Кои писатели го преживеаја распадот на Југославија?

Во најновата емисија Мост на Радио Слободна Европа се разговараше за тоа дали постои регионален културен простор. Соговорници беа една босанска писателка и еден српски писател.

full_size_1_20110411200434

Во најновата емисија Мост на Радио Слободна Европа се разговараше за тоа дали постои регионален културен простор. Соговорници беа Шејла Шехабовиќ, книжевничка од Тузла, и Томислав Марковиќ, писател од Белград. Разговорот го водеше Омер Карабег.

Каква е денес комуникацијата меѓу писателите, глумците и сликарите на просторот на поранешна Југославија? Се обновуваат ли некогашните врски или сè се сведува на поединечните контакти меѓу луѓето на кои војната и говорот на омраза не можеле да им го уништат пријателството?

Шејла Шехабовиќ: Тоа е многу тешко прашање кога ѝ се поставува на мојата генерација, затоа што тие некогашни врски на заедничкиот културен простор не се дел од нашето сопствено искуство. Ние можевме само да гледаме како се обновуваат тие. Мислам дека се тоа врските што некогаш постоеле во она што денес го нарекуваме регион, а всушност секогаш мислиме на Југославија обновена по војната и тоа главно се случувало на лична основа. Упатени сме едни кон други и тврдам дека е тоа најмногу поради заедничкиот јазик и поради растењето во заедничка култура. Имавме можност да го користиме истиот културен простор, тоа се случуваше дури и во времето по војната. Од друга страна, луѓето од мојата генерација и оние многу помлади од нас никогаш не ни имале такви контакти, па немале ни што да обновуваат. Нашите регионални културни проекти се, всушност, нешто сосема ново. Лично би сакала да имаме повеќе простор за нова продукција наместо да се занимаваме со носталгија.

Томислав Марковиќ: Мислам дека постои заеднички простор со ист јазик, како и да го нарекуваме, и дека во неговите рамки, на некој начин, се обновуваат контактите. Од друга страна, има право Шеља кога за нашата генерација и за генерациите што дојдоа по нас кажува дека немаат искуство со активниот културен живот во Југославија. Едноставно, кога имавме десетина години, Југославија се распадна, Србија тргна во уништување на Југославија, така што сега градиме нешто целосно ново. Меѓутоа, не може да ѝ се избега на референцата на она што постоело порано во Југославија. Мислам дека во обновувањето на старите врски и во градењето нови е битно да се позанимаваме со работите поради кои дојде до кинење на врските.

Колку стравот од обновување на Југославија го лимитира воспоставувањето културна соработка во регионот? Кога и да се приближат малку повеќе луѓето во овој регион, политичарите повикуваат: „Внимавајте, немојте да ја обновите Југославија!“

Шејла Шехабовиќ: Постои цел слој луѓе што се врзани за буџетите на сопствените државички што настанаа по распаѓањето на поранешна Југославија и нивна работа е да ја спречуваат комуникацијата. Тие не можат да дозволат да се појави некој што ќе има поголем пазар од оној што си го осигурале со своите политички врски. Од друга страна, на пазарното ниво цвета брендирањето на југоносталгијата, кое е целосно некритично. Сè се претвора во некој вид жалење и тагување по она што било некогаш.Во тоа жалење нема простор за разговор за тоа што имаме да си понудиме едни на други, а имаме навистина многу. И тоа не од 1982, туку од 2013 година.

Томислав Марковиќ: Ми се чини дека отпорот на политичката елита кон Југославија помалку има врска со културата, а дека повеќе се базира врз отпорот кон некои други вредности што постоеле во социјализмот, како што се рамноправноста, еднаквоста, сериозната здравствена и социјална заштита, општеството во кое не постојат големи социјални разлики. Тие го уништија југословенскиот проект со своите националистички политики, така што е секое повикување на Југославија несоодветно. Од друга страна, постои некој вид амблематско југословенство и југоносталгија, па се зборува за некое митско време кога се живеело прекрасно, а многу малку се работи на тоа тој период да се проучи и да се извлече нешто паметно од тоа искуство. Постојат и мали писатели што се врзани за своите национални заедници и на кои им одговара расцепканоста и поделеноста. Поетот Слободан Благоевиќ на почетокот на деведесеттите години рече дека на Матија Бечковиќ му одговара територијата на која ѝ се обраќа како писател да биде што помала.

full_size_1_20130519100728

Колку е националистичкиот дискурс присутен во литературата во регионот? Го имаше премногу во деведесеттите години, го има ли и денес?

Шејла Шехабовиќ: Го има, но помалку се препознава поради тоа што се многу писатели истренирани така што е за нив тоа единствениот дискурс за кој знаат. Мене ми се интересни помладите писатели, кои и не забележуваат што им се случило и на кој начин се индоктринирани. Тие го земаат национализмот како појдовна точка, како нешто што се подразбира, како нешто што не се доведува во прашање. Тие тргнуваат од тоа дека книжевноста ѝ служи на нацијата.

Томислав Марковиќ: Ние во Србија дојдовме во парадоксална ситуација националистичкиот дискурс да е поприсутен во литературата отколку во политиката. Актерите во злосторничките режими сега се обидуваат да спроведат европска политика, додека во културата, пред сè во книжевноста, каде што е најтврдо јадрото на национализмот, работите остануваат замрзнати, така што националистичките писатели добиваат и наследници, како што е, на пример, групата П-70. Работите толку се поместија што некогаш имавме национализам „Виндоус“, а сега имаме национализам „Икс-пе“. Значи, работите толку се поместија што национализмот станува по малку „лајт“, но и понатаму има свои заговорници. Тоа на тие писатели им се исплати затоа што врз основа на својот националистички ангажман добиваат државни синекури и простории за работа. Тие имаат поддршка од системот затоа што лустрацијата никогаш се нема случено во Србија. Националистичките сили дејствуваа преку културата и преку книжевноста, каде што е национализмот на некој начин и започнат, па подоцна се прелил во политичката структура. Сите тие луѓе и понатаму се активни и понатаму се великани и повеќето книжевници не ги доведуваат во прашање Добрица Ќосиќ, Матија Бечковиќ или Љубомир Симовиќ. Тие добиваат и наследници, така што се одржува тој континуитет на национализмот во културата.

Колку е војната како тема присутна во постјугословенската литература?

Шејла Шехабовиќ: Присутна е. Директно, а уште почесто индиректно. Ова можам да го кажам од своето лично писателско искуство. Јас никогаш не сум сакала да пишувам за војната, а на крајот завршив со книга раскази што зборува за војната. Некои луѓе посредно зборуваат за војната, а некои ја избегнуваат затоа што е чувствителна тема. Имаше книжевници што пишуваа за жртвите тргувајќи со емоциите. Луѓето се одлучуваат да пишуваат за војната од две причини. Едните мислат дека треба нешто да биде кажано, а другите мислат дека тоа што го кажуваат ќе им донесе најголема лична корист. Првите создаваат книжевност што вреди, додека вторите ќе бидат споменувани од историчарите на книжевноста кога тие ќе пишуваат за тоа на кој сè начин во литературата од овој регион се пишувало за војната.

full_size_1_20120426203612

Кои југословенски писатели ги преживеаја распаѓањето на Југославија и поделбата, па денес фигурираат како вистинска величина во сите национални култури. Дали воопшто има такви случаи?

Томислав Марковиќ: Мене ми се поинтересни писателите што не преживеаја, односно оние што се маргинализирани. Мене ми е интересен Оскар Давичо, кој е голем поет, а кој е практично целосно „гурнат“ на маргината, како и најголемиот дел од надреализмот, од едноставна причина што биле комунисти. Сè што е левичарско има стигма зашто – гледано од националистичкиот дискурс – ништо што е левичарско не може да биде добро. Инаку, ми се чини дека Данило Киш има неподелен углед на целиот простор. Некои други писатели, како Радомир Константиновиќ, некаде се уважуваат, но ги оспоруваат во Србија, особено оние од националистичките клубови. Мирко Ковач речиси беше протеран од српската култура, но полека се враќа, книгите му се објавуваат, така што мислам дека е во тек процесот на неговото враќање во Србија. Равалоризацијата на југословенското наследство допрва треба да биде направена. Мене ми се интересни и југоносталгичните луѓе што работеле на уништување на Југославија. Така, Љубомир Симовиќ неодамна во едно интервју се запраша дали се сеќава некој на големите теориски библиотеки како што се Книжевност и цивилизација, Книжевни погледи и Соѕвездија – кои се уредувани од големи уредници, каде што се објавувани големи книги – и дали има некој забележано дека тие исчезнаа. Секако дека забележавме и секако дека ни е жал што нешто слично повеќе не се објавува, но не работев јас на уништувањето на тој културен простор и на таа држава, која овозможила тие книги да се преведуваат и да се објавуваат, туку Љубомир Симовиќ. Не беше мојата песна химна на Црвените баретки, туку неговата.

А што е со Крлежа, со Црњански, со Меша Селимовиќ? Дали се тие регионално прифатени како големи писатели?

Томислав Марковиќ: Мене ми се чини дека главно се, иако имаше проблем со Крлежа минатата година, кога му беше посветен Фестивалот на еден писател во Културниот центар во Белград. Тогаш членовите на групата П-70 го нападнаа фестивалот зборувајќи дека е Крлежа противник на Србија и на Србите. Имаме и писатели околу кои се расправаат различни книжевности. Јас мислам дека тоа би се решило со повторно враќање на поимот југословенска книжевност. На крајот, Данило Киш отсекогаш тврдел дека е југословенски писател.

Шејла Шехабовиќ: Јас мислам дека денес сите ги читаат и Чопиќ, и Андриќ, и Меша Селимовиќ. Во Тузла се доделува регионалната награда Меша Селимовиќ и никој не поставува прашање чиј е тој. Преживеаја многу, дури и некои комични ситуации се случуваат. Мене пред неколку години ми покажуваа некаков план и програма за студии по книжевност во Србија, каде што меѓу српските писатели беа набројани сите што пишувале на нашиот јазик – вклучувајќи го и Мак Диздар, што мене ми беше особено комично. Познат е случајот со Иво Андриќ, кого или сите го сакаат или никој не го сака. Или е виновен за сите војни или е најдобриот писател на светот. Јас би сакала посебно да ја споменам Дубравка Угрешиќ. Таа баш го преживеа распаѓањето на југословенскиот културен простор, не само што го преживеа туку во своите дела и го проблематизираше.

Мене ми е особено интересно, а и доста индикативно, сето она што се случува околу Андриќ. Како што кажа Шеља, за него или се расправаат или го негираат.

Томислав Марковиќ: Тоа е дел од национализмот. Тоа, исто така, би се решило со воведување на поимот југословенска книжевност. Меѓутоа, ајде малку да ја спуштиме топката. Писателите им припаѓаат на своите читатели, а не на националните култури. Меѓу другото, повеќето луѓе во овие наши држави не ги читаат тие големи писатели, па целото расправање околу нив ја губи смислата. Како што Новак Ѓоковиќ игра тенис за себе, а не за Србија, така писателите пишуваат за своите читатели, а не за луѓето што не ги читаат. Сеедно како тие луѓе себеси се доживуваат – како Срби, Хрвати, Босанци или како што уште не.

full_size_1_20120327124412

Што е со Македонија, со Косово и со Словенија? Какви се културните врски со тие земји, во кои не се зборува српско-хрватско-босанско-црногорскиот јазик, така да го наречам? Можат ли тие да бидат дел од регионалниот културен простор?

Томислав Марковиќ: Можат преку преводот. Со постарите генерации некако е полесно, затоа што сите го зборуваат заедничкиот јазик, но со помладите е неопходна комуникација на англиски. Со Косово, всушност, проблемот беше најголем поради политичкиот „апартхејд“ и поради ставот на политичко-националистичката елита во Србија, која врз косовскиот мит го градеше националистичкиот идентитет. Меѓутоа, во последно време се прави нешто во врска со културните врски со Косово, навистина не премногу, но има некои обиди. Во таа смисла се и иницијативите што ги поведоа белградскиот Бетон и приштинската Qendra multimedia. Ми се чини дека е со Македонија и со Словенија, барем што се однесува на Србија, полесно. Војната со Словенија траеше кратко, додека со Македонија немаше никакви конфликти, така што тоа ја олеснува културната и секоја друга соработка. Најголемиот проблем е со Косово, но со некакво залагање и желба  да се воспостави соработка за инает на многуте препреки – може навистина многу да се направи, а постои заинтересираност за соработка, особено на Косово. Кога во Приштина беше промовирана антологијата на младата српска проза Од Белград со љубов или кога Бетон и Qendra multimedija го организираа меѓународниот книжевен фестивал Полип, поголемиот број косовски медиуми пишуваа за тоа, а кога во Белград беше промовирана антологијата на младата книжевна сцена од Косово Од Приштина со љубов, ниеден белградски медиум не известуваше за тоа. Овде во Србија постои еден вид расизам кон Албанците и кон Косово и треба да поминат децении за тој да се разбие, но мора да се работи на тоа, нема друго.

Шејла Шехабовиќ: Кога станува збор за Македонија, за Косово и за Словенија, постои дискриминацијата на која сме навикнати. Нам ни беше најнормална работа тоа што сите во Македонија го зборуваат нашиот јазик, а ние никогаш не научивме ништо на македонски и на словенечки. Многу луѓе во Македонија, во Словенија и на Косово се согласија на таквиот однос затоа што се многу добродушни, но мислам дека сме должни да го прекинеме тој колонизаторски однос според кој јас, кога одам во некоја од тие земји, сметам дека е нормално да читам на својот јазик и тие да ме разбираат, а дека не треба да се трудам да го научам нивниот јазик.

Мислите ли дека регионалниот културен простор ќе се шири и ќе се зајакнува со логиката на пазарот и со потребата од културна соработка меѓу државите од поранешна Југославија или тоа ќе биде нешто само за покажување пред Европската Унија?

Томислав Марковиќ: Мислам дека постои интерес за културна соработка и дека мрежите што се веќе воспоставени ќе зајакнуваат и ќе се шират. Јас сум оптимист и не сакам да верувам дека повторно ќе се затвориме во своите мали национални заедници.

Шејла Шехабовиќ: Мислам дека регионалните културни врски ќе зајакнат, пред сè со силата на пазарот. Кога пишувате книга, логично е дека им се обраќате на сите што ви се достапни. Мислам дека ќе мора да се развие еден вид заеднички културен пазар, без оглед дали од економски причини или поради потребата луѓето да комуницираат. Јас мислам дека токму благодарение на препреките што сега ги имаме во комуникацијата ќе се развие нов креативен облик на соработка. Мене оваа ситуација, најверојатно затоа што се навикнав да живеам во хаос, ми е голема инспирација. Мислам дека заедничкиот културен простор ќе се развива и дека ќе имаме што да им оставиме на идните генерации. Верувам дека на тие луѓе ќе им изгледа чудно ова што ние денес го правиме и го пишуваме и дека на ова наше време ќе се гледа како на егзотичен период во развојот на нашите култури.

Илустрации: Џоел Реа

Напишано од
More from РЕПЕР
Кон „Ана“ од Николо Аманити
Е сега, прашањето е зошто Аманити ги одбрал само децата, зошто го...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *