Нема поголемо или помало зло, едноставно злото е зло

Алвидас Шлепикас е литвански романописец, поет, драматург и актер. Романот „Се викам Марите“ е издаден за првпат во 2011 година во Литванија, при што подоцна се здобива со многубројни награди и признанија меѓу кои: Книга на годината за 2012 година во Литванија, номинација за Angelus наградата за литератува во Полска, ја добива берлинската награда Georg Dehio и исто така е избрана и како една од најдобрите книги за 2019 година од британското списание The Times, додека пак во 2020 година англискиот превод е избран за еден од најважните литературни преводи на англиски јазик за 2019 година.
„Се викам Марите“ е роман кој се базира на вистински случувања кои ги пресретнале германските деца по завршувањето на Втората светска војна во областа на Источна Прусија, денешен Калининград. СССР за поголемиот број од руското население и не само, е доживуван како ослободител на Европа од фашистичката тиранија, но она што всушност ќе го проследиме во романот ни дава една реална слика дека доаѓа до замена на една тиранија со друга. Населението кое живее и се наоѓа на териториите под советска окупација доаѓа во судир со многубројни предизвици од аспект за преживување – храна и политички аспект – депортација во Сибир.
Волчјите деца (гер.Wolfskinder) биле германски деца кои останале без своите семејства после 1945 година. Се смета дека бројката изнесувала од 10 000 до 25 000 деца. За тоа како го добиле називот Волчји деца, постојат неколку варијанти кои не се потврдени до крај, но се споменува дека тоа е така затоа што талкале низ шумите заедно со волците навечер.
Во оваа книга ја следиме судбината на едно германско семејство кое се соочува со суровата реалност преку гладта, студот, стравот, очајот, немирот, животот и смртта. Одблизу се запознаваме со мајчинстово на Ева која како мајка е спремна да направи сè за своите деца со цел да ги прехрани и одржи во живот. Покрај нејзината храброст доаѓа на површина и нејзиниот страв, колебање и наивност кои се претставени од страна на авторот како сосема нормални човечки карактеристики, при што немаме вештачко херојство, туку вистински емоции кои ја истакнуваат нејзината физичка и психичка состојба. Освен Ева, ги запознаваме Марта и Лота кои се нејзина подршка и дел од семејството. Додека линеарно ја следиме судбината на целото семејството Шукат доаѓа до поделба на поединечни наративи, односно до поделба на судбините на секое од децата на Ева – Хајнц, Рената, Бригита, Моника и Хелмут. Преку тие наративи ги запознаваме подобро животите, искуствата и проблемите со кои се сретнуваат овие херои. Овие деца се исто толку спремни да се жртвуваат за целото семејство исто како и нивната мајка. Она за што тие се задолжени е да обезбедат храна и огревно дрво. Малку подоцна во романот се изолираат и претставуваат патиштата на Хајнц и Рената.
Преку хероите во овој роман читателот ја следи животната патека на многу германски деца кои се нашле во истите ситуации или пак слични на нив. Читателот поминува низ војната со хероите што ја водат со животот и смртта, храната и гладта, очајот и надежта, човечноста и нечовечноста, алчноста и дарежливоста, мирот и немирот, стравот и храброста, среќата и несреќата, јавето и сонот, сеќавањата и сегашноста. Овој ролеркостер е тежок за едно дете кое буквално е лишено од нормално детство без родители, оставено само на себе во темните шуми. Дете кое прерано се запознава со одговорноста, несправедливоста и суровоста на животот. Овие деца бараат засолниште во Литванија и кај литванските семејства каде не секогаш се топло добредојдени, најчесто поради страв од депортација на Сибир или затоа што ни тие немале што да јадат. Литванските семејства кои се одлучуваат да земат кај себе дома некое од волчјите деца, најпрвин се обидуваат да ги научат литвански јазик, а потоа да ги крстат и да им извадат документи со променети имиња и презимиња со цел да се заштитат од суровиот советски режим.
На крајот од овој роман можеме да дојдеме до заклучок дека нема поголемо или помало зло, едноставно злото е зло. Нема ослободител, туку нов окупатор, а културата и литературата на било кој окупатор не му го избелуваат образот, ниту му ги оправдуваат постапките. Ниту едно дете не е должно да ја плаќа војната преку смрт, глад или пак без родители. Нашата хероина Рената е олицетворение на постојаната надеж во животот и вербата кон луѓето – без разлика на тоа колку пати и да наиде на луѓе кои лошо се однесуваат кон неа, тоа не предизвикува да е огорчена кон целиот човечки род, а ниту пак кон животот.

Тагови од објавата
0 replies on “Нема поголемо или помало зло, едноставно злото е зло”