Мигот

Тие светли часови на подем и вистинска среќа му даваат смисла на целиот наш изминат животен пат.

За значењето на мигот во човечкиот живот се замислив пососредоточено дури кога во „Златоврв“ напишав дека ние луѓето сме „дораснати за мигот, а бедни за дните“. Тоа го доживеав како просветлување на една дотогаш сматна мисла. Тоа значеше дека човекот само во мигот може да досегне некакво величие, врв на среќа, занес на подвиг. Натамошниот тек на времето и настаните пак нѐ принижува до нашата слаба природа, нѐ приземјува, нѐ потопува во сивилото на живуркањето. Не случајно се вели дека е најдобро човек навреме да си умре. Тоа важи особено за луѓе околу чие име се изградил некаков мит. Тој се создал поради подемот на личноста во даден момент и просто е жалосно да се гледа како забот на времето ја руши легендата.

6777326836_7713d6bb3d_o

Одовде мислата ме водеше кон откривањето дека внатрешната слика што си ја создава човек сам за себе, оној личен миг што толку ни помага да го издржиме животот, претставува заправо сума на некои врвни мигови во нашето доживување, запаметени за секогаш и потоа поврзани меѓу себе во една низа така што, загледани во таа целост, самите да почувствуваме и да чувствуваме извесен респект спрема својата личност. Притоа своите падови, миговите на својата слабост и дури подлост, радо ги забораваме и ѝ ги препуштаме на потсвеста, за да нѐ жегне со нив само понекогаш. Од овде се гледа дека кога говорам сега за ова, јас мислам само на светлите мигови во нашиот опит, а не на мрачните, од кои се составува опачината на нашиот живот.

imagesТие светли часови на подем и вистинска среќа му даваат смисла на целиот наш изминат животен пат. А ако би се собрале сите тие наедно, ако би се пресметало колку вистински траеле и каков дел од нашиот живот исполниле, ќе се покаже можеби дека тие би можеле да се сместат во едно претпладне. Но од таква студена сметка ќе нѐ штити илузијата на која се крепи во нас чувството за нашата животна полнота и богатство.

Иако ваквите размислувања носеа за мене белег на новина, доста беше да прелистам дел од своите повремени белешки, како впрочем и некои објавени работи, па да видам дека не ретко сум се задржувал на исклучителното значење на мигот за човека. Впрочем, зар еднаш ми дошле напамет овие зборови на Фауст за мигот на чудесно доживување: „остани уште малку, ти си толку убав!“ Толку пати сум ги повторувал во себе тие зборови! Сега сепак, по целиот опит, и тие, иако толку познати, ми звучат подлабоко. Се потсетувам и на еден совет што ми го дадоа во пресвртна животна ситуација дека на младите треба да им се остави да доживеат макар малку среќа, во моментот кога им се чини дека таа им се нуди, па за натаму – жив е Господ!

Дека ваквите размислувања сепак потекнале од нешто што сум го доживеал како откривање, иако ми било одамна познато како општо становиште, се уверувам и од тоа што на нов начин ги восприемам сега овие стихови од една песна на големиот бугарски поет Николај Лилиев:

Възкръсват бавно в морна памет

случайно срещнати жени

и като плиснали вълни

с незнайното зоват и мамят.

Те обещават в своя зов

да създадат от мига вечност,

но божията безсърдечност

не ме наказа със любов“.(1)

Оваа песна на Лилиев не случајно ја знам напамет. Таа спаѓа меѓу најљубимите за мене песни. Често пати сум ја кажувал и пред други. И секогаш кога ќе дојдев до подвлечениот стих, ми се чинеше дека треба да минам едно општо место, да се задоволам со една патетична поетска фраза. Сега, меѓутоа, знам дека тие зборови искажуваат едно конкретно и длабоко лично доживување. Толку е верно дека некои поетски пораки можеме да ги одгатнеме дури кога ќе дозрееме до тоа со својот внатрешен животен опит. Ништо не значи во тој поглед дали веќе пред тоа, пред узревањето на нашиот личен опит, сме ги усвоиле декларативно оние вистини, судови и становишта што и тој опит ги потврдува, но со подлабока за нас смисла.

_____________________________
[1] Воскреснуваат бавно во моите тажни сеќавања
случајно сретнати жени
и како бранови што плискаат
кон непознатото ме повикуваат и мамат.
Ми ветуваат тие во повикот свој
да направат од мигот вечност,
но Божјата бесчувственост
не ме казни и мене со љубов.
(Препев од бугарски: Душко Крстевски)

Тагови од објавата
, , , , ,
Напишано од
More from РЕПЕР
Италијанска современа поезија (7)
Мојот затвор гледа повеќе од твојата слобода.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *