – по образование. Не се занимавам професионално со тоа. Отсекогаш сакав да бидам писател, знаев дека ќе бидам писател, бев окупиран со тоа да станам писател, што се вели, уште од второ одделение. Па, сè што направив оттогаш беше во насока на тоа да станам писател. Така, студирањето англиска и американска литература беше уште еден чекор на тој пат, со цел да научам повеќе за писателите и за пишувањето, како и да усвојам техники и теории за книжевноста. 

Повеќе од дваесет години сте работеле во областа на хуманистичкиот и меѓународниот развој, со акцент на истражувачките и социолошките студии. Какви искуства и сознанија ви донесе овој ангажман? 

За мене тоа се едни од најдлабоките сознанија што денес постојат во светот. Запознав луѓе што биле во во најразорувачки состојби и услови, земји, колективи и нации, континенти… кои сепак пронашле начин да се изборат, да опстојат. Многу е интересно да се сретнат такви луѓе, на пример имаше еден мој колега, Французин што живеел во Африка, на периферијата на Африка, тој и во Приштина не се тушираше, туку чекаше да заврне за да се „истушира“ на дождот (ха-ха). Таму на некој начин го „асимилирале“, ги презел навиките од регионите каде што живеел и работел, каде што им помагал на жителите. Тоа е една страна на сето тоа, но има и друга. Работев во Приштина пред бомбардирањето на Косово, а работев и во Македонија, во Скопје, Гостивар, Струга, Охрид, и тоа ми помогна да си ги отворам перспективите за нашите теми, нашите проблеми, нашите конфликти, меѓу Албанците, Македонците, Србите, темите од целиот Балкан. На некој начин, можев да ги разберам стравовите раширени меѓу Македонците за време на доселувањето на Косовците овде. 

Во вашата биографија стои дека сте познат публицист, есеист, автор на кратки раскази и поет во Албанија и во Косово. Успевате ли да ги надминете границите на албанското говорно подрачје кога се работи за рецепцијата на вашите книги?

Не сакам да зборувам за општествените конструкции и за конфликтите поврзани со нив, но често, кога луѓето читаат книга од Албанија или од Косово, ја доживуваат како некаква егзотика, за нас си мислат „ох, овие знаеле и да читаат, па и да пишуваат“…

Не до толку…

Можеби преувеличувам, можеби малку и го иронизирам проблемот. Но навистина мислам дека е многу тешко да добиеш шанса, да бидеш претставен, од книжевен аспект, во други јазици. Затоа имам големи надежи за овој Фестивал „BookStar“ што го организира „Антолог“, затоа што на некој начин ги ресоздава атмосферата, релациите, на полето на поранешна Југославија. Тоа е за мене многу позитивно. 

Досега имате објавено четири книги од кои две се збирки поеми и две се збирки кратки раскази. На македонски е објавена збирката кратки раскази „Сведокот“. Кажете ни нешто повеќе за приказните, како препорака за македонската читателска публика?

Дозволете ми да почнам така што ќе ви раскажам за еден чуден феномен. На некој начин, имаме заборавено да слушаме во денешно време. Да се слушаме себеси и да ги слушаме другите. Па, кога пишувам, се обидувам, ако можам да го искористам тој израз, да создавам литература што е „удар во стомакот“, мислам на пишување што ќе нè освести за некои теми, не е тоа техника, туку израз што се обидувам да го применам. А моите приказни, особено во расказите преведени и објавени во „Антолог“, се мошне контроверзни, во смисла дека провоцираат длабоки прашања. Но чудното во сето тоа, како што кажав на почетокот, е што луѓето се рамнодушни, ги читаат, но не размислуваат за нив, за она што во нив се дискутира. Рамнодушни се кон тие „провокации“. Книгата „Сведокот“ содржи еден краток расказ за првата забава на „Ред бул“ во Приштина во деведесеттите, па сите присутни на забавата на крајот завршуваат мислејќи дека биле колективно дрогирани, со „ред бул“ (ха-ха). Многу е смешно. Има и еден друг расказ каде што претставувам обратна, „превртена“ ситуација во која Албанците ги гледаат Србите како потенцијални жртви на масакр. Има причина, има објаснување, има идеја зад секој расказ, сè е онака како што се има случено или како што јас го гледам. 

Во една колумна на „Ал Џезеира“ прочитав дека во некоја пригода сте рекле: „Пораснав со српската книжевност и потоа сè исчезна, како некој да постави ѕид помеѓу косовската и српската литература“. Сè уште ли постои тој ѕид и можно ли е да замислиме дека во еден миг ќе биде урнат? 

Многу интересно прашање. Знаете, најдоброто нешто за Приштина беше што таму имаше многу позитивна динамика меѓу Србите и Албанците, секој се трудеше да биде подобар од другиот, постоеше некоја позитивна љубомора меѓу едните и другите. Е, тоа е она што исчезна и веќе не постои, а беше речиси половина од мојот живот. Можеби таму и треба да го побараме повторно. Денес не би го нарекол војна, би го нарекол ништавило, не остана ништо од онаа динамика, само еден празен простор што е речиси вонземски. 

Зборувајќи за овие две културни средини, кои би требало природно да бидат упатени една на друга, дали чувствувате дека почнува некаква нормализација на односите? 

Како што веќе кажав кога зборувавме за работата во хуманистичкиот развој, ми се отворија некои перспективи, па мислам дека станува збор за процес. Не може наеднаш да се вратиме по старо во врска со нашите некогашни односи. И едните и другите прибегнавме кон градење свој патриотизам, национализам, и тоа е она што се случува во моментов. Но мислам, со оглед на тоа што не можеш да си го избереш соседот, а за среќа или за жал ние сме соседи, природни се поврзаноста и соживотот. 

Кажете ни нешто повеќе за косовската книжевна сцена, иако Косово ни е прв сосед, на само неколку часа возење, имам впечаток дека малку се познаваме меѓусебно? 

Токму како што кажавте, не знам дали сум прочитал некој друг македонски автор освен Жарко Кујунџиски, и тоа само затоа што со него се познавам и станавме пријатели. Веројатно е исто и што се однесува на Македонците и косовската литература. Секако, и нашата книжевна сцена познава многу феномени, а ќе потенцирам две главни нешта: прво, навраќањето на она што се случи(ло) во Косово, пред сè во однос на Србите и српско-албанските односи, и второ, глобалната анксиозност за нашето постоење и сè што се случува денес. Повеќе е некој вид реакција, отколку пат што се следи. На некој начин, станува збор за потреба за дистанца, на современата генерација од претходните генерации. Ова се карактеристиките што јас ги наоѓам во косовската книжевност. 

Сте биле на писателска резиденција во Скопје, дали градот се има променето многу од последниот пат кога бевте тука?

Да, навистина се има променето, но не би рекол дека е тоа на прогресивен начин, за жал… Иако морам да признаам дека Скопје е сепак променет на интересен начин, ако може така да се изразам. Последен пат бев овде кога почнуваа да ја градат целата онаа област покрај реката со спомениците, а сега веќе ги гледам на дело и сето тоа ми е интересно.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Букстар Фестивал
BOOKSTAR-20 vs. COVID-19 – Репер
Во духот на традицијата на „BookStar“, цел октомври ќе биде и месец...
Повеќе
0 replies on “Хуманистичката работа ми отвори нови перспективи”