Јулијана Величковска е родена во 1982 година во Скопје. Дипломирала македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет во Скопје. Автор е на две книги: монографијата „Дваесет години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ) и поетската збирка „Комарци“ (2010, ПНВ).
Пишува поезија, раскази и есеи, а работи и како преведувач. Нејзините песни се препеани и објавени на неколку јазици, меѓу кои: кинески, англиски, српско-хрватски, словенечки, холандски, албански и италијански јазик.
Учествувала на многу поетски читања низ Македонија, на Струшките вечери на поезијата, на Cork Spring Literary Festival во Ирска и ја претставуваше Македонија на 15-тото Биенале на млади уметници од Европа и од Медитеранот во Рим во декември 2011 година.
Таа е член на организацискиот одбор на поетската манифестација Поетска ноќ во Велестово – Охрид. Основач е на издавачката куќа „ПНВ публикации“ од Скопје.
Во овој број, екскузивно ви претставуваме извадок од нејзиниот роман „Годишни времиња“ којшто ќе биде објавен во текот на оваа година.
__________________________________________________________________________________________
Автобусот запре. Погледнав низ прозорецот. Уште неколку станици возење, а мојата приказна за розовите нешта во мојот живот привршуваше како конец од клопче што се одмотува.
Розовото клопче
Розовото клопче се тркалаше на сивиот бетон под моите нозе, кои лебдеа над него и од кои се галеше моето сиво маче. Баба ме држеше во скутот. Ги имаше ставено своите раце врз моите. Држев игли за плетење. Баба ме учеше да плетам со розов конец од расплетен елек што го имав надраснато. Тоа мора да беа самите почетоци на рециклирањето. Баба имаше само една дланка. Десната. Левата ја изгубила по војната.
Имала само пет години. Слушнала тик-так, тик-так… Саатче! – весело помислила. Бомбата в рака ѝ експлодирала.
Но баба беше многу убава. И тато така велеше. Иако имаше само една дланка и само едно око. Другото ѝ беше стаклено. Ја оперирале во Белград. Еден ден дедо бил многу болен и таа го подготвувала коњот за да го однесе на лекар, но коњот ја удрил со копито в лице и окото ѝ испаднало.
Но баба беше прекрасна. Живееше во мала камена куќичка на ритче. На врвот од тоа ритче имаше уште едно ритче. Никогаш не се искачив на него. И сега, години подоцна, ме фаќа страв од помислата на ритчето. Мама ми кажа дека таму Џеки, нивното верно куче, се борело со вампири. Џеки имал четири очи. Две вистински и две магични, веднаш над овие, како светли дамки во крзното. Затоа гледал вампири.
Една ноќ вампирите им дошле на вечера. Баба, дедо и нивните седум деца јаделе грав. Вампирите им ја гаснеле газиената ламба и им фрлале глувчешки измет во гравот. Скокале од еден в друг крај од собата и гласно се клештеле. Дедо со пцости ги предизвикувал да се појават со лице и со тело, ги повикувал на двобој, но се плашеле. Дедо бил селскиот џандар. Имал и пушка и силен коњ. Но тоа не била причината поради која вампирите така кукавички се повлекле. Дедо бил оној што го запрел воденичкиот камен со голи раце. Жива сила не го може тоа, но дедо ми една ноќ седнат со мажите од селото во воденицата си молчел и си потпивнувал ракија. Додека сите вревеле и се фалеле со своите мачо-подвизи, дедо молкум станал, му пришол на каменот, го опфатил со обете раце и го стиснал. Воденичкиот камен, вртен од силата на Крива Река, запрел. Тогаш сите молкнале. Дедо го пуштил каменот, плукнал и си заминал без збор.
Но го фатила некоја болештина. Боледувал в кревет три години. Го негувала и го капела баба ми. Него и нивните седум деца. Без око и без дланка.
Но баба беше прекрасна. Имаше меше како ритчето на кое живееше. Секое утро баба правеше мекици, а јас ги делев со глувчето што живееше зад шпоретот. Утрата кај баба беа волшебни, како и баба, како и камената куќичка во која живееше. Подот беше истапкана земја врз гнили штици. Под нив имаше бункер, односно остава. Таму имаше резерви од брашно и од сол. За секој случај – велеше баба, во случај на војна.
Имаше три одаи. На ѕидовите што ги делеа имаше по еден прозорец низ кој се гледаше од едната во другата соба. На другиот ѕид имаше прозорец кон ходникот, а на третиот кон надвор. А надвор беше малата градина со цвеќе. Баба имаше цвеќе какво што никој немаше. Баба имаше и свој кладенец и бавча, во која растеа најслатките тикви-печенки, а таа најдобро ги готвеше.
Креветите беа полски. Метални рамки и пружина, врз која имаше душек и перници од сено, кое баба од година в година го менуваше, а додаваше и мирисливи билки и чаеви. Како само се сонуваше…
Баба останала без својата мајка кога имала само четири години, на баба ѝ починале и првата машка рожба, првиот сопруг, двајца синови близнаци, едвај го изгледала вујко ми. Една од ќерките ѝ почина од болест, другата беше убиена. Баба претрпела многу загуби во својот живот. И окото и дланката, но не и својата смисла за хумор. Единствено понекогаш си зборуваше самата со себе и плачеше.
Живееше сама во селото. Дружејќи се само со манастирските мачки и кучиња на лето. Зиме доаѓаше кај нас. Ми носеше набрани бадеми и мед, кој сама го собираше од пчелите што ги одгледуваше во карпата на својот голем имот. Таа карпа меѓу нас, нејзините внуци, беше позната под името „Седлото“. Ако нѐ фатеше качени на неа, добивавме тап удар по главата со единствениот прст од левата рака на баба, кој по бомбата добил форма на чеканче.
Кога баба доаѓаше кај нас, спиеше во мојот кревет. Беше необично уредна и чиста. Косата секогаш во плетенка извиена под една бела марама врз која носеше уште една шарена марама на главата. Баба ме гушкаше и ме топлеше. Некогаш ми раскажуваше приказни, најчесто онаа за ќелешот, но секогаш прва заспиваше пикната со мене под портокаловата јамболлија, исткаена лично од мајка ми и донесена тука со чеизот.
Кога мене ќе ме снема од земјата, мислев, ќе бидам горе на небото, легната со баба на облаче, покриени со портокаловата јамболлија. Таа ќе ме гушка и ќе спие испуштајќи ги тие смешни пуфкања со устата кога издишува. А јас ќе се смешкам и ќе си делам мекици со глувчето, она што живееше зад шпоретот.
Баба почина пред неколку години. Ни рекоа дека ѝ ослабело срцето. Јас знаев дека еден ден ќе попушти. Бабиното срце беше скршено многу пати, го лепеше таа низ годините, но не издржа, можеби лепилото беше „made in China“. За спомен само ја чував шнолата што таа еднаш ми ја подари. Имаше едно поголемо и едно помало срце, едно до друго, како гушнати, како јас и баба под јамболлија. Моето срце и срцето на баба, помислив кога ја видов.
Научив да плетам, но не исплетов ништо никогаш. Почнував и не завршував. Научив и да везам. Баба ми купи гоблен со папагали. Се плашам да го завршам. Кога ќе е готов, каде ќе е баба да ѝ покажам? Тоа може да боли премногу.
Научив и да месам. Еднаш. На Благовец. Ме качија на столче за да можам да досегнам на масата. Ги пикнав рацете во длабок сад со брашно. Мама ми тураше топла вода, а баба ми истури шеќер врз рацете. Баба ја јадеше мојата прва блага погача. Баба сигурно била тука и за моите први чекори, и за мојот прв проговорен збор, и за моето прво запче, но знам дека не беше тука кога го вадев првиот млечен заб.
Го нишав де со прстите, де со јазикот до бескрај. Висеше забот само на влакно, но се плашев да го откинам. Тогаш тато дојде со конец во рацете. Ми рече дека така се правело тоа и се смешкаше. Му верував. Дозволив да го врзе конецот околу запчето. Замижи – ми рече. Мижев. Слушнав едно цак. Ги отворив очите. Тато се смееше.
– Оди донеси лепче – ми рече.
– Зошто? – љубопитно прашав и за првпат ја почувствував шуплината во својата уста. Тато го прочита мојот израз на лицето.
-Ајде, – рече – кажи ја азбуката, да видиме дали ќе шушкаш.
– Абвгдѓежзѕијклљмнњопрстќуфчцчџш!
– Браво! – се изнасмеа татко ми.
– Трчај сега по лепче!
Отрчав.
– Џвакај го сега.
– Ама да не ме боли? – прашав.
– Нема да боли, џвакај полека, внимателно.
Џвакав.
-Чекај! Не голтај! – рече.
– Плукни го!
– Хм?! – кренав веѓа.
-Да, да, – насмеан ми одговори.
Плукнав.
Го пикна мојот заб во лепчето, го стисна убаво и ми го подаде.
– Оди сега, фрли го најсилно што можеш, да ја префрли куќата, за чавката да дојде по него. И кажи ѝ: „Чавко, чавко, тебе еве ти коскен, мене врати ми златен!“
– Ама тато, јас не сакам златен заб! – негодував. – Како пират ќе бидам, не, не, како тетка Душка ќе бидам!
Цимолев. Татко ми се смееше.
– Будалче, само така се вели, нема да ти донесе златен заб!
Послушав.
Автобусот запре. Жената што личеше на баба ми слезе на станицата. Ја гледав како заминува. Нешто ме болеше. Во градите. Болеше. Но како може да боли празнина?!, се запрашав.