Трансформации, хумор и овации

Кон претставата „Солунски патрдии“, во режија на Коле Ангеловски, а во изведба на театарот „Комедија“ од Скопје.

солунски-патрдии

Кон претставата „Солунски патрдии“, во режија на Коле Ангеловски, а во изведба на театарот „Комедија“ од Скопје

Четиринаесет актерки и само два актера ги играат машките и женските улоги во новата поставка на големиот театарски хит „Солунски патрдии“ од Миле Попоски. Истата претстава по вторпат ја режира Коле Ангеловски во Драмскиот театар во Скопје. Ангеловски првпат ја постави претставата „Солунски патрдии“ во 1979 година и таа беше на репертоарот на Драмскиот театар цели 27 години, со 378 изведби пред околу 160.000 посетители, сѐ до 2006 година. Ангеловски беше режисер и на популарната телевизиска серија „Солунски патрдии“ со легендарниот актер Благоја Спиркоски-Џумерко како Итар Пејо, а сега мал куриозитет е тоа што улогата на Итар Пејо ја игра неговата ќерка, Марија Спиркоска-Илијеска, актерка во Прилепскиот театар.

Само улогите на Цанде и на Сотка ги играат машки актери – Зоран Љутков и Златко Митрески. Другиот дел од екипата го сочинуваат: Биљана Драгичевиќ-Пројковска, Маја Вељковиќ-Пановска, Јелена Жугиќ, Трајанка Илиева, Калина Наумовска, Гордана Ендровска, Марија Кондовска, Валдета Исмaили, Душица Стојановска, Викторија Анѓушева, Катерина Коцевска, Катерина Шехтанска-Лаковска и Александра Павлова. Костимите се на Лира Грабул, сценографијата на Илина Ангеловска, музиката на Џенгиз Ибрахим, a кореографијата е на Гордана Деан.

Новата „Солунски патрдии“ е сместена во 30-тите години на минатиот век, во време на љубов и на страст, во време кога се појавува тангото и го освојува светот. Сега претставата е осовременета, со нов дизајн и со нов начин на игра. Задржана е појдовната точка на текстот на Попоски, инспириран од Дундо Марое, од ренесансно-медитеранскатa атмосфера со мирис на радост, на среќа и на убавина, како што истакнува режисерот-доајен, Коле Ангеловски.

solunski-patrdii01

Направена е достоинствена замена на старата претстава, односно изведба што изобилува со ведрина и со многу позитивна енергија. И премиерата на преработката на претставата „Солунски патрдии“ предизвика голема заинтересираност, привлече многу публика, никого не остави рамнодушен, ги воодушеви присутните и ги освои со непосредноста, свежината, искреноста, хуморот, смеата, досетките, духовитоста… Пред сѐ, со оригиналниот и автентичен народен архаичен јазик, но и со прилепскиот дух и смисла за шега.

Изведбата е весела и шармантна, како спој на старото и новото, на историското и современото, на вечното и актуелното, на локалното и универзалното, а крајниот резултат беше: преполна сала, неподелени симпатии и овации, громки аплаузи дури и за време на претставата, гласни и искрени насмевки…

Претставата и денес е актуелна, провокативна и поучна. А она што посебно треба да се забележи е мошне успешната режисерска поставка, како и врвните актерски креации и трансформации. Притоа, иако е навистина тешко да се потенцира кој било лик посебно, доминираа и заслужуваат посебно да се издвојат и да се забележат улогите на Марија Спиркоска-Илијеска како Итар Пејо, на Биљана Драгичевиќ-Пројковска како Аџи Јанкула и на Маја Вељковиќ-Пановска како слугата на Јанкула. Респектабилни беа ролјите на Зоран Љутков и на Јелена Жугиќ, впечатлива улога оствари Марија Кондовска како Евдокија, а мошне успешна беше и трансформацијата на Катерина Коцевска како Шабан-бег.

Инаку, oвој проект е дел од идејата на Драмскиoт театар од Скопје да ги постави најиграните претстави од своето појавување до денес. Прва од тој циклус беше претставата „Грев или шприцер“ на Деан Дамјановски, која е меѓу најбараните на репертоарот, а најавена e и се очекува следна да биде „Чија си“ на Сашко Насев, во режија на Љупчо Ѓоргиевски.

Авторите на претставата најновата изведба им ja посветија на актеритe што играле во неа: Стево Спасов, Владимир Ангеловски-Дади, Снежана Михајловиќ и Димитар Зози.

Напишано од
More from РЕПЕР
Црвениот килим заменет со вистинска уметност
Годинава Скопскиот филмски фестивал ги изостави својот гламур и раскошниот црвен килим,...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *