Гранд хотел Европа

Исклучиво европска тенденција е да се сака минатото над сѐ. Во Европа не можете да постоите без минатото. На други места во светот не е така. Нашата доминантна фиксација за минатото не ја препознаваат во Америка, Африка, Азија и Австралија. Кога каубоите и пионерите ја создавале Америка, немале никаква потреба да го поврзат нивниот идентитет со некаква самоизмислена антика и средновековие.

Гранд хотел Европа

– Скопје 2014 – рече Елена. 

Таа беше девојката што организацијата ја назначи за моја домаќинка. Беше русокоса и добро опремена за да остави естетски оправдан впечаток. Воопшто не го посрамоти своето митолошко име.

– Така е наречен проектот. Тој беше започнат во 2010 година од тогашната десничарско-националистичка партија со цел на центарот на Скопје да му се направи целосен face lift, во период од четири години. Во стварноста тоа беше план на премиерот Никола Груевски. Тој беше премногу горд на ова за да не го истакне во неколку свечени пригоди. Сама по себе, премисата на оваа идеја не е целосно комична. На 26 јули 1963 година стариот центар на градот бил речиси потполно збришан од земјотрес, во кој загинале илјада луѓе. Градот бил повторно изграден во немечтателен комунистички стил што возвишениот идеал за еднаквост архитектонски го обликувал како униформирана грдост. Ете, да речеме, на Скопје нема да му наштети мало освежување. 

Оваа ситуација ја искористил Груевски за да иницира мегаломански градежен проект, кој вклучувал многу повеќе од потребното обновување. Проектот „Скопје 2014“ предвидувал изградба на десетици сосема нови јавни згради во историски стил, околу 40 големи споменици и повеќе стотици статуи од херои на татковината. Груевски не сакал само да го разубави градот, туку и да му даде минато. Целта беше да стане попривлечен за туристите. Економијата на Македонија е мошне безнадежен случај и, како и секаде низ светот, на туризмот се гледа како на волшебно стапче што на една сосема непродуктивна земја може да ѝ го подобри бруто-домашниот производ. Другата, можеби и поважна цел, беше да се внесе одредена национална самосвест кај поданиците и тие да се вклучат во идеолошката пропаганда на владејачката партија. 

 Разликата помеѓу „Скопје 2014“ и повеќето други мегаломански градежни проекти е тоа што тој проект е извршен. Неверојатно, но вистинито. Во 2014 година, како што било планирано, проектот бил речиси готов. Имавте можност да го видите резултатот. Па, господине Фајфер, што мислите?

– Мислам дека е прекрасен и фасцинантен.

– Се шегувате!?

– Не. Постојат неколку аспекти што особено ме интересираат и инспирираат. Јас разбирам дека Македонија е млада држава. Разбирлив чин е една нова нација да бара национален идентитет. Единството мора да се конструира, правото на постоење мора да се легитимира и мора да им се даде значење на надворешните граници. Посакуваме тоа да не е потребно, но можеме да разбереме дека постои чувство за таа потреба. Она што го сметам за исклучително фасцинантно е што овој национален идентитет автоматски и непосредно се дефинира од аспект на минатото, кое треба да се ископа или, ако е потребно, да се присвои или да се измисли. Без минато, една нова држава нема иднина. 

Нам тоа не ни е толку чудно, тебе и мене, затоа што сме Европејци. Сепак е чудно. Исклучиво европска тенденција е да се сака минатото над сѐ. Во Европа не можете да постоите без минатото. На други места во светот не е така. Нашата доминантна фиксација за минатото не ја препознаваат во Америка, Африка, Азија и Австралија. Кога каубоите и пионерите ја создавале Америка, немале никаква потреба да го поврзат нивниот идентитет со некаква самоизмислена антика и средновековие. Напротив, сѐ што смрдело на минатото и на првобитноста тие го сметале за примитивно и непријателско, и целосно го искорениле. Мислам на Индијанците. Истото тоа можеме да го кажеме и за Абориџините во Австралија. Дури и една земја како Кина, која може да се пофали со богато минато, не се расфрла со својата историја, ако ѝ затреба да ја заскокотка својата национална гордост. Нивната идеја за витална земја е земја што ја прегрнува иднината. Тие сакаат да видат облакодери. Срамнуваат со земја цели историски градски квартови во името на напредокот. И ајде замери им. Ако добро размислиш, ќе сфатиш дека е нормално. Иднината пред себе има иднина, а не минато. Европа е чудесен исклучок. Само овде, во Европа, е вкоренето парадоксалното гледиште дека националниот идентитет и гордоста треба да се дефинираат во смисла на националното минато. А проектот „Скопје 2014“, во сета своја гротескна бесрамност, е извонреден пример за тоа. 

– Европа е преполна со тоа проклето минато – рече Елена.

– А каде што го нема, ќе го измислиме, како што е направено овде.

– Внимавајте да не ве слушнат националистите. Тие се уверени дека минатото навистина било такво.

– За минатото не е најважно дали навистина се случило – реков јас. – Овде се работи за тоа дали може да се искористи на соодветен начин. Секако дека си во право, Елена. Во Африка или во Австралија немаат толку опипливо минато што може да им ја вроди идејата да го ценат. Во Европа живееме и умираме среде толку многу конкретни траги од историјата, што сме поверувале дека нашето минато е сржта на нашиот идентитет. Тоа е силата и слабоста на Европа. Нашето минато истовремено ни е и товар и единствена предност.

– Поради тоа ни доаѓаат туристи. 

– Токму така. Тоа е другиот интересен аспект на „Скопје 2014“. Тој е прецизно обмислен и извршен со цел да привлекува туристи. Ти само што го кажа тоа, ама и јас видов дека сите тие статуи имаат плочки со објаснувања на англиски јазик. Сметам дека начинот на размислување на функционерите на власта е фасцинантен. Ние сакаме туристи, ама за тоа ни е потребно минато. Со малку добра волја, ќе можеме да измислиме некакво минато, особено ако овде-онде присвоиме малку од соседна Грција, само што од тоа немаме видливи остатоци што може да ги стават на разгледница или со кои може да се направи селфи. Сепак, никогаш не е доцна да се направи нешто околу тоа. Ете, ќе направиме историски споменици. Тогаш туристите сами ќе доаѓаат. 

Тука има уште еден интересен аспект. Зошто владата смета дека ѝ требаат туристите? Во ред, за економијата. Ама, економските придобивки од туризмот честопати се преценуваат. Прво треба да се вратат милионите инвестирани во сите тие статуи. Мислам дека зад тоа се крие и нешто друго. Што мислиш, за која публика е наменета националистичката порака што сите тие споменици ја отелотворуваат? Македонците знаат кои се. Тие веќе се убедени дека се голем и единствен народ. Поентата е да ги убедат странците во тоа. Идејата е странските туристи овде, во Скопје, со свои очи да видат дека ова е земјата на Александар Велики и таа новонаучена лекција да ја однесат во своите татковини. Тоа е целта. Поради тоа твојата влада има потрошено милиони. Туризмот служи како медиум за меѓународно ширење националистичка пропаганда. 

– Само што тоа не функционира – рече Елена. – Туристите не доаѓаат.

– Не, затоа што сѐ е имитација, иако не би ја ставил раката во оган дека секој Американец или Кинез веднаш ќе го забележи тоа. Можеби владата цели токму кон таа целна група. Но, општо гледано, туристите се алергични на фалсификати. Тие го мразат тоа речиси како што ги мразат и другите туристи. Тие имаат доволно лаги во својот секојдневен живот, во текот на годината. За време на одморот, тие се во трескавична потрага по автентичност. Нема да ја најдат, но може да им се продаде илузија на автентичност. Меѓутоа, ако им приложите очигледен фалсификат, ќе помислат дека тоа го правите поради туристите и веднаш панично ќе избегаат.

– Дали ќе пишувате за Скопје, господине Фајфер?

– Токму сега, за време на овој разговор, веќе сме среде новото поглавје. Зошто прашуваш?

– Ако веќе пишувате за нашиот националистички Дизниленд, како што го нарекувате, јас сум убедена дека и вашите читатели ќе сакаат да го видат во живо. Вие ќе го промовирате туризмот во Скопје, го разбирате ли тоа? Вие треба да разговарате со премиерот за соодветна компензација. 

– Скопје би можело да стане култна дестинација – реков. – Но, на обожавателите на моите книги јас би им го препорачал како туристичка одредиште затоа што овде може да шетаат по мојот омилен мотив. Градот е гротескна фикција, но и тешка реалност во исто време, небесен замок и сиромашно предградие. Тој е крајно реален град што по секоја цена сака да биде бајка. Тоа е град што и јас самиот сум можел да го измислам. Или веќе го кажав тоа?

– Мене не.

– Ми се допаѓаат тие контрасти.

– Сфаќам – рече таа. – За оние што живеат овде, тоа важи во помала мера. А, сѐ уште не сте ја виделе Шутка.

– Што е тоа?

– Контраст.

– А, што има таму?

– Цигани. Шутка е најшарената, најсиромашната, најубавата и најужасната населба во градот. Можеби и во Европа.

– Мора да ме однесеш таму.

– Подобро не.

– Инсистирам.

– Не.

– Тогаш ќе одам сам. Далеку ли е? Дали знаеш напамет кога имам дупка во агендата?

– Шутка е премногу опасна за човек како вас. Не требаше да ја споменам. Ајде да се вратиме на претходната тема на разговор. Дали знаете дека имаше многу протести против проектот „Скопје 2014“?

– Кажи ми повеќе за Шутка.

– Најголема пречка беа, се разбира, астрономските трошоци за проектот. Процените варираат, но севкупно чинеше веројатно некои 700 милиони евра. Тоа се многу пари за мала, сиромашна земја со невработеност од епидемиски размери. За таа сума секако можело да се обмислат покорисни инвестиции. Освен тоа што проектот чинеше многу пари, чинеше многу повеќе отколку што требаше. Експертите пресметале дека сите тие споменици можеле да бидат направени за значително помала сума. Да го наречеме тоа корупција. И овде, во Македонија, живеат луѓе со вкус, иако тоа можеби ќе ве изненади, што статуите и спомениците ги сметаат за тоа што навистина се: силување на јавниот простор. Вие сте првиот интелектуалец што го сретнувам на кој му се допаѓаат.

– Јас не го реков тоа така.

– Десничарската националистичка партија на Груевски загуби на последните избори од социјалистите, кои се сега на власт и кои сериозно размислуваат да ги отстранат сите илјада статуи. Значи, вашите читатели треба да побрзаат ако сакаат, со свои очи, да го видат вашиот омилен град од бајките. 

– Тоа не смеат да го сторат. Би било голема грешка да се отстранат тие споменици. Можеби никогаш не требаше да бидат изградени, но кога веќе се таму, тие сведочат за еден маркантен период од кратката историја на младата земја и ако се отстранат, тоа би било еден вид цензура и уништување на колективната меморија.

– Вие размислувате како вистински Европеец. Не сакате ништо да фрлите затоа што сѐ, на некој начин, ќе стане историја. И сè што може да го носи светото име на историјата по дефиниција го сметате за скапоцено. Доаѓате? Време е за вашата презентација. Ќе ве одведам во театарот. 

 

Книгата е објавена со финансиска поддршка од Европската Унија, Холандскиот литературен фонд и од Министерството за култура на Република Северна Македонија

Тагови од објавата
More from Илја Леонар Фајфер
La Superba
Бев речиси стигнат дома. Одлучив да го турнам нештото зад контејнерите со...
Повеќе
0 replies on “Гранд хотел Европа”