Излегување од сенка (Тајното женско училиште)

Книга на месец мај

Февруари 1862

Тие неправдата што ти ја сторија и коските твои од мене ги сокрија, за никогаш да не можам да ти ги соберам. Не ми дадоја да ми те предадам цел на вечноста – плашејќи се да не воскреснеш. Не знаеја дека и прав да те сторат, нашето дело нема да го сотрат оти тоа како нежно кокиче храбро ѝ се спротивставува на зимата, насекаде и во сечија правдољубива душа никнува.
Делото што го создадовме ние му го оставам на светот во твој спомен за жртвата што ти ја даде. Не им ја даде, ја зедоа сами поради немоќта да нè спречат во тоа што го почнавме оти не знаеја од каде иде. Делото наше нека го слави името твое, за тебе, мојот неуморлив и тврд како мермер од родните планини Димитар, кој не отстапи ниту чекор од личната, семејната и народната свест.
Нека те слави светот, Димитаре, нека те слави и нека те памти оти само така и нашето дело ќе биде запамтено!

Плачиврбите ја напојуваа својата убавина, веднејќи се ниско над реката. Езерото се отимаше и истекуваше преку реката, носејќи го во својата синевина сиот умор од приказните на кои се беше изнагледало. Гледало, слушало, памтело – но ваква приказна досега не запамтило. Градот гледал, гледал, се нагледал – но ваква неправдина не видел. Немаше да ја видам ни јас, да не мојата ѕвезда таму некаде горе, пожелела да ѝ се доближи на ѕвездата на Димитрија. На мојот Димитирија, несудениот грнчар по татко му, а грнчар на душите човекови. Души страдални, по своината залелекани кои тој со своите грнчарски раце сакаше да ги излечи. Чекорите по сега веќе остарените калдрми отчукуваа тешко, тешко со ритамот на моето срце кое како да ја попримаше тежината од сите тие чекори. Срцето ми се стори правлива калдрма изнагазена од чесни и нечесни чекори, од стари и млади, од брзи и бавни – но ниту еден не можеше толку да го ископа и измести моето срце како што го сторија тоа неправедливите чекори.
Сечиј живот памти такви чекори, но мојот ‒ тие чекори го уништија.

1830 година, ние, неколку дечиња, си игравме помеѓу многубројните чунови на Турците рибари, заврзани на реката, чија спокојност на монотоното течење го разбранувуваше ветрот што дуваше од север и ја правеше реката да изгледа неодлучна во тоа во која насока треба да тече. Оддалеку го слушнав гласот на мојот татко – Наум Матов, како силно го вика моето име, но понесена од детската игра и ладовината од водата – се преправав дека не го слушам. „Митро, слушаш, а си оглувела, учителот дојде в куќи и те чека да почнете“ – зборуваше татко ми, влечејќи ме од зад еден чун каде што бев скриена и расипувајќи ја мојата детска игра на невидливост. Ме однесе в куќа и им нареди на слугите прво да ме измијат, па да ме облечат пристојно како што дете треба да изгледа пред учител.
Ми беше чудно татковото однесување, бидејќи тој – богат човек со голема чест и достоинство ‒ ретко или никогаш не можеше да се слушне на некој да му зборува така убаво, милно и потчинето. Беше навикнат да вика по луѓето кои му служеа и по другите трговци со кои работеше, неважно дали беа поголеми или помали од него. Навикната бев и јас така да го слушам гласот на татко ми и затоа оваа нежност сега, наменета кон човекот кој требаше да биде мој учител, ме изненади и истовремено ме исплаши оти сфатив дека и татко ми има слабост поради која го стишува својот горд глас. Татко ми беше еден од најпознатите и најголемите трговци во Струшко и околината и никому не му се плашеше како што и никому не му веруваше, оти такви беа времињата. Веруваше само во силата на учењето и знаењето оти според него тоа е единствениот Бог на кој треба да му се поклонуваме и од кого треба да бараме спас. Така, најми учител уште кога бев многу мала, за да почнам да го учам грчкото писмо, пред да ме даде на грчко училиште, оти друго и немаше во тоа време.
Тогаш, во таа 1830 година, наголемо се зборуваше за некојси струшки учител, кој учителствувал во Охрид – Димитар. Учител, кој иако бил многу млад, можел од децата да направи, не само да го слушаат – а да не трепнат додека тој зборува и следниот ден и сите следни денови да го знаат сето тоа што го рекол учителот. Да го знаат и да го сакаат знаењето. Не ги учел само на граматика и аритметика децата, туку ги учел на животот – затоа и семејствата толку многу го сакале. Затоа мојот татко го викна да ме подучува и мене.
Влегов во одајата во која ме чекаше учителот заедно со татко ми, во нова и чиста облека, но сѐ уште со мислите во играта која татко ми безмилосно ме натера да ја оставам. Го видов тој млад човек кој седеше на канабето, а врз лицето директно му паѓаа неколку зраци од сонцето и ги нагласуваа неколкуте влакна над горните усни кои го правеа да изгледа смешно. Тој и татко ми уште некое време продолжија да разговараат меѓу себе и никој не се ни сврте кон мене, дури ни тогаш кога гласно се насмеав кога татко го нарече „учителе“, иако беше многу помлад од него. Учителот, чекајќи ме, слушаше и зборуваше трпеливо со татко ми, седејќи во најголемата наша одаја каде недопрени стоеја јадењата приготвени специјално за него. Иако одговараше на сите прашања и свесно учествуваше во разговорот кој го водеше татко ми, очите му беа замислени и некако втонати во самите себеси. Како со тие очи да ја беше видел иднината и тоа што го видел било толку страшно, што сакаше цврсто да го задржи само во своите очи.
Така првпат го видов учителот. Неговата ненамерна строгост во гласот освен што направи да не му се потсмевам повеќе на влакненцата кои му раснеа над усните, а тој ги нарекуваше мустаќи ‒ ги втиснуваше во мене сите букви и зборови, како жиг кој може да го направи само непростливата и неподносливата минливост на времето. Мојата честа љубопитност, проследена со непослушност, знаеше да ја смири со необични приказни кои откако ќе ми ги раскажеше, долго се чудев од каде ги знае и каде ги чува тие толку многу приказни.
Времето со учителот брзо заврши бидејќи неговиот татко почина. Тогаш ми почнаа најголемите стравови од помислата дека и мојот татко може така наеднаш да почине, а јас го сакав татка си најмногу, иако многу често му се лутев. Долго време плачев секоја ноќ поради тие мисли, како да ја оплакував татковата смрт предвреме. Велам тие мисли, а сега, кога ќе се навратам наназад во тоа време – сепак плачев од мислата дека учителот повеќе нема да го видам и неговите приказни кои за мене градеа еден нов свет, веќе нема да ги чујам. „Човековата душа е глина, фрлен грст земја без форма и облик и човек со својата живеачка ѝ го дава обликот ама не и целосната форма. Формата треба да ја доработи искусен грнчар, вајар – некој кому може да му се верува, за да го вдахне животот во таа неисцрпна материја и своето време на земјата вистински да го проживее.“ раскажуваше учителот секојпат кога ќе побарав пауза од лекциите за некоја брза закуска. Така дознав дека неговиот татко е грнчар, но тој, како најстар син, не ја продолжил традицијата на грнчари како што било редот. Ми прикажуваше и за неговата љубов кон учителствувањето и кон делото што го работеше, оти да бидеш учител е исто како да создаваш некое дело. Секој ученик е посебно дело создадено од учителот, во чии дејства тој можеше да го види својот успех. Ми прикажуваше и за тоа дека сака уште да учи, сака уште да знае – а јас се чудев зошто сака уште да знае, кога тој ги знаеше сите знаења на светот.
Кога поминаа многу денови откако татко ми ми беше кажал за смртта на учителовиот татко, го прашав кога повторно ќе продолжиме со лекциите и книгите. Ми соопшти дека учителот нема да доаѓа повеќе оти заминал со својот брат Наум на печалба во Албанија бидејќи сега, кога биле без татко, морало друг да се грижи за останатите сестри и браќа. Оттогаш повеќе ниту го слушнав, ниту го помислив учителот Димитар оти нови работи почнаа да го задржуваат мојот интерес и да го будат моето љубопитство. Потоа, почнав да одам на училиште, а откако ќе се вратев дома, читав со татко ми секакви книги бидејќи тој сакаше да бидам многу учена и силна жена. Ме учеше дека така ќе бидам бестрашна и ќе се грижам за себеси и кога тој нема да е веќе тука. Откако ќе завршевме со читањето и зборувањето за новите работи кои ги бев научила тој ден во училиштето, одев кај реката каде што се сретнувавме со другите деца и овде си игравме додека не нѐ стемнеше. Таму првпат ги слушав песните кои перачките ги пееја, ублажувајќи го својот умор со нивните стихови и мелодичност. Често умеевме со останатите деца да запамтиме некои од стиховите кои потоа си ги кажувавме меѓу себе на игра, не разбирајќи го нивното значење и тежина. Така продолжија да минуваат деновите од моето детство и моето моминство, во семејниот спокој на татковата куќа.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Дијана Петрова
Мисли за бесмисленоста
Наивноста на неговите одговори како да ми го расече желудникот и несварената...
Повеќе
0 replies on “Излегување од сенка (Тајното женско училиште)”