(од предговорот кон македонското издание на Корнел Ешти)
(Деже Костолањи: Корнел Ешти. Превод од унгарски: Анамарија Цинеге-Панзова и Златко Панзов. Скопје: Икона, 2013)
Деже Костолањи (1885-1936) е еден од најистакнатите писатели на унгарската книжевност. Има еднакво значајни достигнувања како поет, прозаист, преведувач и како есеист. Уште во текот на животот се здобива со голема популарност, а по неговата смрт, неговите дела беа издадени во единаесет томови во редакција на Ѓула Илјеш. Меѓутоа, по Втората светска војна – за време на комунистичкиот режим – неговото значење беше потценувано, бидејќи го сметаа за „писател на буржоазијата“. Ренесансата во неговата рецепција настапува во осумдесеттите години на минатиот век, кога беа издадени новите учебници за средно образование, во кои неговото творештво беше истакнато пред творештвото на двајцата големи дејци на канонот: Ендре Ади и Михаљ Бабич. Пред тоа, во 1957 година, една лингвистка, Марија Хорват, веќе предложува негова рехабилитација, а во 1961 година напиша и рецензија за неговиот роман Чучулига. Во 1963 година се објавува и романот Анa Едеш, во цензурирана верзија (во воведот на оригиналот се појавува пародична сцена со Бела Кун). Во седумдесеттите започнува популаризација на делата на Костолањи во серија изданија од Пал Рез.
Првата потемелна анализа за Корнел Ешти ја напиша Михаљ Сегеди-Масак во 1979 година, кој е редактор и на критичкото издание на делата на Костолањи, чие издавање е во тек. Во деведесеттите повеќемина ги препрочитуваат делата на Костолањи, според современите теоретски аспекти како постмодернизам и по новите наратолошки школи. Од друга страна, пак, филолошките истражувања од 2000 година наваму донесоа многубројни резултати. За време на цензурата, дури и основните проучувања изостануваа, па може да се каже дека сликата за Костолањи не е целосна и до ден-денес.
Деже Костолањи е роден во некогашната жупанија Бач-Бодрог, во градот Сабадка (Суботица, денешна Србија). Во Суботица секоја година се одржуваат комеморации, културни програми и конференции во негова чест. Овој класик на унгарската книжевност средното образование го завршил во родниот град, а матурата ја положил веќе како приватен ученик. Во 1903 година се преселува во Будимпешта, каде што го продолжува образованието на универзитет, на унгарски и на германски јазик. Се запознава со истакнатите личности на современиот уметнички живот и со боемските кафеански кругови. Во 1904 година добива стипендија на Универзитетот во Виена, каде што посетува семинари за филозофијата на Хегел, за творештвото на Гете и за поезијата на Грилпарцер, а учи и француски јазик. Уште оттогаш развива значајна преведувачка дејност, преведува песни од австрискиот поет Рилке. Сепак, по враќањето од Виена, нема да ги заврши своите студии, туку ќе започне да работи како новинар.
Неговото прво работно место е во Будимпештански дневник, каде што ја презема редакторската функција, во рубриката за поезија, од самиот Ендре Ади. Потоа станува редактор на повеќе весници, а и самиот објавува статии, песни, новели и преводи на повеќе места паралелно. Од самиот почеток во 1908 година, објавува песни и во списанието Њугат, најзначајното списание на унгарскиот модернизам.
Во 1907 година ја објавува првата збирка пoезија под наслов Меѓу четири ѕида, која веќе содржи неколку позначајни песни, но поголем успех ќе постигне дури со следната збирка: Ламенти на кутрото мало дете. Објавена во 1910 година, таа уште за време на неговиот живот ќе доживее дури седум изданија. Во 1908 година ја објавува и првата збирка раскази – Ноќ на вештерки. Во 1913 година се жени со актерката Илона Хармош, која му ја претставува неговиот најдобар другар, писателот-пародист Фриѓеш Каринти.
Во 1915 година им се раѓа синот Адам.
Костолањи, по завршувањето на Првата светска војна, ќе се најде во тешка ситуација. Во Унгарија следуваат револуции – прво Астер револуцијата, потоа Унгарската Советска Република. По падот на втората, Миклош Хорти и неговите приврзаници управуваат со државата, а „црвениот терор“ го заменува – „белиот“. Невработеноста и политичките прогони го отежнуваат секојдневниот живот. Од промените на власта не се поштедени ниту новинарите, се појавуваат нови и нови закони за печат и цензури, некои весници се забранети. Така и Костолањи успева да се вработи само кај весниците што им припаѓаат на одредени сфери на интерес. Од 1919 до 1921 година работи за Ново поколение, ја води рубриката Пардон. Статиите од таа рубрика – од различни автори – се објавуваат анонимно и зајадливо ги напаѓаат, меѓу другите, и оние што по завршената улога во Советската Република стануваат емигранти во Виена. Поради неговата рубрика, Костолањи ќе биде осудуван од своите другари од левичарската интелигенција – кои се многубројни – но ќе се судри и со колегите и со современиците од десната страна.
Тешко го преживува договорот во Трианон и отцепувањето на родниот град од Унгарија. Дури ќе редактира и една иредентистичка книга под наслов Унгарија крвави, за која самиот Хорти ќе напише поговор. Тогаш се објавува и неговата популарна збирка поезија Леб и вино. Од 1921 година ќе почне да работи за поумерениот Пештански весник и останува таму сѐ до својата смрт. Пишува театарска критика и уредник е на рубриката Недела, каде што ги објавува своите песни, преводи, есеи за јазикот и критики на книжевни дела.
Во дваесеттите години дебитира и како писател на романи. Неговите книги, откако ќе се објават, постигнуваат голем успех, каков што е случајот со неговиот прв краток расказ, Лошиот лекар (1921). Следуваат Крвавиот поет (1922), чие дејство се одвива во стариот Рим и кој ги покажува ужасните дела на императорот Нерон, Чучулига (1924), семејната драма Златниот змеј (1925) и приказната за слугинката што ги убива своите господари – Ана Едеш (1926). Покрај романите, од неговото перо излегуваат и нови збирки поезија и фељтони. Во 1929 година го објавува во Перо својот славен памфлет за преценувањето на поезијата на Ади, со кој предизвикува голема полемика, бидејќи токму тогаш Ендре Ади е најпопуларниот и најценетиот поет во Унгарија.
Ликот на Корнел Ешти во неговите раскази се појавува некаде во дваесеттите години на минатиот век, а во 1933 година се случува објавување на расказите собрани во роман, чиј превод на македонски јазик го држите во рацете.
Уште истото лето забележува болна црвена дамка на своите непца, за која подоцна ќе се открие дека е од рак. Веќе смртно болен, се запознава со својата последна љубов, Марија Радакович, млада мажена жена. За неа ќе ги напише своите најубави љубовни песни, како на пример Стравопочит во септември.
Во последните години од неговиот живот ќе се родат и неговите најголеми филозофски песни како В зори, пијан или Погребен говор. Љубовта му создава проблеми, а болеста се влошува. Во август 1936 година му го оперираат грлото, онемува, па со помош на „листови за разговор“ комуницира со својата средина.
Умира на 3 ноември 1936 година во новата болница „Св. Јован“ во Будим.
На творештвото на Костолањи не му оддаваа признание само во Унгарија, тој беше познат и надвор. Некое време беше претседател на унгарскиот ПЕН и водеше широка кореспонденција со многу познати свои современици – светски познати писатели. За преводот на неговиот роман Крвавиот поет на германски јазик поговор напиша Томас Ман. Многу негови дела се објавија во преводи за време на неговиот живот. Интересно е дека романот Корнел Ешти, кој денешната критика го смета за најдоброто дело на Костолањи, не беше преведен на многу јазици. Првиот целосен превод на романот се објави дури во 1967 година во Франција. По тоа издание, дури во деведесеттите и по 2000 година се објавија преводи на неговите дела на други јазици, а англиската верзија е издадена дури во 2011 година. Делото веќе може да се чита на повеќе словенски јазици: полската, руската и словачката верзија беа познати уште во осумдесеттите години на минатиот век, а другите се издадени по 2000 година.
Македонското издание, од една страна, исполнува празнина, а од друга – се вклопува во тенденцијата на реоткривањето на ова дело.
Како резултат на неговата работа по весниците, Костолањи повеќето свои дела ги објавува по списанија и по весници. Според податоците добиени со филолошките истражувања водени во рамките на неодамна започнатото критичко издание (кое е финансирано од Унгарската академија на науките), неговите дела се објавени во речиси четиристотини весници и други списанија. Поглавјата од романот Корнел Ешти првично се објавени во различни печатени медиуми. Во 1933 година избира осумнаесет новели и ги поврзува во една книга под наслов Корнел Ешти. Делото може да се смета за роман – самата композиција дава можност за тоа – но може да се чита и како збирка од кратки раскази. По објавувањето на романот, новите раскази за Ешти се објавени во збирката Планински очи (1936) и во собраните дела објавени по неговата смрт. Во расказите објавени во весниците, Ешти не се појавува секогаш како доминантен лик – некои од нив се напишани во прво лице еднина.
Со текот на времето, ликот на Корнел Ешти се претвора во легенда: тој станува отелотворување на еден животен стил, на една филозофија. Тој е боемот на будимпештанската ноќ, кој во кафеаните води бескрајни дискусии со своите пријатели, а во дел од расказите се појавува и како претставник на побогатиот граѓански слој (што живее во благосостојба). Повеќето критичари ликот го сметаат за алтер-его на писателот, тој ја претставува неговата темна страна и тој – наспроти писателот-буржуј – не се плаши да се бунтува против скаменетите општествени норми. Многумина овој роман го сметаат за претходник на постмодерната: според начинот на составувањето на композицијата, според идеите од филозофијата на јазикот присутни во него, според животната филозофија на главниот јунак, која може да се одреди како релативизам.
Прославениот претставник на денешната модерна унгарска книжевност, Петер Естерхази, во својот роман Ешти, се надоврзува на јунакот на Костолањи, но освен него, и други писатели на постмодерната се надоврзуваат на таа духовна традиција.
Критичкото издание на романот е издадено во 2011 година во редакција на Јулија Цифра и на Андраш Вереш. Во книгата ги објавија различните верзии на расказите и промените во насловите, а објавени се и копии од оригиналните ракописи. Детално и хронолошки е опишан приемот на делото.
Македонското издание се објави по критичкото издание, така што можеше да ги искористи филолошките и научните достигнувања од него.
Преведувачите, Анамарија Цинеге-Панзова и Златко Панзов, веќе одамна се познати со преводите на бисерите на класичната, но и на постмодерната унгарска книжевност на македонски јазик. Тие го преведоа и Дневник од Геза Чат, кој беше братучед на Костолањи, а меѓу нив постоеше тесна духовна врска. Исто така, тие објавија и раскази од Петер Естерхази, кој Костолањи го смета за својот маг.
Издавањето на Корнел Ешти органски се вклопува и во нивното досегашно преведувачко творештво. Се надеваме дека, слично на поранешните успеси, и ова култно дело на Костолањи ќе ја придобие симпатијата на македонските читатели!