За поетската збирка „Ќе“ од Мане Манушев

Рецензија на неодамна објавената стихозбирка на Маушев кој моментално се вбројува меѓу најинтересните млади македонски поети.

669_34_1_1__11__3_2013Kje_FIN_2f

Ракописот што го нуди младиот поет Мане Манушев е пред сẻ предизвик не само за него, туку и за современата македонска поетска средина. Тргнувајќи уште од самиот наслов – „Ќе“ се соочуваме со вистинска зачуденост заради нашата недоумица. Имено, како читатели се прашуваме дали постои можност партукулата „ќе“, која граматички сама за себе нема полнозначност и која својата вистинска смисла ја добива во градбата на трите идни времиња во македонскиот стандарден јазик, да израсне во вистински полнозначен збор? А, ако постои, која е навистина таа?

Стихозбирката „Ќе“ се отвора со песната рамка посветена на неговиот Велес (и градот и Богот) т.е. со песната која посакува да биде: кратка автобиографија на Богот / или празни стихови за едно предградие.

Првиот циклус го носи насловот кој е наслов и на целата збирка „Ќе“ и е, всушност, циклус за идното време. Иако „ќе“ граматички го дефинира времето, во стиховите на Манушев оваа партикула се обидува да го проектира просторот. Така во стиховите на Манушев хронотопот на просторот се гради преку сликите на ехото на плоштадот, градскиот часовник, пијаните калдрми, слепите улици, фабричкиот мирис на предградието, но и преку дихотомијата за градот и метрополата, градот и преградието, преку погледот од низините/подножјето на градот, но и од висините над градот т.е. од авионскиот прозорец. Циклусот „Ќе“ е и за мислата која копа во раните утрински саати (во 06.06 или во 05.07.), за младиот студент со опиена мисла, за патувањата кон и од градот како во „Купе за шестмина“ каде само поетот зборува со јазикот на тишината, за заминувањата во кои има повеќе меланхолија отколку радост зашто во рака се има „билет во еден правец“.

Вториот циклус го дефинира просторот означен со поимот „овде“ и е циклус за минатато-идно време. Во ова поетово „Овде“ што навистина е овде? „Овде“ се стиховите исполнети со набојот на интровертната поетичка самоанализа, која би требало да се протолкува како умешност и издржливост во процесот на обновување на интимниот допир со животот. „Овде“ е: Една бубамара застана(та) / на стара фотографија / со детски лик. „Овде“ е моментот на освежувањето на сеќавањето. „Овде“ ќе постои, ако се сетиш. „Овде“ ќе биде тука и сега, ако се разбудиш само на време. Ова поетово „овде“ може да постои и ќе постои само ако посака да постои. Затоа и таа негова силна верба во страста да се биде преку сеќавањето: ако добиеш писмо / од кое кога ќе го отвориш / ќе испадне празен лист хартија, / започни веднаш да го читаш / затоа што ќе ти биде / потребен повеќе од еден живот / за да го протолкуваш / лошиот и несмасен ракопис на човештвото.

Поетскиот ракопис „Ќе“ се затвора со третиот циклус или со додатокот кој има (под)наслов „Кроки чкртки за 9 секунди“ и уште еден (под)под наслов „Додека како дете го уништував комплетот од Вилијам Шекспир“. Овој циклус во овој концепт треба да функционира како едно идно прекажано време, време со кое се прекажуваат дејства што му одговараат како на идното така и на минатото-идно. Затоа, слободно може да се рече дека овој додаток едноставно ги прегрнува двата претходни циклуса кои како да се успокојуваат во завршната поетска слика: се умирав, / се будев, / се раѓав, / се веев по патеките / се читав, / се глумев, / се бришев, / се чкрабав, / се умирав, / и пак / се раѓав / мастилесто залиен / во една Песна. Така таа крајна поетска слика станува слика за песната како негово „ЌЕ“!

Поетскиот ракопис на Мане Манушев „Ќе“ ја манифестира и потребата за една приказна која има своја проекција таму некаде утре, задутре … во иднината. Книгите ќе постојат сè додека постојата приказни кои се уверени дека мора да бидат раскажани и додека постојат читатели (и писателите се читатели) кои читајќи ги тие приказни се уверени дека тие мора да бидат допишани, ќе рече Дубравка Угрешиќ. Па така и овој поетски ракопис е една од тие приказни кои мораат да бидат раскажани, а со нивното читање и допишани.

Напишано од
More from РЕПЕР
Уметност за која не постојат ограничувања
За својата уметност вели дека станува збор за ракоделие кое бара многу...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *