Читателот на „Сфинга на гневот“ го замислувам како Индијана Џонс за книги

Со Жарко Кујунџиски, писател и главен уредник на книжевниот центар „Антолог“, зборуваме за многу нешта поврзани со 2020, годината што го промени светот неповратно, но и неговото творештво, издавачката куќа што ја води и македонската литература воопшто.

Блог Антологџии: Некако скромно беше најавена „Сфинга на гневот“ пред годинашниот Саем на книгата. Станува збор за интригантен и вешто смислен роман, жанровски и стилски палимпсест, со кој пристапуваш во досега неистражени предели на нашата проза. Сега, откако легнаа импресиите од саемот и откако „Сфинга на гневот“ беше најпродавана на штандот на Антолог, можеме ли да кажеме дека „Сфингата“ е најдобриот ракопис што кога било си го напишал?

ЖК: Кога авторот го завршува делото, чувствата се секогаш измешани. Од една страна е јанѕата дека колку и да работиш, нешто не е како што треба и може уште да се допишува и доработува. Од друга страна стои тоа дека делото е симулакрум на мисловните и креативни процеси во дадениот момент и како такво претставува неповторлива исклучителност. Она што вистински охрабрува за книгата е огромниот интерес од страна на читателите, како на Саемот така и отпосле. Но во контекст на скромноста што ја споменуваш, тоа би го поврзал и со растечкиот интерес за македонската литература. Мислам дека сме во период кога вниманието кон домашните автори е на задоволително ниво, што е одраз и на квалитетот што тие го нудат, но секако дека тоа мора и понатаму да се охрабрува и да се култивира. За мене беа доволно големи чудото и сатисфакцијата со тоа што при пишувањето на книгата и престојот во Сплит, Хрватска, го открив египетското наследство, кое отсекогаш ми било огромна фасцинација. Сфинги може да видите таму на неколку места низ градот, со многу интересна предисторија, што ми помогна многу во комплетирањето
на приказната.

Блог Антологџии: Во книгата се испреплетени историјата, митологијата, психологијата и општествените случувања. Од што најмногу црпеше инспирација при создавањето на оваа книга?

ЖК: Да бидам искрен, знаејќи се себеси и своите животни и професионални обврски, мислев дека никогаш нема да напишам и да објавам нов роман. Тоа беше чувство што траеше можеби и цела една деценија и на кое веќе се привикнав. Но книгата едноставно ме победи и ги победи сите авети наоколу. Приказната почна да пркнува никулци уште во 2016 година, па почна да длаби корења со мојот писателски престој во Сплит во 2018, за сите полициски часови и самоизолации во пролетта 2020 со КОВИД-19 буквално да ја извадат на светлината на денот. Слоевите во делото се нешто што особено ме радува, иако книгата почна многу скромно: едноставно да се раскаже приказна интересна за раскажување. Приказна за еден уредник во издавачка куќа што сака да го објави најдобриот ракопис што може да го замисли. Сепак, на крајот заврши со еден комплексен сплет, несекојдневен омаж на обединувањето и здружувањето на јужнословенските народи, а сето тоа на фонот на митот за Пандора. За мене лично „Сфинга на гневот“ е и потрага по смислата на постоењето на секого од нас како личност, но и артикулиран глас против поделбите на Балканот.

 

Блог Антологџии: Книгата изобилува со булгаковски елементи, но и со пресврти, мистерија, потрага и дешифрирање на пораки – нешто што го има кај модерните мегапопуларни автори како Ден Браун. Како успеваш да го споиш класичното со модерното?

ЖК: Некогаш авторот пишува патувајќи и меѓу туѓите текстови и затоа тука ги има и Михаил Булгаков и Константин Миладинов и античките митови и некои други важни книжевни и вокнижевни референции. Во романот сакав да направам и слевање на жанровите, односно помирување на крајностите во литературата денес. Од една страна ме влечеа трилерскиот суспенз и историската мистерија, а од друга страна убавата литература – белетристиката необременета од правила на пишување. Од една страна сакав да направам омаж на македонската поезија, а од друга страна стоеше гласот на историјата со своите наративни и политички замки. Од една страна беше нурнатоста во Скопје како мој роден град, а од друга страна возбудливоста на Сплит како туристичко место со многу драма. Од една страна беше домот, а од друга
патувањето. Помеѓу сите овие крајности и различности се роди „Сфинга на гневот“. Пред читателите се наоѓа роман читлив и интересен за сите вкусови. И оние што бараат приказна во која ќе уживаат „на плажа“ и оние што сакаат многу повеќе од тоа, што сакаат да размислуваат и да наоѓаат паралели и неоткриени слоеви во ракописот долго по читањето. Читателот на „Сфинга на гневот“ го замислувам како Индијана Џонс за книги што е подготвен да копне во секој ред на текстот за да открие некое книжевно богатство скриено од раскажувачот или од ликовите.

Блог Антологџии: Пред 21-виот роденден „Антолог“ се ребрендира и започнува едно ново поглавје со портокалова електронска продавница и нов сајт што понуди многу содржини и можности и дефинитивно ќе биде во чекор со светската издавачка елита. Зошто портокалова боја и какви сѐ привилегии имаат посетителите на новата електронска приказна на „Антолог“?

ЖК: Можам одговорно да кажам дека пуштањето во употреба на новиот сајт на „Антолог“ беше клучен настан за македонското издаваштво годинава. Македонија ја доби досега најдобрата и најкомплексна електронска книжарница, која во себе има толку многу содржини, функционалности, прегледности и заштита на сигурноста што создава репер за иднината. „Антолог“ уште еднаш покажа и докажа дека е лидер во иновативноста и во дослухот со современите технологии. Освен тоа, бевме први што настапивме со масовна книжевна кампања за справување со кризата во април годинава и го организиравме првиот електронски саем на книга во Македонија, кој опфаќаше многу виртуелни промоции, разговори со домашни и странски автори, нови книги, предизвици и други содржини, со цел да внесеме ведрина во секојдневјето на сите генерации од семејствата затечени од новата состојба. Портокаловата боја е токму боја на иновацијата, на младоста, нешто што ја прави нашата издавачка куќа препознатлива. Иако постоиме полни две децении, имаме чувство како вчера да сме почнале со работа.

Блог Антологџии: Она што го одбележува „Антолог“ последните 5 години е и организацијата на Фестивалот за европска литература „BookStar“, на кој продефилираа многу значајни имиња на современата европска, па и светска книжевност. Со оглед на ситуацијата со пандемијата, но и немањето слух на Министерството за култура за годинашна поддршка на овој грандиозен проект, ќе се одржи ли „BookStar 2020“?

ЖК: Импозантни се и бројот и еминентноста на писателите што изминаа на „BookStar“ во минатите пет години. Овој фестивал е моја лична севда и визија уште од студентските денови, пред петнаесетина години. За жал или за среќа, успеа да стане стварност во 2015 година, а минатата година на првиот јубилеј направивме фестивал што долго ќе се памети и ќе се прераскажува. Единствен логичен исход од сето ова беше дека годинава ќе ја добиеме целосната доверба и поддршка од државните институции. Наместо тоа, бевме цензурирани. Во време на пекање по европски вредности беше сторен обид за убиство на првиот фестивал на европска литература. Додека гледавме како приватни „журки“ или настани со нула реноме меѓу публиката добиваат десетици илјади евра од државната каса, брендот на „BookStar“ беше намерно заобиколен во листата на проекти и манифестации од национален интерес. За жал, одговорните не ја поправија својата грешка понатаму и не ја прифатија нашата жалба и со тоа направија уште поголемо злосторство кон европската и кон македонската литература, но и кон угледот на самото Министерство. Како и да е, „Антолог“ како и секогаш претходно со сопствени ресурси ќе најде начин и годинава „Букстар“ да опстои, а тоа ќе биде низ една зачестена промотивна активност во текот на месец октомври, месецот на „Букстар“.

 

Блог Антологџии: Ако се погледнат изданијата на „Антолог“ последнава година, ќе се добие впечаток дека се отвора една нова димензија во редот на автори. Елизабет Гилберт, Џејмс Клир, Софи Хана (Агата Кристи), Софија Лундберј, Роберт Галбрајт алијас Џ. К. Роулинг. Дали тоа значи дека „Антолог“ продолжува во еден нов правец – да биде во чекор со преференциите и изборот на глобалната читателска публика и таа публика да ја донесе и кај нас?

ЖК: Точно, „Антолог“ почна како издавачка куќа што објавува автори и дела од највисок дострел: Вилијам Фокнер, Труман Капоти, Франц Кафка, Итало Калвино, Хулио Кортасар, Маргарет Атвуд се само дел од имињата што првично ги приопштивме на македонски. Потоа продолживме и со современи класици од огромен број национални книжевности и станавме број еден издавачка куќа со преводи од различни национални литератури. Меѓу другото, „Антолог“ израсна во синоним за квалитетни преводи. Но сметаме дека растежот диктира други правила од строго останување во еден од многуте катови во зградата на Книжевноста. Сериозна издавачка куќа треба да ги задоволи (речиси) сите вкусови на читателите. Примерите и од најблиското соседство и од светот ни покажуваат дека цело е кога има сѐ. Кога се сака да се биде во дослух со современието, може да се објавуваат и Светлана Алексиевич и Софија Лундберј, и Меша Селимовиќ и Софи Хана. „Антолог“ не го менува ниту правецот на движење, туку само се надградува и се проширува бидејќи тапкањето во место е форма на назадување. На таков начин, им овозможуваме и на читателите отвореност кон што поголем број книжевни димензии.

 

Блог Антологџии: „Антолог“ продолжува да ги поддржува и младите македонски автори. Дијана Петрова, Анде Јанков, Денис Бојаров, Марта Димитров… Се бараат ли македонски автори?

ЖК: Речиси сите имиња што ги спомнуваш беа одбиени на минатогодишниот конкурс за издаваштво, но „Антолог“ заедно со авторите најде начин да ги објави. Сега овие книги наидуваат на одличен прием кај публиката и кај критиката. Во соработка со Младинскиот културен центар успеавме и да ги промовираме среде овие луди околности, а имаме и сериозни планови за иднината. „Антолог“ е меѓу првите, ако не и прва издавачка куќа што одамна воведе клучни новини за квалитетните македонски писатели: интензивен маркетинг, долгогодишни договори, процент од продажба, стабилни услови за работа. Со тоа го подигнавме нивото на третман на македонскиот автор на повисоко рамниште во нашата културна средина. Затоа секојдневно добиваме нови и нови ракописи, но сите што ни испраќаат мораат да бидат свесни дека процесот на селекција е бавен бидејќи е внимателен. Македонските автори се наша радост и гордост и со нив ќе продолжиме да ги рушиме бариерите.

Блог Антологџии: Ќе нè изненади ли „Антолог“ со уште некој ексклузивитет до крајот на годината? Од изданијата во подготовка се вртат големи имиња како Милчо Манчевски, Селимовиќ, Орвел итн. Ќе откриеме ли нешто поконкретно или сепак ќе сервирате вистински десерт за читателите кога ќе дојде време?!

ЖК: Од неодамна нашата издавачка програма е побогата за едицијата „Сталагмити-сталактити“, со која отвораме поглавје на вклученост на визуелните уметности, и неизмерно е задоволството што уште на самитe почетоци на оваа едиција како втора книга издаваме вредно дело од нашиот најпознат режисер и филмски автор, Милчо Манчевски. Од Меша Селимовиќ ја најавуваме и „Тишини“, покрај „Остров“, а подготвуваме и книга со интервјуа со најголемите светски писатели на денешнината, како и многу други нови изданија на имиња од калибарот на Станислав Лем, Фредрик Бакман, Ирса Сигурдардотир, Долорес Редондо, Маргарет Атвуд, итн.

 

Блог Антологџии: Што е полесно? Да се пишува книга или да се менаџира издавачка куќа? И која е тајната на успешното балансирање меѓу двете?

ЖК: Најтешко е да се соочите со неправдите и со игнорантскиот однос, како и со скриените и заткулисни игри. Од она што зависи од мене – пишувањето и раководењето, лично сè ми е лесно, особено кога се има опкружување на позитивни и креативни луѓе околу себе и кога се работи со искрена посветеност за квалитет и иновативност, нешто што е подигнато во мото, како мое, така и на издавачката куќа каде што работам. За крај, им благодарам на сите оние што сите овие години се наши фанови и следбеници, се надевам дека понатаму само ќе го продлабочиме нашиот однос на доверба.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Десет романи што станале филмови (втор дел)
Со вториот дел од рубриката „Меѓу хартијата и платното“ ги пренесуваме другите...
Повеќе
0 replies on “Читателот на „Сфинга на гневот“ го замислувам како Индијана Џонс за книги”