Чекорите до црешовото дрво

Книга на месец септември: „Чекорите до црешовото дрво“ - Паола Перети

Темница

Сите деца се плашат од темница.
Темницата е соба без прозорци и без врати, со чудовишта што молчешкум те грабнуваат и те јадат.
Јас се плашам само од мојата темница, онаа во моите очи.

Не си ја измислувам. Да ја измислував, мама немаше да ми купува слатки во форма на праска со крем и со сладок сируп, ниту ќе ми дозволуваше да ги јадам пред вечера. Да беше сѐ в ред, тато немаше да се крие во бањата како што прави секојпат кога ќе му се јави газдарицата на станот, зашто кога се јавува таа никогаш не е за арно.
„Не грижи се“ ми вели мама додека ги мие садовите од вечерата. „Оди играј си во твојата соба, има кој да мисли на тие работи.“
Јас останувам кратко време на вратата од кујната обидувајќи се со мислите да ја натерам да се сврти кон мене – но никојпат не ми успева. И така, сега сум овде, во мојата соба, го милувам Отимо Туркарет, мојот сиво-кафен мачор со јазол на крајот од опашот. Нему не му е важно дали го креваат, дали го валаат по килимот или го бркаат со четката за тоалетната школка. Мачка е, вели тато, а мачките се непринципиелни. Мене ми е доволно да е до мене кога имам проблем и кога имам потреба да стискам нешто топло и меко. Како сега.
Знам дека нешто не е в ред. Можеби сум само девојче што оди во четврто одделение, но сѐ забележувам. Девојката на братучед ми вели дека имам трето око. Таа е Индијка и има нацртана точка во средина на челото. Мило ми е што мисли така, но мене ќе ми беше доволно да ми работеа макар овие две очи што веќе ги имам.
Понекогаш, како сега на пример, ми доаѓа да заплачам. Кога заплакувам, очилата ми се замаглуваат. Ги вадам кратко за да се исушат и тогаш ми го снемува црвенилото горе на носот. Ги носам од прво одделение. Овие сега, жолти со светки, ми ги купија во декември минатата година и многу ги сакам. Повторно си ги ставам пред одгледалото.
Без очила гледам сѐ како во маглина, како кога долго се туширам со топла вода. Мојата маглина се вика Старгардова маглина, така барем велат моите родители, кои веројатно го слушнале тоа во болницата. На „тач“ телефонот на тато, кој има и интернет, пишува дека господин Старгард бил германски офталмолог што живеел пред сто години: тој е оној што открил што се случува внатре во моите очи. Тој сфатил и дека луѓето што ја имаат оваа маглина почнуваат да гледаат црни дамки пред предметите и пред луѓето и дека овие дамки стануваат поголеми, а потоа и огромни и поради тоа луѓето што ги гледаат овие црни дамки треба постојано да се доближуваат до предметите за подобро да видат. На интернет пишува: „Оваа болест се јавува приближно кај еден во десет илјади луѓе.“ Мама вели дека Бог ги одбира посебните луѓе, но кога ќе размислам, не се чувствувам многу среќлија.

2.
Работи што ми се многу важни
(а што нема да можам веќе да ги правам)

Се гледам во огледалото од растојание од три чекори.
Но растојанието се намалува: лани се гледав од пет чекори. Пред огледалото го милувам Отимо Туркарет по главата и си ја измазнувам косата, кога сум веќе тука. Во последно време мама многу сака да ми ја собира во кики, и кој ќе ја слуша ако ги одврзам! Толку многу ги сака што ми ги остава и на спиење. Тато ја подава главата низ вратата и ми вели да се пижамирам и да си ги измијам забите. Му велам добро, но потоа пред го послушам, секогаш долго стојам на прозорецот. Од прозорецот во мојата соба се гледа големо парче црно небо. Уживам да гледам надвор во есенските денови како овој, не студи и се гледаат Месечината и Поларната ѕвезда зашто силно светат. Мама вели дека тие се светилката и кибритчето на Исус. Но јас само сакам да проверам дали сѐ уште се тука секоја вечер.
Пред да заспијам, тато ми чита приказна. Сега сме до половина Робин Худ, па сонувам соништа полни со шуми и со стрели. Потоа вообичаено доаѓа и мама, ми ги мести киките на перницата, од двете страни на лицето, и ми вели добра ноќ со здив што мириса на сладолед со вкус на ментол.
Ама вечерва влегуваат и двајцата и седнуваат на мојот кревет, едниот од едната страна, другиот од другата. Ми велат дека забележале дека гледам малку помалку и дека поради тоа одлучиле да ме однесат на специјален преглед, наредната недела. Не сакам да отсуствувам од училиште зашто пропуштам важни работи (колку време им требало да ги изградат пирамидите?) и гласишта (вистина ли Кјара и Џанлука од 4а се смириле?). Но пред родителите молчам. Чекам да излезат и да ја изгаснат големата светилка, потоа ја палам столната ламба на наткасната и со прстите поминувам по грбот на книгите што ми стојат на полицата над креветот. Земам тетратка со извиткан агол на работ.
Ја ставам врз перницата. На корицата има лепенка што вели: СПИСОКОТ НА МАФАЛДА.

Оваа тетратка е мојот личен потсетник. На првата страница стои датум:
14 септември
Тоа е пред три години и единаесет дена. Под него пишува:

Работи што ми се многу важни
(а што веќе нема да можам да ги правам)

Списокот не е многу голем. Поточно, има само три страници, а на почетокот на првата пишува:

Да ги избројам сите ѕвезди на небото
Да возам подморница
Да испраќам светлосни сигнали за добра ноќ на прозорецот

Црвена тревога. Замаглени очила.
Баба живееше точно спроти нас, во црвената куќа со завеси со тантела, во која сега живеат маж и жена што никогаш не нѐ поздрaвуваат и што ги сменија и завесите. Баба му беше мајка на тато, имаше кадрици исти како неговите, само бели и секојпат пред да си легне ми испраќаше сигнали со батериската светилка. Едно светнување значеше „дојди“. Две светнувања, „добра ноќ“. Три светнувања, „и на тебе“. Но тоа беше порано, кога сѐ уште можев да се видам во огледалото од растојание од девет чекори.
Втората страница никому не му давам да ја види, дури ни на Отимо Туркарет зашто е најнајнајголема тајна.

На третата страница пишува:
Да играм фудбал со машките
Да си измислувам маршрути на тротоарот, од кои ако скршнеш, паѓаш во лава и умираш
Да се натпреварувам во погодување на корпата за отпадоци со хартиени топчиња
Да се качувам на црешовото дрво во училишниот двор

На црешовото дрво сум се качила илјадапати, уште од првиот ден во прво одделение. Тоа е моето дрво. Ниедно друго дете не може да се качи толку високо колку што можам јас. Кога бев мала му го милував стеблото, го прегрнував… ми беше другар.
Токму на црешовото дрво во училишниот двор го најдов Отимо Туркарет. Беше преплашен и кафено-сив како сега, но погрд. Беше толку малечок што до дома го носев во џебот од престилката и дури кога го извадив и го ставив на кујнската маса, моите родители сфатија дека е мало маченце. Тогаш сѐ уште не се викаше Отимо Туркарет, немаше име, но по кратко време откако дојде да живее со нас и почна да ме следи насекаде, дури и до училиштето, тато ми ја подари неговата омилена книга, Баронот на дрво и ми ја читаше секоја вечер пред спиење. Така го запознав Козимо, момче поголемо од мене, но не многу, што живеело во време кога луѓето носеле перики и го терале да пишува суперздодевни домашни задачи и да јаде грозни јадења. Така го запознав и јазовичарот со две имиња, и решивме дека Отимо Туркарет многу личи на Отимо Туркарет, иако нашето маче нема двајца сопственици како јазовичарот, кој се викал Отимо Масимо кога живеел со Козимо и Туркарет кога се враќал кај неговата вистинска газдарица, Виола.
Омилен лик во книгата ми е Козимо: многу ми се допаѓа тоа што тој оди да живее горе на дрвјата и што не слегува повеќе оттаму зашто сака да биде слободен. Јас не би имала толкава храброст. Еднаш се обидов да направам куќичка од тоалетна хартија помеѓу гранките на црешата, ама заврна и ѕидовите се распаднаа. Но она во што најмногу уживав е да си земам стрип и да седнам да го читам на една гранка поделена на две. Тогаш сѐ уште гледав прилично добро.
Од прво одделение, секоја година одам да ми ги прегледаат очите со капки што печат. Лекарите ги викаат „рутинските“. Специјалниот преглед на кој ќе одам следната недела, пак, веројатно е различен, зашто пламенчето, она што го имам во очите, ми се гасне многу брзо. Многу, многу брзо. Тоа ми го објасни лекарката офталмолог, која не е Германка како господин Старгард и не открила ама баш ништо, но секогаш ми дава молив со шарена гумичка на врвот. Ми кажа дека кај некои пламенчето се гасне во староста, кај други порано. Моето ќе изгасне – сосема, додека сѐ уште сум мала.
Ќе гледам темница, така рече.
Но сега не сакам да мислам на тоа, сега сакам само да ги сонувам шумите и стрелите на Робин Худ.
Го затворам потсетникот и ја гасам светилката.

Козимо, ќе ми помогнеш ли?
Ти навистина можеш сѐ , и си добар. Знам зошто во книгата му читаше приказни на разбојникот иако тој направил илјада бели, му ги читаше преку решетките во затворот сѐ до денот на смртната казна – замисли си, а мене? Кој ќе ми чита? Кој ќе ми чита кога веќе нема да гледам, а мама и тато ќе бидат на работа?
Ако ни ти, кој си вљубеник во дрвјата исто како мене, не ми помогнеш, тогаш веќе нема да зборувам со тебе. И полошо, веќе нема да мислам на тебе. Мора да најдеш начин да ми помогнеш, макар таен начин, не мора да ми го кажуваш, само да го најдеш. Во спротивно, со мислите ќе направам да ти исчезнат гранките под задникот и да паднеш во лавата со крокодили, или, пак, на земја, што е уште полошо за тебе зашто се заколна дека никогаш нема да слезеш на земјата.
Естела секогаш вели дека можеме да успееме сами, дека не ни треба ама баш ништо. Но, знаеш, мене ми треба. Ми ветуваш, Козимо? Ќе ми помогнеш?

 

 

Книгата е објавена во склоп на проектот Made in Europe: power of diversity, со поддршка на Европската Унија.

Превод од италијански: Искра Димковска

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Чекорите до црешовото дрво”