Неправилната употреба на „со“ наместо „и“

Марко со другарите играа фудбал - проблемот кај ваквите реченици се јавува во поглед на согласувањето по број.

timesnewmacedonianВо разговорниот јазик се многу чести примерите од типот: Марко со другарите играа фудбал. Проблемот кај ваквите реченици се јавува во поглед на согласувањето по број.

Имено, иако е точно дека со употребата на со се укажува на заедничко вршење на дејството, во наведената реченица подмет е само Марко, а не – Марко со другарите.

Во Синтаксата на македонскиот стандарден јазик, Лилјана Минова-Ѓуркова вака го разгледува ова јазично прашање: „Кај примерите од типот: Ние со Мира се договоривме, или: Вие со Мира ќе отпатувате и сл., има специфичност во таа смисла што ние и вие можеме двојно да ги интерпретираме: 1. под ние, вие – можеме да подразбираме множество од лица во кое не е вклучено именуваното (Мира); 2. под ние, вие можеме да подразбираме множество од лица во кое е вклучено и именуваното. Токму во врска со можноста за ваква интерпретација и ги разгледуваме овие примери: во формите ние и вие, во вакви случаи, веќе се содржи лицето воведено со предлогот со во реченицата, па всушност, како да велиме: Јас и Мира со Мира, односно: Ти и Мира со Мира и сл. Во овие примери се среќаваме со изделување/доточнување на идентитетот на еден од учесниците, кој е, како што видовме, веќе содржан во заменските форми. Во стандардниот јазик ваквите примери ќе гласат: Мира и јас се договоривме / Јас се договорив со Мира; Ти и Мира ќе отпатувате / Ти ќе отпатуваш со Мира“ (Минова-Ѓуркова, 2000: 200).

Врз основа на наведеното, јасно е дека споменатата реченица – Марко со другарите играа фудбал – е неприфатлива во стандардниот јазик. Таа треба да гласи: Марко и другарите играа фудбал, или пак: Марко играше фудбал со другарите.

На mak.katce@gmail.com ги очекуваме вашите прашања и препораки.

Литература:

Минова-Ѓуркова Л. 2000: Синтакса на македонскиот стандарден јазик. Скопје: „Магор“.

Напишано од
More from РЕПЕР
Секојдневни мисли
Бразилски цртач кој живее и работи во Лондон.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *