Бев речиси стигнат дома. Одлучив да го турнам нештото зад контејнерите со шут и да се вратам следниот ден да го проверам

1.

Најубавата девојка во Џенова работи во Барот на огледалата. Облечена е отмено како сите девојки што работат таму. Има и момче што одвреме-навреме ја посетува на работа. Тој става гел во косата и носи маичка без ракави со натпис СОХО. Вистински кретен. Понекогаш ги гледам во огледалата, тајно се бакнуваат во килерчето во кое таа ги подготвува апетисаните што ги послужуваат бесплатно со аперитивот.
Утрово на Виа дела Мадалена видов како ограбија некого. „Al ladro!“, викаше тој. „Al ladro!“ Потоа од зад аголот истрча едно момче. По него трчаше еден маж. Носеше бел џемпер, лицето му беше буцкасто, а стомакот голем. Личеше на чесен човек што од мали нозе научил напорно да работи за ситни пари. Момчето трчаше по нагорнината, кон Виа Гарибалди, покрај сончевиот часовник, а потоа продолжи да се искачува по скалилата на Салита Сан Франческо. Ограбениот дебелко немаше шанси.
Подоцна седнав на пијалак на Пјаца деле ербе. Тоа е необично место; секоја вечер има случувања без јас да морам да организирам нешто. Малите портокалови маси се од барот Берто, најстариот паб на плоштадот, познат по својот аперитив. Белите маси ѝ припаѓаат на безимената гостилница во која е невозможно да јадеш без претходна резервација. Црвените и жолтите маси им припаѓаат на различни кафулиња, а зад нив има уште една тераса, малку подолу. Можам да проверам за имињата ако ве интересира. Седев на една сина маса во горниот дел на плоштадот и гледав кон терасата на Берто. Сините маси му припаѓаат на Трегајо, основан од тројца хомосексуалци што со денови размислувале и разменувале идеи и на крајот сепак не смислиле подобро име од ова. Пиев верментино од заливот Тигуљо. Една транџа со импресивен изглед и со многу темни очила за сонце седеше на барски стол пред зградата. Беше тоа успокојувачка глетка, таа е секогаш таму. Улични музичари. Продавачи на рози. А потоа ми проговори: „Има нешто женствено во тебе.“ Со прстите ми помина низ косата како кога маж покажува дека е нешто негова сопственост. „Како се викаш?“ Гласот ѝ беше како на пристаништен работник. „Не грижи се, знам. Ќе те викам Џулија.“
Таа вечер имаше куса, ама силна луња. Бев на пат за дома кога почна. Се засолнав во еден пасаж. Имаше официјално име што подоцна го забележав: Аркиволто монџардино. Црното небо молскаше зелено. Никогаш не сум видел такво нешто. Дождот тропотеше како двата железни порткулиси од двете страни на галеријата. По неколку минути престана.
Но уличните светилки се изгаснаа. Во уличките во кои едвај се пробива дневната светлина владееше средновековен мрак. Мојата куќа не беше далеку. Би можел и да ја наџбарам, сигурен бев. Да, оттука улицата продолжуваше во нагорнина. Сигурно е Вико Вегети. Одлево и оддесно почувствував скелиња. Токму така. Тука се реновира. А потоа за малку ќе се спрепнев на нешто. Дрвена греда или нешто слично. Така барем се чинеше. Опасно е да се остави такво нешто среде улица. Се наведнав за да ја преместам на една страна. Ама како да не беше од дрво. Беше премногу студена и лизгава за да биде дрвена. И беше премногу заоблена за да биде греда. Беше чудна на допир, дури и малку гнасна. Се обидов да ја искористам светлината од својот мобилен телефон како светилка, ама беше преслаба. Бев речиси стигнат дома. Одлучив да го турнам нештото зад контејнерите со шут и да се вратам следниот ден да го проверам. Навистина сакав да знам што е.

2.

Проститутките се за ручек. Се појавуваат околу единаесет или единаесет и пол. Се врткаат во лавиринтот од улички на удолничавиот триаголник меѓу Виа Гарибалди, Виа Сан Лука и Виа луколи, на двете страни на Виа дела Мадалена, во тесните, мрачни улички со поетски имиња како Вико дела роза, Вико деи анџели и Вико аи кватро канти ди Сан Франческо. Во овие улички сонцето не грее дури ни напладне. Ноншалантно се потпираат на довратниците или седат во групи на улицата. Ми довикуваат нешта како „аморе“. Велат дека ме сакаат и дека сакаат да одам со нив. Велат дека сакаат да ми ја мрсат косата. Сите се црни. Поцрни се од антрацитните сенки во утробата на овој град. И напладне го шират мирисот на ноќта. Стојат таму на горделивите, долги нозе, секајќи арогантен блесок од очите. Не знам како ќе излезам жив оттука. Службениците со кожени актовки возбудени минуваат набрзина.
Подоцна повторно ги гледам во Галерија Мацини: џеновските судии само по кошули и со темносини сакоа префрлени преку рамо, со актовки од телешка кожа полни со понекој важен документ оставен на нивна одговорност. Тие сакаат да се шеткаат по мермерниот под, покрај изложените старини, уживајќи во возвишениот одек од своите чекори под кристалниот плафон. Грифони со грбот на Џенова на градите ги потпираат лустерите, клуновите им се свиткани со ароганција. Ако поминеш низ галеријата од страната на Пјаца Корвето, ќе излезеш кај операта. Каде на друго место?
Заминав кон морето. Во далечината, еден жолт авион се лизгаше над брановите и собираше вода. Во планините има шумски пожари. Познавам луѓе што можат да ти кажат какво ќе биде времето утре според висината до која одлетуваат ластовичките. Но нискиот лет на канадерот е најсигурен показател за пеколно лето.
Си купив нова облека за да можам да се шмугнам во овој елегантен нов свет како нов човек. Неколку летни италијански костуми, кошули по мерка, чифт елегантни чевли меки како путер, но остри како нож, и вистинска панама-шапка. Ме чинеше вистинско богатство, но го сметав тоа за неопходна инвестиција што ќе ѝ даде елан на мојата асимилација.
Таа вечер разговарав со Рашид. Тој продава рози. Обично налетувам на него неколкупати во текот на вечерта. Му понудив пијалак. Поседа некое време со мене. Од Казабланка бил, ми рече, инженер што специјализирал климатизација и ладење. Во Казабланка имал голема куќа, но немал пари. Затоа дошол во Џенова, но не може да најде работа зашто не зборува италијански. Во текот на денот се обидува да научи италијански од видеата на Јутјуб. Навечер продава рози. Секоја вечер ги поминува сите тераси до Нерви. А потоа се враќа назад. До Нерви и назад има дваесет и четири километри. Живее со единаесет други Мароканци во двособен стан. „Секако дека има стаорци, но, за среќа, не се толку големи. Сите Мароканци мислат дека во Европа можеш да се збогатиш дури и без труд. Се разбира, тие нема да се вратат назад додека не заштедат доволно за да изнајмат мерцедес на две недели и да одглумат дека во Европа станале спектакуларно богати и успешни. Тоа е бајка што се разубавува со секое прераскажување. Но јас сум ја видел реалноста, Илја, јас сум ја видел реалноста.“
Кога се враќав дома, знамето се вееше високо на врвот на кулите од Дуждовата палата. Не беше тоа ни европското, ни италијанското знаме. Црвен крст на бела заднина: знамето на Џенова. La Superba. Над пристаништето и во далечината, над црните планини на Лигурија, го слушнав грачењето на грифоните.
И тогаш се сетив. Претходната ноќ се спрепнав на нешто во мракот на Вико Вегети. И го скрив тоа нешто зад еден контејнер за шут. Сега уличните светилки повторно светеа и всушност бев многу љубопитен.
Но нештото веќе не беше таму. Имаше секакви работи во близина на контејнерите на аголот од Пјаца Сан Бернардо, но ништо на што би можел да се спрепнам. Е, добро де, можеби и не беше толку важно. Освен тоа, сфатив дека покажувањето преголем интерес за ѓубрето може да им изгледа по малку чудно на малкуте случајни минувачи. Во секој случај, тоа не беше имиџот што сакав да го наметнам како горд, ганц нов имигрант во градот. Си отидов дома.
Но малку погоре во уличката, близу скелињата, имаше контејнер полн со шут. Се сеќавам дека се придржував за скелето во мракот кога снема струја. За секој случај, погледнав внатре да видам дали е таму нештото. Прво не го видов, но потоа го здогледав. Се свртев за да проверам да не ме гледа некој, го зедов и се скаменив од страв. Тоа беше нога – женска нога. Без сомнение женска нога. И, да беше во вистинскиот контекст, би била привлечна – вита и долга, со совршени пропорции. Веќе немаше чевел, но сè уште беше во чорап; долг, од они старомодните што само уште моделите на интернет ги носат. Да прејдам на главното, се најдов таму, среде ноќ, во мојот нов странски град, и држев ампутирана женска нога, а, кога ќе се земеше предвид сè, тоа не ми се чинеше како идеален почеток на мојот нов живот. Можеби треба да ја повикам полицијата. Ама можеби е подобро да не го правам тоа. Ја вратив ногата назад и си легнав.
Но подоцна изрипав од сонот облеан во пот. Како можев да бидам толку глупав? Се разбира, можам да се убедувам себеси дека си имам причини – кои, за волја на вистината, многумина би ги сфатиле – што не сакав да имам ништо со отсечената женска нога. Случајно ја пронајдов на јавно место – но стоев таму држејќи ја во своите раце. Мислам, стоев таму и двапати ја зграпчив со своите неискусни, кучешки шепи. Зарем не сум чул некогаш за отпечатоци од прсти? Или за траги од ДНК? А кога ногата ќе го привлече вниманието на карабиниерите, што порано или подоцна ќе се случи, и тие ли ќе ја фрлат настрана како уште една отсечена женска нога најдена во уличките или веројатно ќе бидат љубопитни да дознаат кому му припаѓала, кој ја ампутирал и дали се случило ова со одобрување на сопственичката? И зарем нема тие, кога ќе им се всади љубопитноста, да извршат едноставна потрага по траги? И зарем нема да биде истрагата во соседството следниот очигледен чекор? Свести се, копук.
Но веќе немаше потреба да си го велам тоа. Веќе бев целосно буден. И не само тоа, веќе се облекував. Сè уште беше ноќ, темница, никој наоколу. Морав брзо да дејствувам. Ногата сè уште беше таму. Немав никаков детален план, но отстранувањето корпус деликти од јавното место се чинеше како разумен почеток. Ја понесов дома со себе и ја потпрев од задната страна на орманот од ИКЕА во мојата спална.

Тагови од објавата
More from Илја Леонар Фајфер
Гранд хотел Европа
Исклучиво европска тенденција е да се сака минатото над сѐ. Во Европа...
Повеќе
0 replies on “La Superba”