Битовите елементи во драмите ,,Македонска крвава свадба‘‘ од Војдан Поп Георгиев-Чернодрински и ,,Црне војвода‘‘ од Марко Цепенков

Уште од самите почетоци драмата имала задача да прави приказни кои се прикажуваат на театарската сцена пред театарска публика која се соживува со доживувањата на ликовите, со нивните згоди и незгоди, со настаните кои се опишуваат, со времето кое знае да ги врати назад во минатото, но и да ги однесе далеку во иднината.
Драмата во Македонија отсекогаш била длабоко поврзана со животот на нејзиниот народ. Драмските автори, особено битовите автори, на својата публика, без разлика дали станува збор за театарска или читателска, ѝ презентираат реални ситуации од секојдневниот живот и ја поттикнуваат да стане свесна за општествената ситуација во која се наоѓаат.
Основоположникот на македонската драмска и театарска уметност Војдан Поп Георгиев – Чернодрински, како и нашиот најголем собирач на народни умотворби Марко Цепенков, инаку и самиот автор на една пиеса, пишуваат на македонски јазик и со тоа уште повеќе го засилуваат националното чувство. Живеејќи во едно тешко историско време, тие преку нивните драми го подигаат револуционерниот дух кај населението, го будат патриотизмот, ги охрабруваат поробените да се борат за своите права, за својата слобода, за својата чест. Нивните драми во значителна мера се потпираат и врз народното творештво, што е уште една карактеристика на битовите драми.
Во овој текст ќе се задржиме на драмите ,,Македонска крвава свадба “ од Војдан Чернодрински и ,,Црне војвода “ од Марко Цепенков и ќе ги разгледаме битовите елементи во нив.

Битовите елементи во драмите ,,Црне војвода‘‘ и ,,Македонска крвава свадба“

Драмите ,,Црне војвода“ од Марко Цепенков и ,,Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински спаѓаат во редот на битовите драми пишувани во период кога македонскиот народ е обесправен, понижуван, економски и културно осиромашен. Период кога тој се обидува да ја крене главата и да се бори против неправдата која му е нанесена, да се здобие со слобода – не само со слобода за достоинствено живеење, туку пред сè со слобода да го говори својот јазик. Сето тоа придонесува избраните теми за пишување и дејствијата што се случуваат во нив да допрат длабоко во свеста на гледачите и читателите, и да бидат поттик за натамошна борба за исполнување на вековните стремежи.
И за двете драми карактеристично е што веќе е видлива свеста кај народот за слобода и за борбa за ослободување. Така, во ,,Црне војвода“ мариовската селанка Мара без страв ќе му рече на Сулиман: ,,Ни Тода ти ја давам, ага, ни па сакам селаните ангарија да ни работат.“ (за појаснување, непишано правило било да ако некој ага или бег земе девојка-рисјанка, нејзиното семејство било заштитено од него, а селаните морале без надокнада да работат на нивните ниви). Спиро Црне пак, кога прифаќа да го отепа Сулиман вели дека тоа ќе го направи ,,за да спасам здравјето, честа и имото на нашите граѓани и селани што не можат да здивнат од него.“ Во секој случај видливо е дека дошло ново време во кое се разбудила свеста кај поробениот македонски народ. Тоа се потврдува и со зборовите на Трајан, таткото на Цвета, кој поддржувајќи го синот Дуко за неговите напредни мисли, ќе рече: ,,Да се борит чоеко за слободија е мошне убаа работа. Од мене, синко, имаш изин да работаш; така ќе се ослободиме ние, инаку оште много ќе киснеме и ќе тргаме м’ки од Турците.“
И двете драми се пишувани на македонски јазик, а темите се земени од вистински настани за време на турското владеење, што значи дека преку нив дознаваме одредена историска вистина и стануваме уште посвесни за страдањата на нашиот напатен народ.
Во драмата ,,Македонска крвава свадба“ авторот Чернодрински е инспириран од текст објавен во весникот ,,Реформа“ во кој се зборува за грабнувањето на македонска девојка од некој турски бег кој сакал да ја потурчи и напорите на нејзините родители да си ја вратат ќерката назад. Во ,,Црне војвода“ пак, Цепенков самиот пишува дека се работи за историска пиеса, односно пишува за вистински лик, за војводата Спиро Црне кој крстарел низ Прилепско со својата чета, а во 1879 година го убил Ќучук Сулиман кој долго време ги измачувал селаните од тој крај, а ги напаствувал и девојките. Народот случката ја опеал во песната „Спиро Црне и Ќучук Сулиман“, која Цепенков потоа во 1903 ја драматизирал.
Во однос на времето кога се одвиваат дејствата во овие драми ќе кажеме дека Цепенков уште во првиот чин точно ја навел годината на случувањето – 1879, додека Чернодрински во предговорот објаснува дека само ,,препишал“ настан кој се случил во 1900 година. Секако, и во двете драми ги следиме дејствата што се случуваат во подолг временски период и се одвиваат хронолошки, од самиот почеток до крај. Така ,,Македонска крвава свадба“ почнува со љубовната песна на жетварите, која на некој начин зборува за љубовта меѓу овчарот Спасе и младата Цвета, која е во цутот на младоста, а завршува со нејзините последни зборови ,,Умрев, ама Турчинка не станав!“. Почетокот на ,,Црне војвода“ е одбележан со претсмртните зборови на поп Цеко, кој претепан од Ќучук Сулиман лежи во постела. Тој им остава аманет на неговите пријатели да го пуштат Спиро Црне да го ,,сотри тој звер“. Со убиството на Сулиман пиесата завршува, а Спиро е подготвен да продолжи со борбата за слобода и ќе рече : ,,Дај боже здравје на пролет ќе се врштаме да чистиме душманите Турци.“
Просторот во кој се одвиваат дејствата е исто така карактеристичен за битовите драми. Авторите во основа дејствата ги сместуваат во отворен простор (нива, двор, планински пат и сл.) и во затворен, во простории во кои се собира семејството (крај огниште, околу маса, покрај нечиј кревет и сл.). Така Чернодрински на почеток гледачите/читателите ги носи на неожнеената нива, за потоа да ги пресели во селската сиромашна куќа на стариот Кузман, дедо на Цвета, па во убаво уредениот чифлик на Осман-бег, во салата за седници во уќуматот (зграда во која е сместена управната власт) во која се решава судбината на Цвета и во дворот на Кузман каде започнува свадбата која трагично ќе заврши. И Цепенков дејствата ги сместува во селските куќи на поп Цеко, на Митре од селото Вепрчани, на Ристе Коџабашијата, на планинскиот пат каде Спиро го убива Ќучук Сулиман. И двата автори со просторот во кој се одвиваат дејствата ни ја опишуваат средината, ликовите кои живеат таму, нивната комуникација, нивниот живот. Претставените селски куќи се исти како во реалноста, па затоа гледачите уште повеќе се соживуваат со настаните на сцената.
Кога зборуваме за носителите на драмските дејства, односно за ликовите во драмите ,,Црне војвода“ и ,,Македонска крвава свадба“, како впрочем и во останатите битови драми, тука нема изградени вистински драмски лица или карактери, туку можеме да зборуваме за типови или носители на функции. Имајќи предвид дека во основата на сите битови драми е борбата меѓу доброто и злото, меѓу освојувачите и поробените, богатите и сиромашните, тука имаме храбри момчиња, убави девојки, решителни мајки, омразени Турци. Во таа смисла би рекле дека во овие драми имаме слични драмски ситуации (грабање на Цвета/обид за грабање на Тода, изживувања врз луѓето од страна на Осман-бег и Ќучук Сулиман, реакција од измачените селани, преземање акција), па затоа има и идентични ликови кои се мошне слични меѓу себе. Така, на женските ликови Цвета и Тода заедничка им е младоста, убавината, отпорот што го даваат на обидите да бидат потурчени. Цвета ја пречекува смртта со зборовите дека умрела, ама турчинка не станала, а Тода пак бара отров да ѝ дадат да се напие за да се спаси и таа и нејзините родители од проклетникот. Нивните мајки, Благуна и Мара, се исклучително храбри, пожртвувани жени кои се борат за своите чеда. Мара, мајката на Тода, правејќи планови како да ја спаси ќерка си, ќе му рече на мажот ѝ Митре: ,,Ти и јас нека умреме, само Тода да ја куртулиме.“ Младите момчиња пак, се секогаш бунтовни, подготвени веднаш да земат оружје в рака за да стават крај на насилието кое се врши врз селаните. Дуко, братот на Цвета, Спасе, нејзиниот љубовник, овчарите, но и Спиро Војвода, Илија, Јосиф, Пецо – во сите нив ја гледаме младоста и решителноста да се изборат за својата и за правдата и слободата на своите блиски. Всушност, преку нивните појави Чернодрински и Цепенков сакаат да го подигнат револуционерниот дух кај населението.
Наспроти овие позитивни ликови се негативците, омразените Осман-бег и Ќучук Сулиман, кои опиени од моќта и власта што ја имаат посегнуваат по честа на девојките без око да им трепне, го злоставуваат народот, со силата на оружјето се чувствуваат непобедливи, сè до моментот кога пред нив ќе излезе народот на кому поважна му станува слободата отколку смртта. Осман-бег и Сулиман се типични преставници на освојувачите кои газат сè пред себе, се изживуваат, не им е грижа за сиромашните и обесправените. Секако, тука се и нивните помошници кои во секоја прилика го угнетуваат беспомошниот народ.
Карактеристика на битовите драми е и употребата на фолклорните мотиви, обичаите, народните верувања, народните песни, поговорки кои и во двете драми ги има во голем број. Така Цепенков во ,,Црне војвода“ речиси на секоја страна вметнува поговорка. Пр. ,,Со гола рака змија не се фаќа“, ,,Наведена глаа, сабја не ја сечит“, ,,Кога игра мечката у комшијата, ќе игра и у тебе“, ,,За волко зборуваме и волко зад врата“ и др.) Истото се случува и во драмата на Чернодрински (пр. ,,Рибата в море, тавата на оган.“).
Од народните обичаи кои се пренесени во драмите би го спомнале тажењето (оплакувањето) на попадијата врз покојниот поп Цеко, чин што бил неодминлив во тоа време, а е присутен и сега во некои средини. Попадијата тажи и реди: ,,Леле боже до господа,/ што е ова што ме најде/ од проклети лоши Турци,/ лоши Турци кесеџии?/ Куќата ми ја запустија, да би аир не виделе!“
Во ,,Македонска крвава свадба“ во последниот чин опишани се свадбените обичаи при земањето на невестата, пречекувањето на сватовите, доаѓањето на кумот и кумата, сето тоа пропратено со игра и песна (пр. Черешна се од корен корнеше,/ Девојка се од куќа делеше; Што ми е мило ем драго/на Струга дуќан да имам; Дафино, вино црвено, момчето ти е заспало).
Во однос на народните песни застапени се и љубовните ( Руса мома,русин брала/ Русин брала, ден гинала. Кај го брала, загинала/), родољубиви (Море, ој Јоване, мој мил побратиме,/ Ајде, дал те бољат седемдесет рани?). Исто така и во драмата ,,Црне војвода“ застапени се народните родољубиви песни (Ми заплакала, ѓиди, Стара Планина./ шо ја дочула, ѓиди, Пирин Планина; Од врв Пирин Планина/жалостен глас се слуша, Македонија плачи; Бог да го бие, џанам,/ тој Ќучук Сулиман!)
Интересни се и народните верувања кои се спомнати во драмите. Така, во ,,Mакедонска крвава свадба“ уште на самиот почеток е сцената со змијата која сака да ја касне Цвета. Имајќи предвид дека змијата е симбол на злото и подмолноста, уште на самиот почеток метафорично се најавува несреќата. Повикувајќи се на народните верувања мајката на Цвета, Благуна, ќе рече: ,,И не е на добро змија да види чоек.“
Не смееме да ги одминеме и детските залагалки, како на пример онаа што баба Кузманица им ја пее на своите внучиња: ,,Китири, китири р’чиња, прела баба вретенце, си ѝ клала на полица, дошло маче лизнало, дошло куче гризнало. Чит пустиња, ошт штурина.“
Битовите елементи кои се вткаени во драмите ,,Македонска крвава свадба“ и ,,Црне војвода“ придонеле нашиот човек да се соживее со настаните кои се опишани во нив и да се изедначи со ликовите, да сочуствува со нив, бидејќи на сцената се гледаа себеси, ги гледаа своите маки и страдања и ги слушаа своите лелеци.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Сара Груеска
„Медена земја“ – Приказна за убаво раскажана приказна
Без сомнение „Медена земја“ со проблемот кој го обработува ги освои срцата...
Повеќе
0 replies on “Битовите елементи во драмите ,,Македонска крвава свадба‘‘ од Војдан Поп Георгиев-Чернодрински и ,,Црне војвода‘‘ од Марко Цепенков”