Ако добиеш писмо

Пет песни од Манушев, автор за чијашто поезија се вели дека доаѓа молскавично, како жесток изблик на понорница од карпа.

CB-9

Велес

(кратка автобиографија на Богот, или празни стихови за едно предградие)

Сè уште сум истиот и
сè уште шетам
под вжарените зајдисонца.

Ја придржувам земјата
полна коски
да не се слизне во рацете на Ксиос,
ги преџвакувам грмотевиците
разиграни со
будниот сон кој
зрачи од
мртвите предели на топилницата.

Го тргам в прегратка непознатото
што надоаѓа
од миризливите сокаци,
ја чекам
задгробната песна
и скришум
ја одморам мојата душа.

Сè уште сум истиот и
сè уште шетам
под вжарените зајдисонца.

 

Ќе

Со зарипнати оловни зборови
ќе го урнам небото
како проста неонска мисла по излозите,
ќе ги откорнам паничните ѕвезди и
ќе ги расејам по испразнетите тротоари,
ќе ја натерам месечината
како преџвакана хартија
да се грепчи по плеќите на Нотос,
планетите ќе ги заспијам во
фабричкиот мирис на предградието
а облаците
ќе ги исцедам како нектар
по слепите улици,
и на крајот –
како глуварка ќе лебдам до празнината,
за да преноќам само еднаш
како соѕвездие во новиот Космос.

 

Жед

Како порта ширум
се отвори небото молкум
и ми истури огнени мисли безброј
а само една е моја,
ко стројник слеп
се исплази денот низ полињата житни
и ми подари сончеви мисли в насмев
и само една е моја,
со ветровит чекор ко река
ти ги носам и двете скришум
за една да ја згаси жегата твоја
О граду нем,
само ако ми кажеш која.

 

Ако добиеш писмо

Ако добиеш писмо
кое е облизнато со звукот на
последното подголтнување,
а на него има запечатено марка
со ликот на рециклираната Геа,

ако добиеш писмо
што тежи само неколку минути
кои те прават среќна,
а поштарот
веднаш ти го продаде и побегне
без да сочека да се потпишеш,

ако добиеш писмо
од кое кога ќе го отвориш
ќе испадне празен лист хартија,
започни веднаш да го читаш,
затоа што ќе ти биде
потребен повеќе од еден живот
за да го протолкуваш
лошиот и несмасен ракопис на човештвото.

 

Кога ги нема нашите имиња

Живееме
како стари телефонски двојници,
секогаш
кога ги нема нашите имиња
во новите адресари,
тие се испишани
некаде на патоказните табли.

 

Мане Манушев е роден на 23.02.1983 година во Велес. Основното и средното
образование го завршил во родниот град. Во 2006 година дипломирал на Филолошкиот
факултет “Блаже Конески” во Скопје на катедрата за Општа и компаративна книжевност.
Моментално е магистрант на Институтот за општествени и хуманистички
истражувања „Евро-Балкан“ – Скопје на отсекот за Културолошки студии. Пишува
поезија и кратки раскази.

Во моментов активно се занимава со проучување на ирската култура, историја,
литература и јазик.

Илустрација: Крис Балантајн

Напишано од
More from РЕПЕР
Поезија за најмладите
По повод Светскиот ден на поезијата, објавуваме поезија за најмладите
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *