BookStar #9: Со програма од светски ранг до еден од најзначајните книжевни фестивали во регионот

Фестивалот BookStar со својата исклучително богата и општествено ангажирана програма во периодот 2-4 октомври ги стекна епитетите „фестивал со програма од светски ранг“ и „еден од најзначајните книжевни фестивали во регионот“. Оваа квалификација ја споделија, како публиката и медиумите, така и авторите од десетина европски земји и претставниците на неколку регионални издавачки куќи и фестивали кои со нескриено задоволство ги следеа бројните настани и не го криеја своето воодушевување од професионалноста и од квалитетот на фестивалските содржини.

Ова издание ќе биде запаметено по својот оригинален формат во кој беа вклучени гостувањата на најголемите писателски имиња од европската, регионалната и од македонската литература, конвенцијата на издавачи и претставници на фестивали од регионот, доделувањето на наградите за книжевен превод „Драги“ на национално и интернационално ниво, поткастите, саемот на европската литература, средбите со студентите, преведувачкиот панел, слем натпреварот, но ќе бидат запаметени и ангажираниот концепт Please do disturb, „Писателот говори“ на тема „Со или без Please“, соработка со „Пакомак“ за подигнување на свесноста околу селекцијата на отпадот, превод на дел од настаните на знаковен јазик што го направи BookStar прв книжевен фестивал со инклузивен карактер, како и по рекордниот интерес што го прикажаа медиумите и публиката.

Слоганот на фестивалот „Please do disturb“ (буквално преведен како „Ве молиме, вознемирувајте“ или послободно пренесен како „Не ме замараш“) беше пресликан во програмските активности, така што донесе автори кои се заинтересирани да ги согледаат општествените проблеми и на истите да одговорат преку своето гласно книжевно и вонкнижевно дејствување. BookStar 2023 беше повеќе од настан, тој стана инспирација за оние кои веруваат дека текстовите на денешнината поттикнуваат промени, нудејќи погледи на светот каде зборовите не се повеќе букви втиснати на хартија туку – повик за будење.

Во Скопје дојдоа значајни имиња од светот на литературата, и тоа: Наџат ел Хачми (Шпанија), која ја доби наградата „BookStar“ 2023, Миљенко Јерговиќ (Хрватска / БиХ), Лидија Димковска (Македонија / Словенија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург) и Софи Хана (Обединетото Кралство). Потоа, тука беа професионалните учесници: Пламен и Стефан Тотев (издавачка куќа „Персеј“ од Софија, Бугарија), Ламија Милишиќ (секретар на босанскиот ПЕН Центар и извршен директор на Меѓународниот фестивал „Bookstan“, БиХ), Александар Шурбатовиќ (долгогодишен главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Дерета“ и сопственик на издавачката куќа „Блум“, Србија), Ена Хасечиќ (уредничка и ПР во најреномираната издавачка куќа од БиХ „Buybook“).

Посебниот однос со преведувачите беше прикажан со панелот во контекст на проектот „Создадено во Европа: моќта на различност“, за кој во Скопје специјално за Фестивалот пристигнаа и Ксенија Чочкова (преведувачка од германски која живее во Баден-Баден, Германија), Давор Стојановски (преведувач од словенечки кој живее во областа Кернтен/Корошка во Австрија) и Маријанџела Бјанкофиоре (преведувачка од македонски на италијански, која живее во Бари, Италија), а им се придружија и Маргарета Карајанова и Жарко Кујунџиски.

Освен тоа, Фестивалот започна и кампања во соработка со „Пакомак“ за подигнување на свесноста околу селекцијата на отпадот, но и активно учество на публиката во процесот на селекција. Освен што за време на фестивалот беа поставени специјални кутии за прифаќање на стара хартија и хартиена амбалажа, ја наградувавме и еколошката одговорност на публиката. Со акумулирани најмалку сто поени на апликацијата „Екомак“ за селекција на пластика еко-модерните читатели добивија книга подарок за време на Фестивалот.

BookStar стана и прв книжевен фестивал кој понуди превод на дел од настаните на знаковен јазик на сцената на кино „Фросина“ во МКЦ. За таа цел доволно беше читателите да го побараат знакчето на „Talking hands“ / „Раце што зборуваат“ во програмата и да увидат кои настани се од инклузивен карактер.

 

2 октомври

Претнастан на фестивалското отворање беше соопштувањето на добитникот на наградата за најдобар превод на книжевно дело „Драги“, кога беше склучен и меморандум за соработка на издавачката куќа „Антолог“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ за натамошно заедничко организирање на Наградата. Годинава во најтесен круг за наградата влегоа преведувачите: Љубица Арсовска, Никола Ѓелинчески, Иван Шопов, Анастасија Ѓурчинова и Златко Панзов. Првата награда „Драги“ ја доби Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на издавачката куќа Артконект a специјалнo признание-плакета за продолжување на преведувачката традиција и креативниот дух на Драги Михајловски му беше доделена на Никола Ѓелинчески за неговиот превод од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на Алеф публикации. Исто така, се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик. Јоаниду не само што дојде од Солун за овој настан, туку одржа говор на Филолошкиот факултет кој има историска димензија во развој на културните односи меѓу двете соседни земји.

Свеченото отворање на Фестивалот се случи од 19.30 во киното „Фросина“. Писателката Лидија Димковска го прогласи фестивалот за отворен со свечена реч под наслов „Со или без Please“. По неа, Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска ги поздрави странските гости од име на земјата, а свое обраќање имаше и Дејвид Гир, амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија кој ѝ ја додели наградата „BookStar“ 2023 на Наџат ел Хачми (Шпанија) за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“. Во рамки на активистичкиот пристап на BookStar 2023 беше одбрана и самата добитничка на наградата BookStar. Ел Хачми со години се бори за правата на жените во конзервативни средини. Веднаш по свеченоста, со добитничката на наградата на тема „Да се биде (поинаква) жена“ разговараа Ана Јовковска, новинарка и книжевна истражувачка, и Александар Маџаровски, поет, преведувач и јутјубер познат како „Читачот“.

Од 21 часот во киното „Фросина“ Иван Шопов и Александар Маџаровски продолжија со дискутијата со Драго Гламузина (Хрватска) и Бранко Росиќ (Србија) како за нивното творештво, така и „за што да биде гласна регионалната книжевност?“ Поради својата атипичност регионалната книжевност може да претставува привлечен „пакет“ за остатокот на Европа. После еден подолг период на оддалечување се случува период на период на приближување. Но дали е дојдено време за заеднички настап?

Истиот ден се одржа снимањето нови епизоди од поткастот „Гол ручек“ на Душко Крстевски со Ања Мугерли (Словенија) и Стефан Хертманс (Белгија), а во следните денови на жешкото столче седнаа и: Миљенко Јерговиќ (Хрватска/БиХ), Франсис Кирпс (Луксембург) и Наџат ел Хачми (Шпанија).

 

3 октомври

Исклучителна и богата програма беше реализирана и на вториот фестивалски ден, со целодневни активности и настани. Утрото студентите по славистика на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се сретнаа со Луцие Фаулерова, чешка писателка, уредничка и сценаристка, чиј дебитантски роман „Собирачи на прашина“ побуди интерес кај читателите и критичарите веднаш по објавувањето, а беше номиниран за „Магнезија Литера“ , највисоката годишна книжевна награда во Чешка, а потоа средба со студентите имаше и Наџат Ел Хачми, годинашната добитничка на наградата „BookStar “, мароканско-шпанска писателка која пишува на феминистички теми.

Посебно внимание кај публиката побуди настанот во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, книжевно читање со инвентивен наслов и уште поивентивен концепт – „Не ме замараш“ на кое учествуваа девет европски и девет македонски автори на книжевен мегдан: Наџат ел Хачми (Шпанија), Миљенко Јерговиќ (Хрватска/БиХ), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Александар Шурбатовиќ (Србија), Лидија Димковска, Влада Урошевиќ, Јосип Коцев, Катерина Шошко, Давор Стојановски, Николина Андова-Шопова, Анде Јанков, Симона Јованоска, Александар Русјаков.

Во 16.00 часот во Џебното кино во МКЦ се одржа работилница „Како да се стане слемер?“ – креативна работилница со Франсис Кирпс (Луксембург, човек кој пред сè е богат со своите таленти и моќ да ги разоружа слушателите на своите настапи, каде и да е тоа низ Европа. Се говореше за многу нешта поврзани со слемот и со неговото развивање – основите, историјата, натпреварите, пишувањето, односот со сродни форми (стенд-ап, театар), а ја открие и „тајната“ на неговиот успех.

Вечерта беше резервирана за разговор со омилените автори на македонската читателска публика, Миљенко Јерговиќ (Хрватска/БиХ) и Лидија Димковска (Македонија). Јерговиќ и Димковска сега за прв пат седнаа еден покрај друг на книжевен разовор, иако нивното творештво е толку податно за такво нешто. Миљенко Јерговиќ е босанскo-хрватски писател и новинар, еден од најзначајните балкански писатели, кој со својата книжевна и вонкнижевна работа се издигна во една од најживописните фигури на регионалната јавна сцена. Неговите раскази и романи се преведени на триесетина јазици. Јерговиќ моментално живее и работи во Загреб, Хрватска.

Лидија Димковска, пак, е поетеса, романсиер, есеист и преведувач, која од 2001 година живее во Љубљана, Словенија, работи како писател и преведувач од романски и словенечки на македонски јазик. Публиката на „BookStar “ вистински уживаше во инспиративниот разговор со овие исклучителни автори. Настанот го модерираа Александар Маџаровски и Билјана Црвенковска. Главни теми на вечерта беа домот и вдоменоста, татковината, пишувањето во туѓа средина, Балканот и неговите проклетства и благодати.

Во 20 часот во Младински културен центар, кино „Фросина“, се одржа и разговор со авторите Стефан Хертманс (Белгија) – автор на „Вечно туѓа“ и „Војна и терпентин“ и Франсис Кирпс (Луксембург) – автор на „Мутации“. Тие зборуваа за своите книги, за приказните и нивното создавање, за креативните начини на пишување. Стефан Хертманс (1951) е белгиски автор, поет и есеист од фламанското говорно подрачје. Неговата биографија се чита како образовен (билдунгс) роман. Од наставник до џез-музичар, од професор до писател, од белгиски државен лауреат до огромна меѓународна книжевна ѕвезда. Франсис Кирпс (Луксембург), пак, е луксембуршки автор, сатиричар и новинар. По завршувањето на средното училиште студирал психологија во Стразбур и работел, меѓу другото, како училиштен психолог и наставник во основно училиште. Од деведесеттите години објавува поезија и проза во различни антологии и списанија во Германија и во Луксембург. Во 2020 година ја добива наградата Servais и Наградата за литература на Европската Унија за книгата „Мутации“.

 

4 октомври

Од 16.30 часот во Europe House се одржa прв панел меѓу четворица автори и нивните преведувачи, а во контекст на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“. Авторите и преведувачите (од кои некои и самите се автори) се обидoa да одговорат на прашања поврзани со уметноста и занаетот на преведувањето, но проговорија и на темите поврзани со нужноста делата пишувани на помалку употребуваните јазици да бидат преведени на поголемите европски јазици, прашањето на праведната дистрибуција на книжевни дела од помалите книжевни средини, како и улогата на преводот во зголемувањето на моќта на различноста во европскиот книжевен пејзаж. За таа цел освен писателите и преведувачите од европските држави (Луцие Фаулерова, Франсис Кирпс, Ања Мугерли и Маријанџела Бјанкофиоре), на дебатата учествуваа и „домашните“ Ксенија Чочкова, Давор Стојановски, Маргарета Карајанова и Жарко Кујунџиски.

Во кино „Фросина“ вечерта се одржа настанот насловен „Во средиштето на животот“, разговорот со авторките Луцие Фаулерова (Чешка) и Ања Мугерли (Словенија) го модерираа Александар Маџаровски и Ана Голејшка Џикова.

Ања Мугерли (1984) е словенечка авторка, лекторка и уредничка. Дипломирала словенечки јазик и магистрирала на изведбени студии и креативно пишување.Нејзиниот стил е суптилен, со голем психолошки увид во ликовите. Дебитирала со збирката раскази „Зелената фотеља“ (2015) и била во потесниот избор за наградата за најдобра дебитантска книга. Во 2021 година збирката раскази „Пчелно семејство“ влегла во потесниот избор за наградата Ново место и ја добила Наградата за литература на Европската Унија а досега е преведена на многу јазици (хрватски, италијански, македонски, унгарски, бугарски итн.).

На сцената заедно со Ања беше и чешката писателка Луцие Фаулерова (1989), која во 2020 година, го објавила романот „Девојката Смрт“, која била номинирана за наградата Магнезија Литера за проза во 2021 година и ја освоила Наградата за литература на Европската Унија. Книгата „Девојката Смрт“ може да се чита како семеен роман, како роман-студија за самоубиствата, како психолошко-контемплативен роман, како роман за девојка која и покрај тешката реалност сака да живее.

Од Обединетото Кралство пристигна Софи Хана која е првата и единствена авторка во минатите 40 години одбрана од семејството на Агата Кристи да пишува романи-продолженија со Херкул Поаро, кој исто така на интересен начин беше „присутен“ во Скопје. Настанот со оваа британска авторка ја зацементира 2023 како најкнижевна година досега во Македонија. Таа дојде на BookStar во период исполнет со пишување и универзитетски предавања и период во кој ги одбива речиси сите меѓународни гостувања.

Станува збор за вистинска ѕвезда на светската книжевна сцена која се однесува сосема обично и приземјено. Како бестселер авторка на „Сандеј тајмс“ и на „Њујорк тајмс“ објавена е на педесет и еден јазик а нејзините книги се продадени во милиони примероци ширум светот. Aвторка е на новата серија романи-продолженија со Херкул Поаро, нарачани од семејството на Агата Кристи, кои досега се вкупно пет.

Фестивалот беше официјално затворен со голем слем натпревар на дел од авторите-учесници на фестивалот на европска литература, но и други македонски учесници: Франсис Кирпс (Луксембург), Ана Голејшка-Џикова, Марија Грубор, Лиле Јованоска, Игор Трпчески, Горазд Кени Китановски, Аница Блажевска, Андреј Ал-Асади. Полното кино „Фросина“ до длабоко во ноќта ги очекуваше резултатите од овој необичен натпревар. На крајот, првото место го доби Ана Голејшка-Џикова, додека на Марија Грубор и Андреј Ал-Асади им припаднаа плакетите за второ и трето место.

Фестивалот се одржа под слоганот „Please do disturb“ и беше поддржан од Министерството за култура, книжевната мрежа Традуки, ЕУ со тебе (Eu with YOU), издавачката куќа „Антолог“, Чешкиот книжевен центар, Центарот за фламанска литература, Европската Унија, Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и Амбасадите на Чешка, Шпанија и на Белгија. Фестивалската програма се одвиваше на повеќе локации во Скопје. Медиумски покровител на настанот беше Македонската радио телевизија. Визуелниот идентитет авторство на Владимир Трајановски, а фестивалското видео го изработи Радмила Ванкоска. Влезот на сите настани беше бесплатен.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
20 шеги за интелектуалци (со објаснувања)
Што се добива кога ќе спариш шега со реторичко прашање?
Повеќе
0 replies on “BookStar #9: Со програма од светски ранг до еден од најзначајните книжевни фестивали во регионот”