Другарче

Книга на месец октомври: „Другарче“ - Питер Колвајк

Беше прекрасно попладне. Ден кога се чинеше дека летото, по грешка, се појавило среде пролетта. Ден кога не сакав да седам дома. Особено не кога моите родители би можеле да добијат страшен телефонски повик од учителката вештерка. Не, во тој случај претпочитам првин да направам нешто интересно.

Така, тргнавме во лов на тролови!

Заедно со Другарче шетав од едната страна на каналот, во потрага по тенка греда. Тоа беше единствениот начин незабележливо да се дојде до отпадот за автомобили. Најдоброто место за наоѓање тролови.

– Мислев дека е тука некаде – реков. – Можеби ја однеле.

– Не, уште малку, Т. Т.

Другарче беше соодветно облечено: шапка за сафари со обод од плута наведнат надолу, зелена кошула и шорц во иста зелена боја. Сето тоа навестуваше лов. Дури и неговите високо натегнати бели чорапи и цврстите, планинарски чевли.

Другарче го зеде двогледот што му висеше околу вратот и го намести пред очите. Таму – рече тој. – Уште малку и ќе стигнеме таму.“

И трчајќи се оддалечи од мене.

А јас…

Јас тргнав по неговите стапки, како и секогаш. Додека стигнав до барата, Другарче веќе ми мавташе од другата страна. Длабоко воздивнав, сакав да ја пружам ногата, сепак, останав некое време стоејќи така. Прво малку се окуражив. Гредата беше потенка отколку што се сеќавав. Покрај тоа, водата силно клокотеше, како да врие, но без пареа.

– Ајде, Т. Т. – Другарче си го стисна носот. – Оттука можам да го намирисам тролот.

Ја ставив едната нога врз гредата и во истиот миг водата почна уште погласно да клокоти. Дури и да ромори. Веднаш ја повлеков: „ Што е тоа?“

– О, не… – одмавнувајќи со главата, Другарче стапна на гредата и со големи чекори тргна кон средишниот дел. Немаше никаков проблем во одржување на рамнотежата.

– Господине Нес! – викна. – Излези веднаш!

Нивото на водата во каналот се подигна и од неа изнурна џиновската глава на сив гуштер. Можеби дури и на диносаурус. Ѕверот имаше огромен врат кој почна да се вишнее сè повисоко и повисоко.

Неколку метри над Другарче висеше главата на ѕверот додека од него на сите страни капеше вода.

– Нели веќе ти го објаснив ова? – викна Другарче. – Т. Т. не е храна.

Ѕверот чудно за’ржи но, за секој случај, се повлеков два чекора назад.

– Не. Дури ни рака. Не може ни главата да му ја одгризеш. Нема ни лижење на неговите раце и нозе, или бемки. – Другарче заканувачки го крена прстот кон главата на ѕверот. – Ова ти е последно предупредување. Остави го Т. Т. на раат, или цела недела ќе бидеш казнет.

Ѕверот повторно за’ржи. Овој пат не звучеше толку заканувачки.

– Подобро да му се извиниш на Т. Т. – рече Другарче. – Не мене.

– Па… не… не мора… – набрзина се повлеков уште малку поназад. – Во ред е. Навистина.

Долгиот врат на ѕверот се искриви и се спушти, сè додека огромната глава не се најде точно пред моето лице. Погледнав директно во двете огромни ноздри, од кои наеднаш излезе топол воздух. Косата ми се разлета на сите страни. Тогаш ѕверот испушти долг и тажен звук. Како слон што лежи под голем куп алишта и воопшто не е среќен поради тоа.

– Ах, ама… – реков. – Сè е во ред. Тоа можеше и мене да ми се случи.

Повторно го испушти топлиот воздух од носот и мојата коса повторно се развеа на сите страни. Тогаш ѕверот потона и ја нурна главата во водата од каналот.

– Па, не можеш навистина да го обвиниш г-н Нес – рече Другарче. Се оддалечи од мене и повторно скокна на страната кај отпадот за автомобили. – Тој постојано ги меша зборовите „да“ и „не“. Тие, едноставно, му се многу тешки.

Другарче се сврти кон мене:

– Доаѓаш?

Повторно зачекорив назад и, стоејќи на едната нога, се обидов да ја одржам рамнотежата. Потоа набрзина ја ставив другата нога пред неа и најбрзо што можев истрчав на другата страна. На последниот дел изгубив рамнотежа, но скокнав настрана и се најдов на другата страна.

–Леле – реков. – За малку…

– Шшттт – рече Другарче. – Слушам трол.

Навистина се слушна глас во близина. Тоа беше најгрдиот и најстрашен глас што сум го слушнал во животот. Глас како на некој што јаде живи деца. Се скрив зад купот автомобили и му мавнав на Другарче да биде внимателен. Иако нему воопшто не му беше гајле.

– Не е повеќе тука – рече тролот. Зборуваше бавно, како да размислува за секој изустен збор и длабоко воздивна. – Да провериме малку понатаму?

– Зборува на телефон – ми шепна Другарче, ѕиркајќи покрај еден распаднат автомобил. – И воопшто не изгледа среќен.

– Троловите никогаш не се среќни – реков.

– Освен кога јадат деца – рече Другарче.

– Да… – кимнав со главата. – Освен кога јадат деца.

– Можеби имам уште неколку – рече тролот. – Тоа што можам да го направам е…

Неговиот глас стана потивок и го слушнав како се оддалечува.

Другарче веднаш се исправи:

– Имам план. Маестрален план – и развлече широка насмевка на своето лице. – Значи, отсега па натаму, викај ме Другарот мајстор.

– Пфф… – одмавнав со главата низ смеа. – Нема да те викам мајстор. Ќе продолжам, како и досега, да те викам едноставно Другарче.

Иако ми беше најдобар другар, сепак не знаев кое е неговото вистинско име. Секако, мошне често го прашував, но никогаш не добив нормален одговор. Херој, Цар, Сирење и Крал, обично велеше. Иако еднаш ми предложи да го викам Фантас. Тогаш заедно бевме Фантас – Тичен. Можеби тоа беше добра идеја, но веќе бев навикнат да го нарекувам Другарче. Тој збор секогаш го користеше мојот стар сосед кој потекнуваше од Ротердам и не беше добар во паметење имиња.

– Ајде, кажи ми – реков – кој е твојот фантастичен план?

– Мајсторски… – ме поправи.

– Мајсторски план.

– Добро – рече Другарче. – Сите знаат дека троловите не поднесуваат вода.

– Вода? – реков. – И сончева светлина, нели?

– Брат… – Другарче одмавна со главата. – Тоа се обичните тролови. Ова е дефектен трол. Овие повеќе сакаат да бидат валкани.

Звучеше толку логично што би можело да биде и вистина. Така, заедно се фативме за работа. Собравме автомобилски гуми, ги довлечкавме на едно место и ги расфрливме наоколу. Потоа наполнивме стара кофа и една канта со вода од каналот и ја наместивме. Сè што требаше да направиме е да поставиме стапица. Но, веќе беше доцна.

Беше предоцна.

Тролот се доближуваше до нас.

– Понатаму има уште еден – го слушнав како вели со неговиот грозен тролски глас.

Другарче притрча до сивиот автомобил и се протна низ отворениот прозорец на задното седиште. Јас ја отворив предната врата, се скрив зад воланот и набрзина ја затворив вратата.

– Ова е последно – рече тролот. – После тоа нема ништо.

Внимателно ѕирнав преку контролната табла и го видов тролот како ни се доближува, тетеравејќи се. Беше многу голем.

Веѓите му беа како влакнести гасеници, дебелиот нос поголем од мојата глава и веројатно никогаш не си ги измил забите. Носеше сив, валкан комбинезон. Од џебовите му ѕиркаше алат и го држеше мобилниот телефон веднаш до увото. Внимателно се движеше меѓу гумите што ги расфрливме наоколу.

– Легни долу – тивко ми рече Другарче од задното седиште.

Полека се лизнав надолу и можев само да видам како тролот се доближува до местото каде што се криевме. Автомобилот малку се затресе и го слушнав чкрипењето на ’рѓосаната хауба.

– Овој сè уште го имам – рече тролот. – Ќе го извадам, ќе видам во каква состојба е, па пак ќе ти се јавам.

Настана кратка тишина.

– Добро. Се гледаме наскоро.

Од предниот дел на автомобилот се слушаше звук како на метал во допир со метал и автомобилот повторно нежно се затресе напред-назад.

– Стисни на свирката! – шепна Другарче. – Таму му е главата.

Налутено погледнав назад и негодувајќи одмавнав со главата.

– Така ќе дознае дека сме тука. И тогаш ќе имаме проблем.

– Не – рече Другарче. – Тоа совршено се вклопува во планот. Ќе се сепне од страв. А ние ќе ја земеме водата и ќе ја истуриме врз него.

– Нема да успееме. Водата е сè уште таму?

– Брат… – рече Другарче со вознемирен поглед. – Зар не се осмелуваш?

– Што? – не дозволувам така да ми се обраќаат. Секако дека се осмелував да го сторам тоа. Воопшто не се плашев.

– Добро – шепнав. – Три, два, еден.

И со сета сила стиснав во центарот на воланот.

Одекна силен звук на свирката од предниот дел на автомобилот, проследен со тешки тролски пцости, со еден удар во хаубата и уште цел куп други пцости – овојпат многу погрди.

– Ајде, Т. Т. – Другарче веќе беше надвор, енергично гестикулирајќи.

Ја отворив вратата и излетав од автомобилот.

– Фати го тролот! – извика Другарче и истрча кон кофата полна со вода.

– Фати го тролот! – викнав, земајќи ја кофата.

Тролот ме погледна со ококорени очи: „Тичен?“

– Лов на тролови! – Другарче ја истури кофата врз главата на тролот. Но водата потече точно пред неговото ужасно лице. Го утна.

– Лов на тролови! – викнав и му ја фрлив полната кофа со вода директно в лице.

– Што… – тролот се повлече, стапнувајќи со ногата на работ од гумата и губејќи рамнотежа. Како соборено дрво, полека падна наназад, меѓу автомобилските гуми.

– Добро! – извика Другарче. – Дали веќе се скаменува?

– Не знам… – се доближив подобро да погледнам. – Мислам дека не.

Всушност, сигурен бев дека не се скаменува. Тролот врескаше, мрмореше и нè колнеше. Не звучеше како да е скаменет.

Дури и стана… Со убиствен поглед во очите.

– Ќе те фатам! – викна тој. И целиот отад на автомобили се затресе.

– Прекини ја мисијата! – викна Другарче. – Прекини ја мисијата.

Навистина. Да бегам одовде. Се свртив и почнав да трчам. Зад мене го слушнав тролот како ме проколнува и ми упатува пцости. Ми викаше да застанам. За да ми наплати за ова. Сето тоа надополнето со зборови кои не смеев дома да ги изговорам. Секако дека не застанав. Трчав меѓу автомобилите, скокав преку остатоците од отпадоци и застанав дури откако стигнав до каналот.

– Ајде брат! Еве го доаѓа! – Другарче енергично скокаше горе-долу од другата страна на каналот.

Фрлив еден поглед преку рамо и видов дека веќе нема време за мирно балансирање преку гредата. Тролот беше премногу блиску. Мојот единствен спас беше брзината. Ќе треба со сета сила да трчам. Првиот чекор беше добар, вториот беше поставен само половично на гредата, а третиот пропадна веднаш до неа. Се обидов да се оттурнам со другата нога, но немав доволно сила за да отскокнам. Паднав во водата до половината. Нозете ми потонаа во калта.

Од другата страна на каналот одекна гласно кикотење.

Другарче. Од смеење падна долу на земјата. Солзи му се тркалаа по образите.

– Прек – рас – но!

Но мене не ми беше до смеење. Можеби тролот не сака вода, но господин Нес сака. Наскоро би можел да ми одгризе некое парче само затоа што ги мешаше зборовите „може“ и „не може“. Колку што можев побргу се протуркав низ валканата вода во кон Другарче.

– Помогни ми да излезам од каналот! – му викнав.

– Ништо од тоа – зад мене стоеше џиновскиот трол облечен во својот комбинезон. – Со ништо нема да ти помогнам. Самиот си виновен за ова. Не требаше да доаѓаш тука.

Очигледно тролот мислеше дека разговарам со него.

– Остави го на раат, смрдле – Другарче со насмевка го погледна. Успеав да се извлечам на другата страна од каналот. Моите панталони беа тешки и еден чевел ми остана заглавен во калта.

– Доволно често те предупредував, Тичен Тусиминт!

Со два прста, тролот посочи од позиција на неговите очи кон мене.

– Не смееш да доаѓаш тука. Овој пат ќе им кажам на твоите родители! – потоа се сврти и, одмавнувајќи со главата, се врати назад кон отпадот за автомобили.

– Тој те познава – рече Другарче.

Кимнав со главата.

– Така е. Па, можно е по толку долго време.

– Да… – рече Другарче и ги крена рамената. – А ние сè уште не сме го фатиле. Се надевам следниот пат ќе биде подобро.

Се насмевнав.

– Ако не, тогаш следниот пат.

– Или после тоа.

– Или следниот пат после тоа.

И така тргнавме заедно по едната страна од каналот. Другарче си потскокнуваше додека од мене капеше мократа облека. Разговаравме како би можеле да го фатиме големиот џиновски трол.

Па би требало некогаш да успеат во тоа, нели?

 

Книгата е објавена во склоп на проектот Made in Europe: power of diversity, со поддршка на Европската Унија.

Превод од холандски: Ели Пујовска

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Другарче”