Жената во кафезот

Една од најголемите писателски ѕвезди на Евопа ќе ја посети Македонија на Фестивалот „Букстар“ на 3 ноември. Затоа неговата книга „Жената во кафезот“ е книга на месецот октомври!

Таа гребеше со ноктите по мазните ѕидови сѐ додека не ѝ потече крв, а со дланките удираше по дебелите стакла сѐ додека не ѝ се здрвија. Најмалку десетпати дојде кај челичната врата и ги пикаше ноктите во процепот за да ја отвори сосила, ама вратата не се помрдна, а рабовите на процепот беа многу остри.
Кога ноктите конечно почнаа да се поткреваат и месото да се двои од прстите, таа тешко дишејќи се струполи на студениот под. На моменти со здивени очи зјапаше во страшната темнина, а срцето силно ѝ чукаше. Потоа, почна да испушта крикови. Криковите не престануваа сѐ додека не си ги заглуши ушите и не остана без глас.
Ја наведна главата наназад и повторно почувствува дека од плафонот струи свеж воздух. Ако доволно се залета, можеби би можела да скокне дотаму горе и потоа да се фати за нешто. Можеби тогаш нешто ќе се случи.
Да, можеби оние копилиња однадвор ќе бидат принудени да влезат.
Ако ги испружи прстите и им брцне право во очите, можеби ќе ги ослепи. Ако биде доволно брза и решителна, можеби ќе успее. А потоа, можеби ќе успее и да побегне.
Си ги излижа крвавите прсти, а потоа се крена од подот и седна.
Зјапаше едно време во невидливиот плафон. Можеби е премногу далеку за да може да скокне. Можеби нема да има за што да се фати. Ама мора да проба. Што друго ѝ преостанува?
Ја соблече јакната и внимателно ја спушти во аголот, за да не се сопне од неа. Потоа, се одрази во еден скок, ги испружи рацете во воздух колку што можеше повеќе, ама не допре ништо. Откако се обиде уште двапати, се повлече до другиот ѕид и застана за момент да се прибере. Потоа, се затрча, со сета сила скокна во темницата и посегна напред, полна со надеж. Кога се струполи назад, стапалото ѝ се лизна од мазниот под и падна странично. Кога со рамото удри во бетонот, гласно издивна, а кога со главата тресна во ѕидот, зарика и во мозокот ѝ засветкаа искри.
Остана долго мирно да лежи, сакајќи да заплаче. Ама не заплака. Кога нејзините чувари би ја слушнале дека плаче, погрешно би го протолкувале тоа. Ќе помислат дека потклекнува, а не беше така. Напротив.
Ќе внимава како се однесува. За нив таа е жената во кафезот, ама таа решава колкаво ќе биде растојанието помеѓу решетките. За да го избегне лудилото, ќе се преокупира со мисли што се отвораат кон светот. Никогаш нема да ја скршат. Одлуката ја донесе лежејќи така на подот, додека рамото ужасно ја болеше, а отокот речиси сосем ѝ го затвори едното око.
Еден ден ќе излезе одовде.
1

2007 година

Карл се приближи до огледалото и со прстот си помина по слепоочницата на местото каде што го изгреба куршумот. Раната зарасна, ама лузната јасно се гледаше под косата, ако некој се загледаше.
„Ама пак кој би сакал да загледува, да му се сневиди“, помисли гледајќи во своето лице.
Беше очигледно дека кај него има промени. Околу усните имаше подлабоки брчки, потемни кеси под очите и крајно рамнодушен израз на лицето. Карл Морк веќе не беше оној стариот искусен инспектор што живееше и дишеше за својата работа. Тој веќе не беше високиот и отмен човек од Јитланд што наоколу предизвикуваше чудење и копнежи. Да му се сневиди, како да е тоа воопшто важно.
Ја закопча кошулата, го натна сакото, го голтна последниот талог од шолјата со кафе, излезе и ја тресна влезната врата, така што другите станари сфатија дека е време да се извлечат од своите кревети. Погледот му падна врз плочката со име на вратата. Беше крајно време да ја смени. Вига одамна се исели. Иако сѐ уште не беа разведени, беше дефинитивно готово меѓу нив.
Карл се сврти и тргна кон Хестестиен. Ако за дваесет минути го фати возот, ќе може да поседи добар половина час со Харди во болницата, а после мора да оди во полициската управа.
Ја здогледа камбаната од црвена тула што се креваше над голите крошни и сосила се потсети како тој, и покрај сѐ, имаше луда среќа. Само еден сантиметар подесно и Анкер сѐ уште ќе беше жив. Само еден сантиметар полево и тој, Карл, ќе беше мртов. Неколку чудни сантиметри што му го заштедија патувањето преку зелените ливади до студените гробови, само неколку стотини метри понатаму.
Карл се обидуваше да го сфати тоа, ама воопшто не му беше лесно. Не знаеше многу за смртта. Кога ќе го стигне, би било добро ако може да биде истовремено непредвидлива како молња и бескрајно тивка.
Од друга страна, тој знаеше сѐ за тоа како смртта може да биде насилна и бесмислена. Тоа навистина го знаеше.

Само две недели по завршената полициска академија, глетката во првата жртва на убиство засекогаш се врежа во мрежницата на Карл. Мала и слабичка жена, задавена од мажот. Таа лежеше на подот, со тап поглед и со израз на лицето од кој на Карл со недели потоа му беше лошо. Оттогаш низ рацете му поминаа десетици и десетици случаи. Секое утро се подготвуваше за нив. Крвава облека, восочни лица, смрзнати фотографии. Секој ден слушаше како луѓето го лажат или му се правдаат. Злосторството секој ден добиваше ново лице, а постепено сѐ помалку влијаеше врз него. По дваесет и пет години поминати во полиција и десет во одделот за убиства, отрпна.
И, така, си врвеше времето, сѐ додека еден случај на убиство не го проби неговиот оклоп.

Ги пратија него, Анкер и Харди во некоја трошна колиба на еден стар земјан пат, каде што ги дочека еден човечки труп за да им ја раскаже својата единствена приказна.

Како што често се случува, смрдеата го натерала соседот да реагира. Жртвата беше некој осаменик што мирно си легнал во сопственото ѓубре и испуштил душа, трошејќи ги последните пари за алкохол. Барем така мислеле, сѐ додека не откриле дека до половина мозок на починатиот имало забиен клинец од алатен пиштол. Затоа, ги повикаа нив од одделот за убиства.
Тој ден редот беше на екипата на Карл, што не му пречеше ниту нему ниту на двајцата помошници, иако Карл вообичаено постојано се жалеше дека премногу работат, а другите тимови легачат. Ама кој можеше да знае дека тој повик ќе биде фатален? Поминаа само пет минути од нивното влегување во собата со засмрдениот труп до моментот кога Анкер остана да лежи на подот во локва крв, кога Харди ги влечеше своите последни чекори, а огнот во Карл се изгаси – оној оган што е неопходен за секој инспектор во одделот за убиства во Копенхаген.

Тагови од објавата
0 replies on “Жената во кафезот”