Мисли за бесмисленоста

Наивноста на неговите одговори како да ми го расече желудникот и несварената храна почна да се движи низ цело тело и да ме гуши.

Мисли за бесмисленоста

Oсудувањето на лошите постапки, наспроти незабележувањето на лошите мисли, ми побудуваше чувство слично на тоа како кога лакомо ќе ја јадев обилната и богата порција храна во ресторан, а до мене ќе помине испарталеното дете со две различни чевли, кое откако ќе одбиев да му дадам пари, ќе ми плукнеше во храната. Брзата реакција на вработените во ресторанот, кои обидувајќи се да ме заштитат мене, на кој полнењето на стомакот влијаеше обратнопропорционално на тоа во главата, го казнуваа. Детето добиваше неколку шамари и дупло повеќе одвртни зборови, тешки, како што човек може само при раѓањето да си ги каже, ако му дозволеа да зборува.
Лошите постапки беа дефинирани од двоношци чие рангирање на првото место според разумност, беше само поради тоа што беа свесни дека тежината во надуениот стомак, поради прејаденост, не смеат да ја испуштат пред други. Им беше страв дека нивниот прдеж ќе ја открие нивната засмрдена душа. И тие суштества, кои смислата на животот ја пронаоѓаа во обезбедувањето убава храна, а убавината на храната во брзината на нејзиното исфрлање, милуваа да се нарекуваат морални.
Нивната моралност беше како мало дете, кое мислеше дека оди, влечкано во различни правци поради несигурноста на чекорите и за секој правец, мислеше дека е вистински. Во тие морални од морање, завидливи по неморање, копнеејќи по удобноста на кучињата што можат да си го влечкаат трупот на четири нозе, се претворија во змии, влечкајќи ги дебелите стомаци по земја – спаѓав и јас.
Времето помеѓу внесувањето на храната и чекањето за нејзиното исфрлање, понекогаш го користевме за размислување и размисливме дека сепак мора да постои рамнотежа на земјата. Елипса, која поради тежината на нашите големи стомаци и празнината на нашите мали глави, ѝ ја нарушивеме гравитацијата и нејзината елипсовидна форма се претвори во рамна плоча.
Одлучивме дека рамнотежа мора да создадеме и наспроти големите стомаци, доведовме до создавање мали, од маленкост дури невидливи. Се оправдувавме со нашата еволуциона ученост, која самите не ја разбиравме но убаво ни звучеше. Само, случајното додавање на „р“ при задремување, н gluttony плашеше и тераше на другите да им ја објаснуваме.
Се пронаоѓав сосема во дефиницијата со која ја разбирав безобразнооста на постоењето. Тага не ми будеше таа безобразност од која и се родив. Тага ми будеше тоа што тоа парталаво дете ми плукаше во храната. Не ми беше гајле за храната оти после тоа, секогаш добивам уште поубава порција. Туку, тоа што детето удараше по тоа што само го имав, храната. Да имав образ, ќе ме плукнеше по него, а јас ќе му го подадев и другиот.
Немањето по што да ме удари, па удараше таму кај што најмногу не ме боли, ми го сврте вниманието кон размислувањето за постапките и постапувањето според мислите. Ме фати ужас од мојата престапност, во споредба со таа на детето. Лошата постапка може да дојде само од мал стомак со онолку голем престап, што е доволен да го одржи живуркањето на неговата маленкост и утре. Лошата мисла доаѓа од голем стомак, која го спречуваше да помогне на малите во нивното преживување до утре. И се навикнавме така, неосудувајќи ги мислите, туку само делата. Создадовме институции кои ќе ги казнуват лошите постапки, но на кои воопшто нема да им е гајле за лошите мисли, бидејќи само лоша мисла може да даде идеја дека нечија постапка треба да се казнува, како да беше мала казната што постојат принудени да престапуваат.
Секогаш кога ќе заминеше детето, ми беше жал што не му помогнав. Ама ми беше толку жал, колку што му станува жал на човек кој го сменил правецот на движење само за да купи мастики и откако ќе ги купи, пронаоѓа уште едни во џебот. Такво нежно чувство на жал, што предизвикува пријатно скокоткање на прејадениот стомак. А бевме свесни за лошите мисли. Бевме ама секој за себеси ги чуваше себично, одрекувајќи го нивното постоење. Добрите постапки ги откриваа лошите мисли. Тоа бешe единствениот начин да ги познаеш. Густината на тие лоши мисли, некогаш беше толку голема, што почнувавме да чувствуваме страв да не се разнесе на сите, па градевме храмови, туркајќи ги луѓето во нивната раскошност, учејќи ги на понзност. Стравот да не се намирисаат тие опасни мисли, го покривавме со скапи мириси и задоволството од тоа дека не можат да си го дозволат сите, нè правше среќни. Извратеноста на нашата дефиниција за среќа, ме натера денес, да чекам кога ќе дојде парталавото дете, со различни чевли, но исти сјај во очите, да го нахранам.
Измачкувачкото чекање на детето го поминував со мисли за неговата среќа поради голема порција храна и мојата среќа што неговата положба ја доживував како несреќа.
Почувствував ослободување кога го видов како шета од маса на маса со надежен поглед, насочен кон безнадежните прехранети лица. Чекав да дојде до мојата маса, да успеам да го прашам додека со уживање ќе ја јаде мојата богата порција, среќен што овојпат не ми плукнал, дали неговите лоши мисли завршуваат со таквите престапни постапки. Се доближи, навикнат да не му давам и спремен да плука. Морав веднаш да изреагирам за да ја спасам храната, а повеќе себе. Неговиот одговор дека не знае што е тоа лоша постапка, тоа што му се јаде и бара од некој за јадење не е лошо, оти до сега не вкусил лоша храна, а луѓето кои викаат и маваат по него кога ќе им ја земе храната и тие не се лоши, само биле уште гладни. За лошите мисли рече дека не знае што се, ама ако ми требаат, ќе се распраша дали некој има. Ако му дадам утре храна, ќе ми ги даде.
Наивноста на неговите одговори како да ми го расече желудникот и несварената храна почна да се движи низ цело тело и да ме гуши. Се движеше со таква брзина како да сакаше да ја задави секоја клетка, хистерично обидувајќи се да го оневозможи нивното размножување, за да не постојат повеќе суштества како мене. Се сеќавам на реакцијата на вработените, кои скокнаа да го тргнат детето од нивниот омилен гостин и како јас сакав да се побунам и почувствував удар по главата, удар кој ми создаде пријатност.
За сето тоа бев свесен кога се разбудив во една просторија, која дознав дека е болничка дури кога влезе жена со огормен стомак и изгледаше како сета ароганција на светот да живее во него. Претпоставував дека причината што лежам во таа загадена просторија, која ја нарекуваа болничка само од пристојност е што се наоѓала најблиску до ресторанот каде што јадев. Во право бев. Обидот да го заплашам арогантиот стомак со мојата положба, само ја засмеја дебелата жена и додека се смееше правеше таков силен звук, како трубата која требаше да го најави прочистувањето на светот. Прочистувањето од лошите мисли и нивните создавачи. Ме стресе. Уште повеќе ме стресе приказната на таа труба која ми раскажа дека мојата положба не може да заплаши никој. Кој би се плашел од распаталено дете, со различни чевли, кој секој ден краде храна по ресторани.
Олеснување.
Како да го исфрлив гомното кое ме мачеше од раѓање, но неговата смрдеа сега ми беше пријатна. Уште попријатна ми стана жената која го најави моето прочистување, не на светот, ама во мојта глава. Сепак, сè постои само во главата, нели?
Ударот сум го добил од детето со различни чевли, кога во обид да објаснам на вработените дека јас му дадов да јаде со мене, сум му изгледал ко да сум сакал да му ја земам храната, а тој веќе ја сметал за негова, затоа мислел дека имал право да ме удари (нешто што правеле секогаш со него). Детето на кое единствена лоша постапка му била „крадењето“ храна, на себичен начин јас го натерав да ме удари и тоа го чувствував како олеснување. И додека воопшто не мислев за грижата на совест што му ја оставив нему, поради олеснувањето што сум го почувствувал, сум тврдел дека ја сум детето со парталиви алишта и различни чевли. Затоа дебелата лекарка зборуваше со мене на тој начин. Не поради тоа што сум го велел, туку поради тоа што мислела дека сум лудак. На лудаците полесно им простуваат кога заминуваат.

Менувањето на неменливоста

Сонував сон во кој, поради себичноста да си го ограничиме размножувањето, сме се намножиле до недоглед толку, што сме ја исцицале сета вода од Земјата. Сега се влечкавме по улиците плачејќи, но наместо солзи, ни течеа мали поточиња вулканска лава од очите која ни оставаше лузни, кои без вода не можевме да ги зацелиме.
Прво, ми беше жал за човештвото кое беше свесно за своето страдање од неправдата која самото си ја нанесе. Сè додека не здогледав една голема и величествена куќа.
Величественоста траеше додека не ѝ се доближив. Куќата мирисаше како да беше музеј на гомна од диносауруси и поради настојувањето да се задржи автентичноста, ја оградиле со огромни и тешки огради, да не може мирисот никаде да излезе. Поради мојата љубопитност и наклонетоста кон преувеличување, посакав да влезам во таа куќа и да узнаам од каде доаѓаше тој тежок мирис. На вратата ме запре висок и убаво граден човек, со очи чиј што поглед во некои други времиња окови би растопувал.
Ми рече дека за жал, не смеам да влезам, притоа насмевнувајќи ми се со насмевка која ме натера за миг да помислам дека рајските порти ми се отвараат, додека острината на мирисот уште повеќе не се засили.
Мојата зборливост беше заробена од неговата совршеност, така што бев препуштен сам на себе и несакајќи тој да замине, го кажав првото нешто што ми надојде за кажување.
„Овде мириса“, му реков и дури тогаш го размислив кажаното.
Моето очекување првпат беше изневерено. Убавоградениот, зеленоок, широконасмевнат до солзи човек, со гордост го потврди кажаното.
„Смрди многу, нели?“ со насмевка потврди како никој одамна да му немаше кажано ваков убав комплимент.
Ме изненади неговата реакција, но сакајќи да ја задржам насмевката на неговото лице, повторно и јас потврдив.
„Одамна никој не ни го рекол тоа“, ми рече и си ја собра насмевката.
„Откако почнавме да се натпреваруваме, луѓето го кажуваат тоа само ако им платиме, а сите веќе се потплатени и не знаеш на кој да даваш“, рече и извади неколку банкноти да ми ги даде.
Тоа што не ги земав веднаш парите, сигурно го натера да сфати дека не знам за што зборува. Пред да почне да ми објаснува, ми ја отвори железната порта и ми рече дека можам да влезам.
Беше запрепастувачки.
Човек ниту во најлошиот момент, во најлошата фантазија, во најпроколнатиот час не би го помислил тоа што јас го видов тука. Откако ме внесе, ми рече дека посебно задоволство би му претставувало ако оставам и јас мој дел овде.
Дури тогаш забележав, (пред тоа сигурно поради заслепеноста од погледот и насмевката не сум забележал) дека човекот немаше лузни под очите.
„А ти не плачеш?“ го прашав вцрвенувајќи се од вулканската лава која ми доаѓаше во образите. Ми раскажа дека плаче. Сите во таа куќа плачат, не може да не плачат, со тоа светот живее сега, во тоа сме сите исти. Но по тоа што сме сите исти, по тоа и највеќе се разликуваме.
Раскажувајќи ми почна да го трие делот под очите и лузните почнаа да се познаваат. „Ги криеме со златен прав“ – ми објасни. „Бидејќи сите плачеме, моравме да пронајдеме начин да се разликуваме во тоа. Плачењето не
можеме да го запреме. Доцна е веќе. Ама затоа можеме да направиме да се разликува. Мораме да се разликуваме богатите од сиромашните, а веќе во сè заедно се извалкавме, на нас ни го оставивте само златото, а немаме каде да го потрошиме. Не е сè минливо, златото не е. И еве, му најдовме место. Ние плачеме во определено време и после плачењето ќе ги покриеме лузните со златен прав. Боли ама во тоа е убавината, само така знаеме дека сме богати оти само така можеме да го почувтсвуваме богатството.“
„А зошто вака мириса?“- го прашав извлекувајќи се од приказната за златото.
„Не мириса, смрди “- рече веќе спремен да ми раскаже нова приказна, беше очигледно дека одамна не зборувал.
„Сите натпревари, сите достигнувања, сите изуми, сè истрошивме“ – почна да објаснува – „досадно е така да се живее, а на нас животот ни беше во тоа, постојано да се натпреваруваме и некој да предизвикуваме. Сега се натпреваруваме со тоа што не остана, поточно, со тоа што останавме ние да создаваме. Се натпреваруваме чии гомна повеќе смрдат. И порано ни беше страст црвоугодието, но сега тоа ни е смисла. Јадеме за да сереме. Сереме за да се натпреваруваме. Чиј мирис најдалеку ќе се чувствува, тој победува. Еднаш годишно се одбира победник и тој е наречен Гомнар на годината. Да, знам апсурдно е, ама не е помалку апсурдно од бирањето најбогат човек на годината. И парите смрдат ама порано се срамевме да зборуваме за смрдеата. Парите се посрамни. Гомната се природни. Кога веќе ги имаме, зошто да не ги искористиме. Да го користевме само тоа што ние го создававме, земјата немаше да пресуши.“, направи пауза да земе здив и да си ги покрие лузните под очите, кои ги отскри да ми ги покаже мене. Извади мало ковчеже и од него зема малку ситен прав и со навикната прецизност ги покри лузните. Изгледа не сакаше да стои до мене ваков, сакаше да не бидеме исти, а тоа што и на двајцата ни се познаваа лузните му предизвикуваше срам, толку силен како што беше силна смрдеата со која што тие се гордееа.
„Ама за тоа вие сте криви, ние богатите не“, продолжи да раскажува,
„оти ние само користевме, не создавме. Што ќе ни понудивте, тоа ќе искористувавме. Сега не ни требате, ништо не искористуваме. За гласањето еднаш годишно си плаќаме…“
Не можев ни да чекам да заврши, тргнав по улицата, но веќе сè ми мирисаше, до секоја куќа забележував мало купче гомна. Тие со големите купишта не можев да ги видам оти беа заградени за да си го зачуваа мирисот.
Тие малите, иако знаеа дека нема ни да учествуваат во натпреварот за најголем гомнар, сепак си правеа. Сакаа во сè да се доближуваат до богатите.
Се гушев од смреда а вода немаше…
Се разбудив изморен, како да бев послужен да јадам од сите сите специфичности од мојот сон. Погледнав низ прозорецот за да им дадам свежина на моите мисли. Глетката од прозорецот ме замисли во тоа дали атмосферата во сонот можеше да ми понуди повеќе свежина отколку свежината во реалноста, која требаше да ни понуди олеснување после кошмарен сон.
Луѓето и световите се натпреваруваа во тоа кој прв ќе пронајде живот на некоја нова планета. Ние овде си ги знаевме способностите и да не си предизвикуваме дополнително разочарување, не се ни надевавме, ниту обидувавме да бараме живот на друга планета. Иновативноста која природно беше вградена во нас, ама во погрешен дел од мозокот нè претставуваше пред светот. Да не нè заборави.

И како што ни беше невозможно нам да откриеме живот на друга планета, така ни беше возможно условите на неживот од друга непозната планета, да си ги донесеме кај нас.
Да ја видеше првпат сликата која се отвори пред мене, некој што не е од овде, ќе почнеше да вришти дека надвор се случува инвазија од вонземјани. Или ќе го чувствуваше апсурдот кој го чувствував јас во сонот.
И беше инвазија на вонземјани бидејќи овоземјани не би дозволиле тоа да се случи. Преку прозорецот можев да видам мали луѓенца со покриени лица од што нивната маленкост изгледаше вознемирувачки. Лицата им беа покриени на сите. Го отворив прозорецот за да ја дознаам причината односно да ја видам одблиску грозоморијата. Навистина луѓето личеа на мали вонземјани како од фантазијата на некое дете. Им се познаваа само очите, нив ги оставаа отскриени за да може да им се гледа страдањето во нив.
Во воздухот можеше да се почувствува свежина толку, колку во сонот што можеше. Единствената разлика беше тоа што во очите на овие овоземни вонземјани, не се забележуваше вината за таа смрдливост.
Затоа гордо ја држеја главата кренато, покажувајќи ги своите маски. Сите беа на улица и богатите и сиромашните и пак само по тоа што за сите беше исто, се разликуваа. Се разликуваа по маските, со кои се лажеа дека ја отсрануваат смрдеата од воздухот и своите бели до невисност дробови ги полнеа со свеж воздух.
Беше многу тажно да се гледа како евтаназијата која сами си ја приготвивиме, сакавме да ја одложиме со тие грозоморни маски. Да можеше некој да направи целокупна слика на градот и луѓето со маските, од жал ќе посакавме да го наполниме телото со смрдливиот воздух и се‘ да заврши тука. Гушејќи се во смрдеата која сами ја создадовме, а не знаевме да ја избришаме.
Така сигурно се чувствува и Бог, немоќен да ја избрише грешката што го создаде човекот.
Се вратив повторно во кревет, мирисот на гомна ми беше поприроден.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Дијана Петрова
0 replies on “Мисли за бесмисленоста”