Последната приказна од занаетчиите

Оваа наша одисеја во Старата скопска чаршија завршува со исповедта на еден ковач.

И еве нè на почетокот на крајот, кој го избегнувавме долго време. Оваа наша одисеја во Старата скопска чаршија завршува со исповедта на еден ковач. Ѕиркањето низ клучалката за да се слушне уште една приказна што чека да го пречекори прагот од дуќанот траеше речиси четири месеци.

CAM00047

Прашалните погледи на мајсторите на почетокот, можноста да поминеш, да застанеш, да си починеш во еден друг, денес непознат свет за нас и на крајот – насмевката за „до видување“, сите тие се ковеа за денес да станат благи сеќавања. Во пазувите на Старата скопска чаршија се скриени разни кристали што дење сјаат на сончевиот зрак. А пак ноќе, штом месечината ќе го започне својот танц – и таа ја придружува. Таа е како самовила. Млада девојка, со пуштени коси на ветрот, чии години не се испишани на челото. Таа сите топло ги пречекува и ги испраќа, а пак своите деца ги милува по косите сè дур не заспијат. Таа е мајка што никогаш не била во блажена состојба. Таа е верна сопруга без маж. Таа е сè што посакуваш да биде. Знае да биде злобна, да те отфрлува и да ти раѓа солзи. Ако љубовта кон неа е толку чиста, таа тоа ќе го види со затворени очи и тогаш, тогаш таа нема да те пушти од својата мајчинска прегратка. Дење ќе ти го мие нежното лице, а ноќе ќе те гали и ќе те ниша во скутот дур ти пее приспивни песни.

CAM00050Така, за крај, се одлучивме да ја посетиме улицата на ковачите и на лимарите и таму наидовме на доста интересна приказна. Може да се рече дека тука беше како баш да поминуваме и да застануваме да си починеме, во еден друг, за нас непознат свет. Веќе ги посетивме улиците на златарите, на јорганџиите и сл., но оваа улица се издвојуваше од другите, оваа беше поинаква и за носот и за очите.

Оваа улица се наоѓа најгоре, на грбот на Чаршијата. Таа е подолга од другите и е исполнета со чуден мирис. На почетокот, тој мирис му пречи на твојот префинет нос, но по два до три пати кивање, се привикнуваш. Очите се полуотворени. Тие се напрегнати да го фатат последниот орел во лет. Од истите причини поради кои доаѓа мирисот, доаѓа и чад, кој пак им пречи на очите што се навикнале да гледаат само чисти слики. Тоа е она што ја правеше оваа улица магична. Таа е затскриена, иако се знае каде е нејзината точна локација. Кога ќе решите да ја посетите, таа си игра криенка со вас и, без помошта од другите мајстори во Чаршијата, мали се шансите да ја издржите таа нејзина игра. Меѓутоа, кога се приближувате до неа, таа стои мирно и ве чека со насмевка. Се уште си поигрува со вас, ви ги иритира малку очите и носот, но тоа поминува за брзо време. На оваа улица може да наидете на дуќани на лимари, на ковачи, на бербери, на кафеани. Од некој агол ќе претрча понекое дете со чај во рацете. Секако дека потсетува и на другите улици во Чаршијата – по насмевките на мајсторите, по децата што претрчуваат со чај во раце, по меѓусебното гласно поздравување на мајсторите и сл., но тука има нешто поразлично, кое лебди во воздухот и кое не може да се фати со збор.

Го посетувме дуќанчето на мајстор Нахад Зеќир, кој е ковач. Денес кај нас нема уште многу мајстори на овој занает од сличните причини како кај претходно споменатите занаети. Да се биде ковач и не е така за потценување. Овој мајстор, освен неговиот придонес за човештвото, има и своја историја. Секако, најпрвин започнува од митологијата, со богот Хефаст (грчка митологија). Како што може да видиме, овој занает е споменат уште на почетоците, и тоа како доблест на еден бог.

Настаните што сCAM00057е опишани во митовите се образец за многу современи однесувања и општествени поделби. Значи, митот нè води кон она што се случувало на почетокот, кон она што во тоа време го правеле боговите. Природата и улогата на митот во примитивните општества, согледани во својата животност, се расказ што оживува една оригинална реалност и што одговара на една длабоко религиозна потреба, на ред, па дури и на практични барања. Во примитивните цивилизации митот игра неопходна улога: тој го изразува, го истакнува и го утврдува верувањето, тој ги чува и ги наметнува моралните принципи, тој ја осигурува делотворноста на ритуалните обреди и на човекот му дава практични правила.

Според ова, митот е суштествен елемент на човечката култура, тој е жива стварност кон која постојано се прибегнува. Тој воопшто не е апстрактна теорија или редење слики, туку вистинско утврдување на старата народна религија и на практичната мудрост. Создавањето на митовите е поврзано со способноста на човечкиот ум да го опфаќа доживеаното во минатото и да го насочува во соодветната насока со некаква цел. Оттука, понекогаш се мисли дека митот се стреми да го зачува изгубеното минато. Митологијата, како огромна културна сила што го ослободувала човекот од стегите на природата и што го водела кон општествениот развој, покажува сериозно влијание врз сите страни на духовниот и на материјалниот живот на луѓето. Секој народ создал свои митови, преданија и легенди. Во нив се крие душата на народот, неговите замисли, надежи и стремежи, неговите претстави за природата и за самиот живот. Во старогрчката митологија се појавува еден лик со име Хефест, кој бил бог на ковачката вештина. Негови родители се Ѕевс и Хера. Според еден мит, кога Хефест се родил, бил многу грд и поради тоа Хера го фрлила во морето, но го спасиле неколку нимфи. Како награда од татка си тој ја добива преубавата Афродита за жена. Овој бог на ковачите е претставен како куц и грд ковач, кој ја има најстрасната и најубавата жена. Мигот во старогрчката митологија што може да го детектираме како пример за големината на љубовта на некој занает е – кога богот-сонце Хелиос случајно станува сведок на неверството на Афродита со Арес (богот на војната) и ја раскажува тајната пред Хефест. Длабоко огорчен од својата неверна жена, Хефест смислува одмазда и исковува здрави синџири со кои ќе ги окова љубовниците. Ја закитува спалната соба со комплет синџири, кои се многу фини и кои одвај се гледаат, а потоа се преправа дека ќе оди за Лемнос. Повторно известен од Сонцето, Хефест се враќа и го обелоденува неверството на жена си. Од Ѕевс бара Арес да биде окован во постелата заедно со Афродита.

CAM00048

Накратко тоа е митот за Афродитиното неверство и за Хефестовата одмазда преку својот занает. Сега да се вратиме на нашиот ковач, не од некоја митологија, туку од стварноста, од Старата скопска чаршија. Додека се движевме низ веќе споменатата улица, наидовме на едно дуќанче на кое стоеше натписот „Ковач“. Надвор, пред дуќанот, беа изложени разни предмети и тука седеше еден средовечен маж. Му поставивме неколку прашања околу дуќанот и тој ни одговори дека сме на правото место, па нè упати внатре. Кога „вратарот“ за новиот, непознат за нас свет, нè пушти внатре, започна почетокот на крајот. Кога влеговме, првото нешто што го здогледавме беа разни предмети од железо. Секири, потковици… немаше силно светло, но од левата страна тлееше жарта во огништето. Мајстор Нехад, чиј е и дуќанот, татко му Ибраим и уште еден пријател се одмораа. Тие нè примија во својот свет со насмевка и со радост. Заради нас ја продолжија паузата. Удобно се сместивме и мајстор Ибраим (татко на сегашниот сопственик на дуќанот) почна да ни раскажува. Овој занает во нивното семејство е присутен повеќе години и се пренесува од колено на колено. Потекнува од дедото на Ибраим, односно од прадедото на Нехад Зеќир, сегашниот сопственик на дуќанот. Мајстор Ибраим со голема љубезност ни раскажуваше за годините на дуќанот во Чаршијата: „Овој дуќан, кој денес му припаѓа на син ми, е од времето на Турците. Тогаш го поседувал дедо ми“. Уште од времето на турската окупација, еден човек се изборил да не му се одземе тогашното големо богатство – дуќанот. Тој го сочувува, а занаетот му го пренесува на својот син. Синот работи сè до својата старост во дуќанот и го одржува занаетот во живот. Овој син го префрла аманетот или семејното богатство на својот син со име Ибраим. Уште како мал, го носи во својот дуќан и го учи како треба да се изработуваат предметите. Синот Ибраим расте со овој занает, едноставно не може да не го сака. Тој е третата алка, со задоволство го прифаќа и го изучува. На крајот, станува мајстор на занаетот, за денес да му го пренесе на својот син Нехад, па и тој да се именува и да се декларира како ковач.

CAM00061Кога го запрашавме и мајстор Нехад што мисли тој за целиот овој непишан процес на семејното богатство, ни одговори: „Кога нешто не сакам, не го ни правам. Самиот одлучив да станам ковач, не дека татко ми ме натера. Меѓутоа, кога еден човек живее и расте во занаетчиско семејство, тој е награден и тој подарок не се одбива. Јас само го чекав денот кога татко ми ќе рече дека веќе сум подготвен и дека можам самиот да работам“. Вака ни објаснуваше мајстор Нехад, млад и полн со ентузијазам и со желба да ја продолжи семејната традиција. Мајстор Ибраим и мајстор Нехад заедно ни објаснуваа што сè изработува еден ковач. Тие без размислување станаа од столчињата на кои седеа и нè одведоа до огништето. Ни го објаснуваа процесот на изработка на една секира истовремено покажувајќи ни го. Беше милина и за ушите и за очите. За овој занает главен материјал е железото. Кога се набавува железото, треба да помине низ неколку процеси на изработка дур да ја добие конечната форма и намена. Речиси сите предмети што се произведуваат и што произлегуваат од овој занает се во функција на земјоделството или на земјоделецот. Се изработуваат разни видови секири, потковици за коњи и сл. Железото најпрвин се става во огниште да се слее за подоцна да се направи друга форма. Целиот тој процес на топење и на оформување на железото се одвива рачно. Потоа се клепи, па се остри на машина, но процесот на изработка се одвива рачно. Се остри на воден камен. Острењето е последната операција и тогаш завршува процесот на изработка. Ковачите од една форма прават друга, која ќе биде во служба на земјоделството. Се разбира, како и другите занаети така и овој бара доста внимание и посветеност, бидејќи се работи со ризични алати, машини и други нешта, како што се водениот камен, огнот и сл.

Животот на овој занает е загрозен со појавата на фабриките, но сè дур постојат мајстори на занаетот како мајстор Ибраим и како мајстор Нехад, ковачките вештини уште многу години ќе го гледаат сонцето на небото. Така, ние ја заокружуваме оваа рубрика за занаетите и ни преостанува да чекориме напред, но да не му свртуваме грб на минатото. Да продолжиме да ја негуваме културата и ги одржуваме во живот овие занаети за Старата скопска чаршија да продолжи да се мие во својот сјај.

Напишано од
More from РЕПЕР
Ликвидирани вредности
„Ликвидирани вредности“ претставува проект изведуван преку дела кои се резултат од две...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *