Шедов аквариум

Неокласичното здание кое станало првиот затворен аквариум со постојана изложба на флората и фауната од солените и од слатките водни средини.

IMG_3051-1

Уште една потврда дека жителите на Чикаго отсекогаш наоѓале баланс меѓу дишењето во ритамот на космополитизмот и тежнеењето кон исклучителното е и  Шедовиот аквариум. Тој е симбол на двојната природа на чикажани. Од една страна константно желни да припаѓаат на глобалните текови, од друга страна да бидат ако не први тогаш најдобри во сè што прават. Со искрата на таа идеја во себе и со желбата да му возврати на градот во кој станал човек, и тоа мошне богат човек, тргнал основачот Џон Џ. Шед. Аквариумот во паркот Грант се родил како американски одговор на премолчаниот консензус дека секој голем светски град поседува аквариум. Процесот на градење траел повеќе од половина деценија и неговиот основач не дочекал со свои очи да го види неокласичното здание кое станало првиот затворен аквариум со постојана изложба на флората и фауната од солените и од слатките водни средини.

Збирката од над 1,500 видови меѓу кои 25,000 риби, но и едночудо морски цицачи, птици, водоземци, инсекти и змии пловат во 19 милиони литри вода, што е воодушевувачка количина, истовремено и стравична, бидејќи може да предизвика многу неволји доколку се најде на улиците. Но, за среќа, тука не е таков случајот. Напротив, 85-годишната традиција е надополнета со иновацијии в стилот на XXI век при осмислувањето на просторот и колекциите. Сините жаби, огромните змии, рипчињата а-ла „Барајќи го Немо“, смешните пингвини, слатките делфини, ражите со кирилични букви на грбот, морските ѕвезди кои ги поздравуваат минувачите висејќи на стаклата, разиграните морски коњчиња, прекрасноосветелните медузи, декоративните мали јагули забиени во песокот како стапчиња од сладолед, и егзотичните бои кои го преплавуваат секое ќоше на музејот, се награда после долгото чекање во километарската редица пред аквариумот. Ако и после сè, имате уште сила и енергија да откривате светови, во близина се Адлеровиот планетариум и Филдовиот природонаучен музеј.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Да се погоди мерката е важно
Интервју со Душко Крстески Кристан - автор на поетската книга „Алхемија на...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *