Што мразеше Јиже Потомпкин и од што се плашеше?

Јиже е седумгодишно момче со многу светла коса и со неподносливо сини очи. Секој ден застанува пред прозорецот од својот апартман и, џвакајќи овесни снегулки, го гледа будењето на главната улица.

large

Јиже е седумгодишно момче со многу светла коса и со неподносливо сини очи. Секој ден застанува пред прозорецот од својот апартман и, џвакајќи овесни снегулки, го гледа будењето на главната улица. Тој ги мрази мачките што се довикуваат по улиците, ги мрази и гласните мајстори што ја реновираат новата зграда отспротива, ги мрази мушичките што се собираат околу овошките во кујната, ги мрази доцнењето на тато и заспаноста на мама, го мрази мирисот што го испуштаат белите бонбони кога мама ги толчи, па ги голта секоја вечер со една проѕирна стаклена чашка чај, ги мрази лепливите и дамкосани маици што тато ги фрла на подот од бањата секoе утро. Јиже мрази што мора да зборува самиот со себе во текот на целиот ден и што пред самрак нема повеќе млеко за да го накваси остатокот од овесните снегулки.

Јиже е седумгодишно момче со широк поглед и со пеги по лицето. Кога ќе го остави загризеното јаболко подолго време во дланката, се плаши дека бакарната боја фатена на одгризениот дел е, всушност, неговата крв. Се плаши кога на стаклото од прозорецот, низ кој набљудува секое утро, ќе ја види не својата рефлексија, туку онаа на својата сенка, која се одвојува од него и која засекогаш го напушта во некој непознат простор. И страшно се плаши од својот грб, зашто мисли дека кова заговор против него и дека намерува да се нагрбави за инает на сите планини што Јиже некогаш ги напушти за да се досели во градот. Се плаши и дека ќе заборави оти пегите му се пеги и дека ќе посака да ги накваси во млеко, страв му е дека нема да се сети оти бенките се бенки, па ќе помисли дека се чоколадни трошки и ќе настојува да ги избрише со прстот, триејќи со сета сила, а тоа ќе го заболи и ќе предизвика неотповиклива смрт.

Јиже е седумгодишно дете што наполни четиринаесет години и што мама никојпат не го пушти да оди на училиште, зашто момчето одбиваше да расте и сите органи ги сокриваше, вовлекувајќи ги во себе, не дозволувајќи им да пркнат. Не за друго – туку мразеше да порасне. Затоа, седнуваше во аголот на терасата и се сокриваше ставајќи го легенот врз главата со страв да не го најде вештерката што на децата им сипува сируп за растење во ушите. Кога ќе му се примочкаше и прикакаше, не одеше по нужда, зашто кога ќе му дојдеше да плукне застанат над тоалетната школка, се плашеше оти долгнавестата и леплива плунка ќе му се спои со валканата вода од школката. Затоа се празнеше на терасата, сокриен со капата од леген, и тоа го топлеше за една секунда, а потоа, особено зиме, го ладеше и го доведуваше до треска. Мразеше да им подава рака на луѓето што доаѓаа на гости, зашто се плашеше дека, ако им подаде рака за поздрав, ќе го пецне струја од меѓусебниот допир. А мама ги допираше сите, секаде, секогаш. Во тој случај, таа не спиеше, а тато не беше во близина.

larnnge

Јиже е седумгодишно дете што стана полнолетно еден зимски ден. Тогаш многу се исплаши дека одеднаш, тукутака, ќе снема вода во светот, па никогаш повеќе не пушти ниедна славина да тече, не пушти вода од тоалетната школка (па и онака не одеше по нужда таму). А многу се плашеше и дека некој метеор може да заспие во летање и да падне на земјата, и тоа токму во неговиот апартман. Се плашеше и дека зградата ќе се сруши, како да е изградена од картите на тато, а многу го нервираше можноста дека постои некое друго дете што одбива да расте и го прави тоа што и тој самиот го прави, зашто може да се случи да го престаса во некоја идеја. Јиже се плаши од подвижноста на предметите кога ќе се стемни, од ветувањето што им го остави на играчките (синото магаре, оловниот војник, дрвеното крвче) во дупката од витрината, од кивањето на тато, кое може да скрати неколку дена од животот на мама.

И така, Јиже се плашеше и Јиже мразеше еднакво, но не го мразеше она од што се плаши и не се плашеше од она што го мрази! Кога наполни седум години, Јиже чу од сонливото бладање на мама дека неговата сестричка го напуштила, зашто станала космичка прав и решила да се развее некаде горе, до кај што окото не допира. А Јиже стравуваше од височина. Зиме, во студените мугри, остануваше сам на терасата, спикан во аголот, залепен за ѕидот, зашто така е и најоддалечен од преградата, па во страв од светот, криејќи ги сините очи од сечиј поглед, исплашен дека ќе го урочат, дишеше заради тоа што мораше да дише. И затоа никој не го сфаќаше сериозно дури ни кога остаре, оти кој му верува на старец прекриен со леген!?

А најмногу од сè, Јиже се плашеше од фактот дека еден ден засекогаш ќе умре, но не и од фактот дека ќе престане да дише. И мразеше што некој ќе мора да го гледа неговото тело лишено од свест и од душа, клапнато, осамено. Некој поглед е фрлен врз него, некоја рака е спуштена врз неговата студена кожа, некој прст ја боднува неподвижната мрша, а тој не може ни да замавне колку да ја оттргне таа рака, тој туѓ допир, тој странец што завладува над него – затоа што она што се нарекувало Јиже веќе воопшто го нема!

Илустрации: Џени Тот

Напишано од
More from РЕПЕР
Поезијата во Македонија многу се почитува
Зошто во Македонија сум како дома исто како таму од каде што...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *