Оливера Ќирковиќ „Јас Пинк Пантер“: Една Брехтовска Сага

Не знам каде ми отиде стикерчето со налепница за цени на која ѝ го напишав познатиот афоризам на Брехт: „Не е криминалец оној кој ограбува банки, туку оној кој ги основа“.

Во еден мој неодамнешен ангажман, во саемскиот жаборник на македонското издаваштво, сакал-нејќел, се најдов во близина на дотичната Оливера Ќирковиќ. Оваа жена, пролетоска беше присутна на екраните на сите позначајни политички емисии, од тие порелевантните, до оние поопскурните на дежурните параноци кои во неколку реченици може да ви објаснат кој владее со земјата и светот. Сепак, поготово од избирливата публика на овој сајт, многумина би прашале Оливера кој/а? Таа висока, атлета, стројна жена, со крупни сјајни очи, плави кадрици, со баритон глас и заразен смев инаку бивша југословенска репрезентативка во кошарка и осуденик за криминални активности. Објави книга која се нарекува „Јас Пинк Пантер“, алудирајќи на нејзината поврзаност со оваа криминална група која врши грабежи по белиот свет. Кога ја здогледав книгата се потсетив на оние дамнешни есеи на Дубравка Угрешиќ: „писател денес може да стане за жал, секој“. Некогаш, смета Угрешиќ, требаше да испотиш столче, читајќи сериозни дела за книжевната историја, како тие на Данте, Џојс, Толстој, и потоа да работиш долгогодишно и макотрпно во продирање на тајните на книжевниот занает. Но, од друга страна, писателот одамна не мора биде припадник на одредена привилегирана група. Или, може на пинкпантеровата. Сведоштва денес објавуваат многу луѓе – политички мемоари, тајни исповеди, пикантерии од бурни настани на поблиската и подалечната историја. Пишуваат исповеди и шофери на познати личности, тренери по јавање, бармени. Во напливот на исповедна литература, постои и нешто што е хај нешто што е лоу, во поглед на квалитетот. „Јас Пинк Пантер“ е солидно продукција во рамките на кхм, жанрот, крими-исповед, отсек bank robbery. Едноставно моето безмалку неумоливо компаратистичко образование ми налагаше да игнорирам и книжевно и физички појавата на О.Ќ. како нешто маргинално и небитно. Неколку дена упорно се зафаќав со извршување на рутински задачи („наводени ја саксијата“; “бриши second hand книги со влажни марамчиња„) кои намерно ме оддалечуваа околу нејзината живописност налик на гигантска суперсонична елка опсипана со милјарда електрично зелени лампиони. Повремено посматрав, како дисциплирано седи и потпишува книги на луѓе кои припаѓаат на некаков полусвет – првпат купуваат книга, се плашам и последен. (за среќа Оливера има уште два, три дела од исповедта, за да биде цела) Постоеја и попристојни читатели, кои чекаа да добијат автограм, и кои Оливера ги третираше со неверојатна хуманост, желба да допре до нивните срца. Во рацете грижливо го држеа нејзиниот пинкизиран Водич низ Затворската Галаксија. Што би се рекло „Дирљиво“. Оливера во даден момент, ме замоли да ја фотографирам, за некои нејзини хардкор фанови, а потоа одеднаш станав, „Сале“; ме шармира со извесни белградски сленгови од типот: „Освојио си ме“, „Ајмо, идемо или јако или ништа“. Тоа ме плени, своеволно почнав да ја запознавам со видни македонски публицисти. Еден македонски контроверзен колумнист, ко да се подуплаши и ме праша: Извини, гостинкава од Белград ли е!? Се приближувавме и таа тоа го чу, но не се навреди туку духовито одговори: „Ја, сам бре Лепа Брена“ и на тој начин прикажувајќи невидена самоиронија. Имено, исповедтта, е поделена на спортски и затворски. Спортскиот можеби е предетален и преопширен, но се чини во оспорување на угледот на авторката меѓу останатото се оспоруваат и нејзините спортски достигнувања. Факт е дека играла во најдобрите југословенски женски кошаркарски клубови, а потоа направила кариера и во Грција. Растргнатост провејува низ цела книга по разни прашања, па така и за нејзиниот однос кон Грција. Не штеди комплименти за природата и културата на живеење но нема да најдете ниту еден добар збор за грчкиот општествен систем, налик и за останатите параспур-демократии во регионов.
На места, употребува, топли, носталгични сеќавања за доцното доба на југословенската држава. Не зборува цинично за соработката меѓу народите. Негува митски елемент во тој сега веќе исчезнат свет на тие олд-скул тренери, (Ваљево, Тузла и сл.) каде отсуството на гладијарски порив, на што подоцна стана спортот во светски рамки, на тренери спотери кои само треба да создадат безлична машина, која млати стекови, склекови и тегови, и потоа дава кошеви или голови. Овде се обележан споменот за тренери кои се авторитети и надвор од спортските терени, кои имаат активна улога во градење на заедницата. Нималку неважно потсетување на спортот дека некогаш имало и благородна мисија, а не како денес да претставува предмет на груба комерцијализација, популизам, играчка за сомнителни бизнисмени. Всушност, падот за кој Оливера отворено пишува, преземајќи ја одговорноста за сопствените постапки, неглорифицирајќи го светот на криминалот, барем не на некој шмекерско-приградски начин, како што би се очекувало и како што се правеше на почетокот на милошевиќевите 90-ти години. Сепак, не може а да не се каже, дека високиот публицитет, која го доби оваа авторка, не се должи и на традиционалнатата робинхудовштина на Балканите, каде недовербата спрема вечно корумпираните власти креира бумеранг ефект, на некритичко величање на криминалците, разбојниците и ограбувачите на банки. Не знам каде ми отиде стикерчето со налепница за цени на која ѝ го напишав познатиот афоризам на Брехт: „Не е криминалец оној кој ограбува банки, туку оној кој ги основа“. Оља многу го бендиса и ме увери дека ќе го употреби. Нејзините експликации во кои во помалку во конспираси манир обвинува за разно-разни спреги на интерес, се надевам не би да им послужи на нихилистички настроени ботовои кои го одработуваат мизерното статус-кво. Еден пријател од книжевната сцена ме запраша: „Дали е ова книжевност?“ Ова е пријателе, книжевна фузија на Gaston Leroux и гангстерските филмови на Jules Dassin. Книгата „обработува“ теми како: затворски систем, можностите за рехабилитација (Чирковиќ во затворот чита и слика) нималку разубувајќи ги кошмарните состојби. Ако се чита меѓу редови овој тип на литература укажува дека дека криминалот одамна не е црно-бела слика на добри граѓани версус зли криминалци. Криминалот, не оној ситен, банален, пљачкашко-златарски, туку оној крупниот е директно диригиран и инспириран од нешто бизарно што се нарекува политички елити, и каде што „ограбувачите“ се најчесто само “епизодисти“. Обидот на некогашната кошаркарска легенда, не е само да се искупи пред граѓанството и потомството, туку да укаже и на системската корупција која доколку не престане не може да живееме во цивилизирано општество. Можеби Чирковиќ не го прави тоа со дадена политичка свест, или активистичка артикулација, но сеедно го прави. Не за џабе, ѝ се допадна налепницата со цитатот од Брехт.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Алекс Букарски
Дилемата на „Серотонин“: Љубов или антидепресиви
... нуди една стара максима како да е искована од перото на...
Повеќе
0 replies on “Оливера Ќирковиќ „Јас Пинк Пантер“: Една Брехтовска Сага”