Амал Клуни кон „Последната девојка“

Но Надија одби да биде замолчена. Се спротивстави на сите етикети што животот ѝ ги прикачи. Сираче. Жртва на силувања. Робинка. Бегалец. Наместо тоа, создаде нови.

Надија Мурад не е само мој клиент, таа е и моја пријателка. Кога се запознавме во Лондон, ме праша дали би била нејзина адвокатка. Ми објасни дека нема пари и дека судскиот процес веројатно ќе биде долг и неуспешен.
„Но, пред да одлучите“, рече, „слушнете ја мојата приказна.“
2014 година. Исламската држава го нападнала селото на Надија во Ирак и животот на дваесет и едногодишната студентка бил уништен. Била принудена да гледа како ги убиваат нејзината мајка и браќа. А самата Надија била меѓусебно разменувана од борците на Исламската Држава. Ја присилувале да се моли, да се облекува и да се шминка пред да ја силуваат, а една ноќ група мажи ја малтретирале на најсуров начин сè додека не се онесвестила. Ми ги покажа лузните од мачењето со цигари и од претепувањето. Ми кажа и дека за цело време на нејзината агонија милитантите од Исламската Држава ја нарекувале валкана неверничка и се фалеле дека ќе ги покорат језидските жени и дека ќе ја избришат нивната вера од лицето на земјата.
Надија била само една од илјадниците језиди што припадниците на ИД ги носеле да ги продаваат по пазарите и на „Фејсбук“, понекогаш и за бедни дваесет долари. Мајката на Надја била една од осумдесетте постари жени што биле егзекутирани и за¬копани во необележени гробови. Шестмина од нејзините браќа биле меѓу стотината останати мажи што биле убиени во еден ден.
Надија зборуваше за геноцидот, а тој не се случува случајно. Геноцидот мора да биде планиран. Пред да започне, Министерството за истражување и фатва на ИД ги проучувало језидите и заклучиле дека тие, како народ што зборува курдски и нема света книга, се неверници чие поробување е „цврсто утврден аспект на шеријатот“. Ова била причината поради која језидите, во склад со деформираниот морал на ИД – за разлика од христијаните, шиитите и други – може да бидат систематски силувани. Всушност, тоа требало да биде еден од најефикасните начини за нивно уништување.
Следувало воспоставување бирократско зло на индустриско ниво. Исламската Држава дури издала памфлет Прашања и одговори во врска со фаќањето заробеници и робови за да¬вање дополнителни насоки. „Прашање: Дали е дозволено да имаш однос со робинка што сè уште не е влезена во пубертет? Одговор: Дозволено е да имаш однос со робинка што сè уште не е влезена во пубертет доколку таа е способна за таков однос. Прашање: Дали е дозволено да се продаваат робинки? Одговор: Дозволено е да се купуваат, да се продаваат и да се подаруваат заробениците и робинките бидејќи тие се само имот.“

Кога Надија ми ја раскажа својата приказна во Лондон, имаше поминато речиси две години откако започна геноцидот на ИД над језидите. Исламската Држава сè уште држеше илјадници језидски жени и деца во заробеништво, но ниту еден припадник на ИД никаде во светот не беше изведен пред суд поради тие злосторства. Доказите беа или изгубени или уништени, а веројатноста за постигнување правда изгледаше безнадежно.
Секако, го прифатив случајот. Надија и јас поминавме повеќе од една година заедно водејќи ја кампањата за барање правда. Одново и одново се состанувавме со Владата на Ирак, со претставниците на Обединетите нации, членовите на Советот за безбедност на ОН и жртвите на ИД. Подготвував извештаи, правев нацрти на документи, правев анализи и држев говори, преколнувајќи ги Обединетите нации да преземат нешто. Повеќето соговорници нè убедуваа дека тоа е невозможно – Советот за безбедност со години не презел никакви акции во врска со меѓународното право.
Но, токму додека го пишувам овој предговор, Советот ја усвои резолуцијата што го претставува пресвртот и со која ќе се основа истражен тим што ќе собира докази за злосторствата на ИД, почнувајќи од Ирак. Тоа е голема победа за Надија и за сите жртви на ИД бидејќи доказите ќе бидат сочувани и поединечните членови на ИД ќе може да бидат изведени пред суд. Седев покрај Надија во Советот за безбедност кога резолуцијата едногласно беше усвоена. И, додека гледавме како се креваат петнаесет раце, се погледнавме и се насмеавме.
Бидејќи сум адвокат што се занимава со човекови права, моја работа е да го кренам гласот во име на оние што се замолчени – новинари зад затворски решетки или жртви на воени злосторства што се борат својот случај да го изнесат на суд. Нема сомнеж дека припадниците на ИД се обидувале да ја замолчат Надија кога ја киднапирале и ја претвориле во робинка, ја силувале и ја мачеле и убиле седум членови на нејзиното семејство во еден ден.
Но Надија одби да биде замолчена. Се спротивстави на сите етикети што животот ѝ ги прикачи. Сираче. Жртва на силувања. Робинка. Бегалец. Наместо тоа, создаде нови. Онаа што преживува. Водач на језидите. Застапничка на жените. Кандидат за Нобелова награда за мир. Амбасадор на добрата волја на Обединетите нации. А сега и писателка.
За ова време колку што ја познавам, Надија не само што го пронајде својот глас туку стана и глас на секој језид што бил жртва на геноцидот, на секоја жена што била малтретирана, на сите бегалци што се оставени и заборавени.
Немаа право оние што мислеа дека можат да ја замолчат со суровост. Духот на Надија Мурад не е скршен и таа одбива да биде замолчена. Наместо тоа, низ оваа книга, нејзиниот глас се слуша посилно од кога било.

Амал Клуни
правничка
септември 2017 година

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Глорјана Вебер
Препев од словенечки: Драгана Евтимова
Повеќе
0 replies on “Амал Клуни кон „Последната девојка“”