За Македонија имам само позитивни асоцијации

Тоа што прави во Македонија да се чувствувам како дома е амбиентот, како и пријатните и позитивните луѓе што ги сретнав.

P1080219

ДОМА

Зошто во Македонија сум како дома исто како таму од каде што доаѓам?

Прво, затоа што меѓу Македонија и Полска, ако се зборува генерално, нема многу големи разлики. Тоа што прави овде да се чувствувам како дома е амбиентот, како и пријатните и позитивните луѓе што ги сретнав. Мислам дека имам многу среќа што ништо немаше лошо влијание врз мојата оценка, немав лоши авантури и за Македонија имам само позитивни асоцијации.

ШЕТАМ

Кое место е најубаво?

Според мене, ако зборуваме за убавина, тоа се манастирот „Свети Наум“ и изворите во Вевчани – тие оставија голем впечеток врз мене. Сепак, не можам да замислам посета на Македонија без прошетка низ Скопје, а особено низ Старата чаршија, или без поглед на Охрид од Самоиловата тврдина. Имам илјадници фотографии направени таму, и тоа од сите страни, кои ги правам како занесена.

ХРАНА

Од храна секогаш нарачувам…?

Дефинитивно тавче-гравче и бурек со спанаќ и со сирење; не би можела да се вратам дома без барем еднаш да јадам од нив и најмногу ми недостасуваат во Полска. Исто така, многу сакам да јадам зеленчук и овошје, а пред сѐ, домати и лубеница! И, секако, пиперките подготвени на сите можни начини. Македонската кујна е навистина вкусна и не е возможно да се замине одовде без да ви стане омилена храна некое традиционално македонско јадење.

УМЕТНОСТ

Уметничко дело што ќе го паметам барем едно дваесет години…?

Минатата година имав шанса да го гледам филмот „Ова не е американски филм“, кој ми остави голем впечеток и кој многу ми се допадна. Тоа на што прво ми текнува, покрај целата приказна, е монтажата, особено премините од една сцена во друга се за мене интересни. А, исто така, и смислата за хумор, која целосно ми одговара. Мислам дека, генерално, кога станува збор за филмот, тешко ми е да зборувам само за една работа, бидејќи сѐ придонесува тој да биде навистина добар и често им го препорачувам на своите пријатели.

АВАНТУРА

Највозбудливата случка во Македонија…

Мислам дека патувањето од Скопје до Охрид со такси. Патувавме со толку стар автомобил, што мислев дека сигурно ќе се расипе! Возачот, за да не слушаме дека сѐ и сешто чкрипи, пушти многу гласна музика, не знам точно што, некакво радио со фолк-музика. Цело време нѐ прашуваше дали имаме цигари, а еден куфер не го собираше во багажникот и тој го приврза за автомобилот со тељ. Освен тоа што навистина се плашев дека сѐ ќе се расипе, авантурата беше навистина симпатична бидејќи возачот кажуваше интересни работи за Македонија и, генерално, тој беше навистина пријатен човек.

P1080918

ЛУЃЕ

Се дружам со…?

Интересни луѓе што имаат интересни идеи за себе и за својот живот. Секој од нив е поинаков, што е многу добра инспирација, која ми дава различни гледни точки за најразлични нешта. Тие се занимаваат со различни работи и, благодарение на тоа, можам да сретнам, од една страна, сериозни луѓе, а од другата, тотално чудни, но во позитивна смисла.

СЕПАК

Што би сменила во Македонија?

Не би направила големи промени. Но тоа што не ми се допаѓа е поврзано со ѓубрето со кое се полни некои навистина убави места, кои мислам дека се атрактивни за туристите. Според мене, тоа е еден голем недостаток. Друга работа што може да се промени е тоа што има места што можат да бидат убава цел за посетување, ама не се нудат.

САМО

Што е тоа што само тука го има и никаде на друго место?

Тешко е да се каже една определена работа, но, според мене, овде има нешто што го нема никаде на друго место. Навистина не познавам некој што бил овде, а нема позитивно мислење за Македонија, сите сакаат да се вратат овде. Знам дека тоа што ќе го кажам сега ќе звучи малку патетично, но се зборува дека во љубовта, другиот треба да има нешто во себе, нешто што не може да се види, но се знае дека постои. Исто е и со местата – оние што имаат такво нешто се незаборавни.

 Агњешка Мусел е учесник на Летната школа за македонски јазик што ја организира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Напишано од
More from РЕПЕР
Доселеници од мочуриштето
Романот Settlers of the Marsh прв пат е објавен во 1925 година...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *