Најчести грешки при употребата на глаголскиот прилог

Глаголскиот прилог е нелична глаголска форма што се образува со додавање на наставката –јќи на глаголите од несвршен вид (чита – читајќи, пее – пеејќи, стои – стоејќи). Се употребува за да означи дејство што се врши паралелно со некое друго дејство. На пример:

Читајќи ги лекциите, го потцртуваше најважното.

Таа секогаш работи пеејќи.

Не ми е јасно како можеш да јадеш стоејќи.

Притоа, треба да се има предвид дека дејството означено со глаголот во лична форма и дејството означено со глаголскиот прилог секогаш ги врши ист субјект. Оттаму, не се правилни примерите од типот:

Се наведна за да влезе низ ниската врата, нејзината глава допирајќи го плафонот.

Иако е јасно дека станува збор за ист вршител на дејството, ваквата реченица не е правилна затоа што тоа треба да биде претставено и граматички. Значи, примерот би требало да гласи:

Се наведна за да влезе низ ниската врата, при што нејзината глава го допре плафонот.

Или, ако сакаме да го задржиме глаголскиот прилог:

Се наведна за да влезе низ ниската врата, со главата допирајќи го плафонот.

Оттука, не се правилни ниту примерите кога употребуваме глаголски прилог во комбинација со безличен глагол, како на пример:

Имајќи го предвид горенаведеното, може да се заклучи следното…

Во овој случај, би требало и во првиот дел од реченицата да употребиме безличен глагол, па примерот би гласел:

Ако се има предвид горенаведеното, може да се заклучи следното…

Или, пак, во вториот дел од реченицата да употребиме конкретен вршител на дејството:

Имајќи го предвид горенаведеното, може да го заклучиме следното…

Како што е кажано погоре, глаголскиот прилог се употребува единствено за означување истовремено дејство, па, така, со него не може да се означи последователно дејство, цел или некаков причинско-последичен однос. На пример:

Не стигна навреме, пропуштајќи го автобусот.

Овој пример би требало да гласи:

Не стигна навреме затоа што го пропушти автобусот.

Правописно, кај глаголскиот прилог најчесто се греши кога тој се пишува со к наместо со ќ, како што е правилно – читајќи, а не: читајки; пеејќи, а не: пеејки; стоејќи, а не: стоејки. Освен тоа, се греши и при пишувањето на неговата негација – како и кај личните глаголски форми, честичката не се пишува разделено од глаголскиот прилог (не слушајќи), а не слеано, како што често се случува во практиката (неслушајќи).

 

 

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Запознавање со вселената
Поезија на Михајло Свидерски
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *