Кога љубовта е како „Кока-кола“

Знаеме дека позната идентификација за љубовта е срцето, но дали и колку чудно би звучело кога би го споменале мозокот како орган поврзан со љубовта? Некој веднаш ќе повлече паралела на срцето со емоцијата и мозокот со рационалноста, како два антиподи или две острици на еден ист меч. Компромисот би можел да се најде во познатата изрека „љубовта е хемија“. Дали е навистина така? Науката вели да, за среќа, или, пак, можеби – за несреќа, а уметноста ја потврдува…

love1

Кога се вљубуваме, хемискиот елемент „допамин“, кој нè прави да се чувствуваме среќни и хемискиот елемент „окситоцин“, кој ни дава доверба, се зголемуваат до многу високи нивоа. Нашето критичко размислување едноставно запира, на рационалноста забораваме и стануваме слепи пред личноста што ја сакаме, која се чини дека е единственото нешто што ни значи. Затоа и ќе се спореди дека „вљубувањето е како скокање од многу висока зграда, нашиот мозок ни кажува дека тоа не е добра идеја, но нашето срце ни вели дека сепак можеме да летаме“. Чувството е неописливо! Летаме! Лео Сеер пее: „Те сакам повеќе од што можам да кажам, а утре те сакам двапати повеќе“.

[pullquote align=”right”]Лео Сеер пее: „Те сакам повеќе од што можам да кажам, а утре те сакам двапати повеќе“.[/pullquote]

Ова научно го потврдува експериментот на Државниот универзитет во Њујорк кај Стоун Брук, каде што на неколкумина млади луѓе, лудо вљубени, им биле скенирани мозоците во моментот кога гледаат во фотографиите на нивните сакани. Деловите од мозокот што се осветлиле прецизно биле токму оние богати со моќната хемиска супстанција за задоволство, „допамин“, кој мозокот го ослободува и при конзумирање кокаин и никотин. „Допаминот“ е клучниот хемиски елемент во системот за „награда“ на мозокот, мрежа од ќелии што се поврзани со задоволство, но и зависност!

Вљубени, стануваме „зависни“ на овие хемиски елементи, на ист начин како што се станува зависен од наркотици (кокаин, амфетамин, хероин, морфин и оксиконтин). Затоа и Паоло Коељо ќе рече: “Најмоќниот халуциноген на оваа планета се вика љубов. Многу зависен. Ќе видите работи и слушнете нешта што не постојат!“

Во своите последни истражувања, научниците од Универзитетот Конкордија во Канада, Сиракуза и Западна Вирџинија во САД и универзитетските болници во Женева, ја откриле позицијата во мозокот од која потекнуваат емоциите кога некого сакаме. Според нив, љубовта се создава во истото подрачје на мозокот во кое се создава и зависноста од дроги, односно љубовта ја активираат различни делови од мозокот, кои можат да бидат активирани и од други задоволства, како што е, на пример, храната. Но, сметаат тие, за да се активира љубовта, мора да постои нешто што има посебна вредност.

Научниците заклучиле дека додека задоволството е прецизно, љубовта е поапстракна и покомплексна и затоа помалку зависи од физичкото присуство на другата личност. Затоа можеби и Пабло Неруда ќе рече: „Те сакам како што одредени темни нешта се сакаат, тајно помеѓу сенката и душата“, а нашиот Славе Димитров ќе пее: „ќе те љубам тајно и ќе бидам среќен“.

Но, што кога ќе се прекинloveе љубовта или овој извор на задоволство и полет. Кога врската завршува или љубовта не ни е возвратена, телото почнува да чувствува недостиг на овие хемиски елементи, „допаминот“ и „окситоцинот“. Лицето што било отфрлено или, популарно речено, „откачено“, ја доживува истата состојба на мозокот, нерационална и недоброволна, како и лицето што е лишено од храна, вода или дрога. Ова го потврдува и биолошкиот антрополог Хелен Фишер на Универзитетот Рутгерс, која експериментираше со лица на кои им била одбиена љубовта.

Настапува состојба на манија и опсесија со обидот повторно да се врати загубата… Затоа и Лео Сеер, кој предмалку скокаше во височини, тажно ќе завива: „Кога ми требаш…“. The Righteus Brothers во евергринот „Unchained Melody“, симболично ја потврдува токму релацијата на зависноста на љубовта и храната: „…огладнев за твојот допир, долго осамено време, време што поминува толку бавно, и време што може да стори толку многу. Дали си уште моја? Ми треба твојата љубов…“. Алис Купер можеби е грд шок-рокер, но тој тоа подиректно го кажува во свој стил, без многу поезија: „Пекол е да се живее без тебе!“

Хемиските промени предизвикуваат психолошки варијации во отчукувањето на срцето и протокот на крвта. Стресниот хормон „кортисол“ почнува да се зголемува и го ослабнува имунолошкиот систем. Загубата на романтичната љубов предизвикува исти ефекти како и физичката болка, поради што изразот „скршено срце“ не е само метафора, затоа што загубата може да предизвика навистина реална болка во телото. Тоа некој го опишал вака: „Љубовта е како ластик што затегнат го држат двајца. Кога едниот испушта, го повредува другиот“. Затоа Деф Лепард навремено предупредуваат: „љубовта каса, љубовта крвави, ме фрла на колена…“

Ефектот на „скршено срце“ бил предмет на истражување со векови. Поети, филозофи, научници, сите тие се обидувале да сфатат што точно значи „скршено срце“. Генерално, овој термин се однесува на емоционалниот одговор што доаѓа како резултат на губење на саканата личност (крај на една романтична љубов, смрт на близок или шок од предавство/неверство).

Д-р Елизабет Кублер-Рос идентификувала пет фази низ кои луѓето поминуваат во овој процес, кои допринесуваат за да не заглавиме во секоја од екстремните емоции што доаѓаат при секоја голема загуба. Тоа се: одбивање (на загубата), лутина (за причината за загубата, реална или замислена), „пазарење“ (со Господ или некои сили да се промени загубата), депресија (изолирање од општеството) и прифаќање (откако ќе се поминат сите претходни фази, подготвеност за продолжување понатаму).

Безвременската македонска рок-авангарда Архангел најубаво отсликува во песната love2„Љубов или омраза“: „Долго, долго/ гледам во тоа лице,/ се трудам да не мислам/ колку е убава, колку е прекрасна[…] ти си толку далеку од мене[…] Ако останам,/ зар ќе можам да те задржам,/ ако одам,/ зар ќе можам да те преболам,/ да те заборавам,/ ќе се вратиш како спомен,/ ќе се вратиш како нож“. Ристо Вртев можеби го знаеше значењето на „ножот“ и неговата персонификација во контекст на насловот на овој есеј, затоа и напиша посебна песна со име „нож“ и симболичните бодежи што секое сеќавање на саканата личност ги имаат врз нас. „Не можам да живеам без тебе“ – многумина што вака ги завршувале своите љубовни писма, пред да го завршат својот живот, најчесто скокајќи од мост. Ромео и Јулија имаа потрагичен и поромантичен крај. Толку ли боли!? Квин, пеејќи за болката од падот на „допаминот“, цела година го имаа на врвот својот сингл во кој пееја: „Љубов на мојот живот, ти ме повреди, ми го скрши срцето и сега ме напушти…“, а нивниот гитарист Брајан Меј, подоцна, во сингл-нумера, едноставно ќе резимира „премногу љубов ќе те убие“.

Но, надежта последна умира и оттука и оптимизмот дека „сепак ќе се врати“. Рокерите изгледа тоа повторно најубаво го имаат опеано. Ричард Маркс знаеше да каже: „каде и да одиш, што и да правиш – ќе бидам тука, чекајќи те, колку и да трае и колку срцето ми се крши“. Скорпионс се познати по своите балади и една од нив е токму: „Секогаш некаде… кај и да бидам, ми недостасуваше, ќе се вратам повторно да те сакам“. Бон Џови порачуваа во култната „Ќе бидам тука за тебе“, но најдобро ова беше опеано во антологиската „Секогаш“ чиј рефрен моќно завршува: „И кога ќе умрам, ти ќе ми бидеш на ум, и ќе те сакам секогаш…“

Чудно или не, но сличен ефект како љубовта врз нашето тело има и популарната кока-кола. За илустрација: десет минути откако ќе испиеме една лименка, десет кафени лажички шеќер „го раскинуваат“ нашиот организам, што е 100% од дневно препорачаната доза. Дваесет минути потоа количината на шеќер во крвта нагло се покачува, предизвикувајќи инсулинска експлозија. По четириесет минути, кофеинот е во потполност апсорбиран, зениците се шират, крвниот притисок се покачува, а само по пет минути по овие промени, телото го зголемува производството на „допамин“, стимулирајќи ги центрите за чувство на задоволство во мозокот, на ист начин на кој делува и хероинот… По шеесет минути во организмот се создава вистински хаос или своевидна експлозија на метаболизмот. Како што се смирува хаосот, почнува чувство на недостаток на шеќер, оној истиот што пред само еден час бил во високи граници. Се спуштаме, паѓаме… но повторно и повторно во следна пригода посегнуваме по кока-кола, иако и нашите стари знаат дека „создава зависност“. Едноставно, ни недостасува… Звучи познато?

[pullquote align=”left”]„Дали љубовта го прави човекот будала, или само будалите се вљубуваат?“[/pullquote]

Научниците навистина откриле многу работи, но не успеав да најдам објаснување за доброволното откажување од нашиот „херој“ во овој текст, „допаминот“, или хемискиот псевдоним на она што нарекуваме „љубов“ и незгодите што ни ги предизвикува. Знаеме колку боли кога отсуствува изворот на „допамин“, но која е таа сила што нè тера доброволно да се откажеме од него: задоволството ли? Болката ли?

love3

Да тргнеме од „Казабланка“, мастерписот на филмската уметност, Рик и Лиса, сцената што го одбележува филмот и сцена што е толку прераскажувана, емитувана, дебатирана. Зошто Рик ја пушти Лиса да си оди со Виктор кога толку многу ја сакаше!? Одговорот можеби е токму тоа – многу ја сакаше!

Уште еден повпечатлив крај на еден можеби не толку влијателен, но многу впечатлив филм, каков што е, на пример, „Ефектот на пеперутка“, за кој многумина можеби го проколнуваат режисерот затоа што им остави да размислуваат зошто на крајот ја одмина и дозволи да си оди!? А знаеме колку ја сакаше и колку го мачеше тоа што без да сака ја повредуваше. Одговорот можеби повторно е – многу ја сакаше!

Грахам Грин не напиша крај на филм, туку цел роман на оваа тема, „Крајот на една афера“, кој подоцна стана убаво сценарио што маестрално го одиграа единствените Ралф Фајнс (како Морис) и Џулијан Мур (како Сара). „Можам да го посочам точниот момент кога ’тоа‘ започна и еден ден знаев дека би требало да го посочам финалниот час[…] Го туркав, го туркав надвор од мојот живот единственото нешто што сум го сакал. Сè додека љубовта траеше, бев среќен… но ако љубовта требаше да умре, сакав да умре брзо“. Но, дали е тоа одговор? Морис си замина, сè уште сакајќи ја, а Сара, исто така никогаш не престана да го сака. „Љубовта не престана, само затоа што не се гледаме[…] никогаш не престанав да те сакам, дури иако не можев да те видам“, беше нејзината реплика.

Тоа потврдува дека можеме некого да сакаме и ако воопшто не го видиме, ден, два, дваесет, седумдесет, години… тој веќе е во нас, нè има „инфицирано“, тешко се лечи. Но, научниците се оптимисти и утешуваат дека штом веќе е најдена причината за љубовта и од неа предизвиканата болка, лесно може да се најде и лек. Дали тоа ќе дојде во вид на магично апче што како рутинскиот аналгин ќе ја анулира болката, не знаеме, но дали тогаш ќе ги снема и убавите приказни, песни, реплики, преедизвикани толку од таа слатка болка. Дотогаш, да го послушаме Жарко Кујунџиски: „Веројатно е најлесно кога живееш со апсолутното сознание дека другиот не чувствува ништо, а уште полесно кога знаеш дека и ти не чувствуваш ништо“. Интересна порака за утеха, но барем до моментот додека се сетиме дека е напишана во романот „Најдено-загубено“ и се сетиме дека болката е токму поради фактот дека е „загубено“ она за што сме знаеле дека по долгата потрага е „најдено“.

Есејот започна со барање одговор на навидум лесно прашање, но изгледа повторно ќе заврши со едно прашање, кое го поставува познатиот писател Орхан Памук, во кое по одговорот вечно ќе трага, а со него и сите ние: „Дали љубовта го прави човекот будала, или само будалите се вљубуваат?“

Напишано од
More from РЕПЕР
Крешендото на Барико
Селективен преглед на прозата на современиот италијански писател Алесандро Барико.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *