Оксфордски убиства, поглавје осум

Го пренесуваме одличното осмо поглавје од романот „Оксфордски убиства“, поглавје за кое слободно може да се каже дека претставува и самостоен расказ.

500_3_23_9__5__4_2013104

Излеговме низ една галерија со камени сводови, која се наоѓаше околу задните градини. Селдом, како историска реликвија, во далечината ми го покажа тенискиот терен на Кралскиот тенис од XVI век на кој играл Едвард VII, кој јас, заради неговите ѕидови би можел да го помешам со терен за сквош. Поминавме една улица и свртевме онаму каде што се чинеше дека има цепнатина меѓу зградите, небаре некој, ударајќи со меч, со длабок рез чудесно ја распорил карпата од еден до друг крај.

– Ќе го скратиме малку патот оттука – рече Селдом. Чекореше брзо, малку понапред од мене, бидејќи немаше место за двајца во преминот меѓу ѕидовите. Излеговме на патче кое го следеше текот на реката.

– Се надевам дека болниците не ве вознемируваат многу – ми рече. – Ретклиф може да биде малку депресивна. Има седум ката. Можеби го познавате италијанскиот писател Дино Буцати, има расказ кој се нарекува токму така: Седум ката. Инспириран е од нешто што му се има случено тука, во Оксфорд, кога дошол да одржи конференција: тоа го раскажува во еден од неговите патописни дневници. Бил многу топол ден и имал лесна вртоглавица откако излегол од салата. Организаторите од претпазливост инсистирале да го прегледаат во Ретклиф. Го однеле на последниот кат кој бил наменет за најлесните случаи и за општи прегледи. Таму му ги направиле првите анализи и испитувања. Сè било во ред, му рекле, но само за да бидат целосно спокојни, му направиле малку поспецифични испитувања. Заради тоа требало да го симнат еден кат подолу, неговите домаќини ќе го чекале горе, додека не се завршела работата. Го однеле во количка, што му се чинело малку претерано, но претпочитал тоа да ѝ го припише на британската ревност. На шестиот кат почнал низ ходниците и на клупите во чекалниците да гледа луѓе со изгорени лица, завои, носилки со легнати тела, слепи, осакатени. И него го натерале да легне во носилка за да го прегледаат на рендген. Кога повторно посакал да стане, радиологот му рекол дека забележале мала аномалија која најверојатно не значела ништо страшно, но дека би било подобро да остане во хоризонтална положба, сè додека не ги добијат резултатите од останатите испитувања. Исто така, му рекле дека треба да го набљудуваат уште неколку часа и дека претпочитаат да го симнат на петтиот кат, каде што би можел да биде сам в соба. На петтиот кат немало луѓе во ходниците, но некои врати биле подотворени. Можел да ја види внатрешноста на една од собите: се гледале само шишиња со инфузија, испружени луѓе, врзани раце. Неколку часа останал сам в соба на носилката, доста вознемирен. Најпосле влегла медицинска сестра со ножичка на подавалник. Ја пратил некој од докторите од четвртиот кат, доктор Х кој го изведувал крајниот преглед, за да му направи мала тонзура на тилот пред прегледот. Додека му паѓале праменчиња над подавалникот, Буцати прашал дали докторот ќе се качи да го види. Медицинската сестра се насмевнала, небаре тоа било нешто кое само странец би можел да го помисли, и му рекла дека докторите претпочитале да си останат секој на својот кат. Но, му рекла дека самата ќе го спушти низ една од рампите и ќе го остави, додека чека, покрај прозорец. Зградата има конструкција во форма на U и од прозорецот на четвртиот кат Буцати, гледајќи удолу, ги видел ќепенците од првиот кат, што ги опишува во расказот. Неколку биле отворени, останатите биле затворени. Ја прашал сестрата кои биле сместените на првиот кат, и добил одговор кој го дава во расказот: онаму долу, само свештеникот работи. Буцати пишува дека во тој ужасен час, додека го чекал лекарот, пред сè го опседнувала една математичка претпоставка. Сфаќал дека четвртиот кат бил токму средината при броењето наназад и некаква суеверна престрашеност му велела дека ако слезе само уште еден кат подолу, сè ќе биде изгубено. Одвременавреме слушал како од долниот кат, со прекини, како да се пренесувале низ празнината на лифтот, стигнувало нешто што личело на очајни крикови, на човек обземен од делириум на болка и плач. Се подготвил да се спротивстави со сопствениот живот, ако со какво било друго оправдување, сакале да го симнат подолу. Најпосле стигнал докторот. Не бил докторот Х, туку докторот Y, главниот лекар што бил на смена. Знаел по некој италијански збор и го познавал неговото дело. Ги погледнал набрзина анализите и снимките и се изненадил што неговиот помлад колега, доктор Х нарачал тонзура¸ можеби, му рекол, тој мислел да направи превентивна биопсија, во секој случај ништо од тоа не било потребно. Сè било совршено добро. Му се извинил и му рекол дека се надевал оти не го вознемириле многу криците кои се слушале од подолниот кат. Доаѓале од единствениот преживеан во сообраќајка. Третиот кат може да биде многу бучен, му рекол, многу од тамошните сестри користат памук за ушите. Но, можно е кутриот човек наскоро да го преместат на вториот кат, па мирот повторно ќе се воспоставел – движејќи ја главата нанапред, Селдом ми го посочи монолитот од темни тули кој се појави пред нас. Потоа, небаре се бореше да ја заврши приказната со истиот смирен тон, додаде: – Белешката во дневникот е со датум од 27 јуни 1967 година, два дена по судирот во кој ја загубив сопругата, судирот во кој, исто така, загинаа Џон и Сара. Човекот кој беше во агонија на третиот кат бев јас.

Гилјермо Мартинес (1962) е аргентински писател и математичар. Со романот  „Оксфордски убиства“ во 2003 година постигнува светска слава. Според него е снимен и филм во Холивуд. Од Мартинес досега на македонски јазик се преведени и кратките романи „Жената на маестрото“ и „За Родерер“.

Во партнерство со Купикнига тука можете да си го набавите романот „Оксфордски убиства“ од којшто е преземено ова поглавје www.kupikniga.mk

Превод од шпански јазик: Ирина Талевска

Напишано од
More from РЕПЕР
Меѓу интимниот женски свет и деконструкцијата на општествената реалност
кон романот ГОДИШНИ ВРЕМИЊА од Јулијана Величковска
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *