Повторување на предлозите, на сврзниците и на кратките заменски форми

За економичноста на јазикот и повторувањето

Иако на економичноста во јазикот може да се гледа како на позитивна карактеристика со оглед на тоа што помага она што е напишано/кажано да биде позвучно и поприродно, постојат случаи кога таа не може да се толерира, особено ако станува збор за пишаната варијанта на јазикот. Во некои ситуации може да дојде до сосема погрешно разбирање на текстот, па затоа е подобро понекогаш одредени зборови, како на пример предлозите, сврзниците или кратките заменски форми, да се повторат пред или по два или повеќе зборови.

jНа пример, при набројувањата, многу често се изоставаат предлозите, особено ако станува збор за подолги реченици. Сепак, нормата на македонскиот јазик препорачува во ваквите примери секогаш да има повторување на предлогот пред секој елемент од набројувањето. Така, наместо: болести на срцето и крвните садови, подобро е да се каже: болести на срцето и на крвните садови. Кога се набројуваат повеќе од два елемента, препораките се, ако не пред секој, тогаш предлогот да се повтори барем пред првиот и пред последниот елемент. Во таа смисла, реченицата: Кинотеката на Македонија се занимава со собирање, архивирање, реставрирање и прикажување филмови треба да гласи: Кинотеката на Македонија се занимава со собирање, со архивирање, со реставрирање и со прикажување филмови, или: Кинотеката на Македонија се занимава со собирање, архивирање, реставрирање и со прикажување филмови.

Истото се случува и кај да-конструкцијата, каде што повторувањето на да пред секој глагол е неопходно. Иако можеби поприродно изгледа: треба да се работи и штеди, правилно е: треба да се работи и да се штеди. Во овој случај, освен да, се повторува и личноповратната заменска форма се.

Понекогаш е потребно, во слични ситуации, да се повторуваат и кратките заменски форми. Така, наместо: го сретнав и поздравив, треба: го сретнав и го поздравив.

Овие препораки треба да се почитуваат од причина што изоставувањето на ваквите зборови понекогаш може да збуни и да не знаеме на што точно се мисли. Како пример може да се земе реченицата: Децата беа радосни поради завршувањето на часовите и здодевните објаснувања на учителите. Доколку не се повтори предлогот на (Децата беа радосни поради завршувањето на часовите и на здодевните објаснувања на учителите), се добива впечаток дека децата се радувале на здодевните објаснувања на учителите, па во реченицата отсуствува логиката.

Ги очекуваме вашите јазични препораки на: mak.katce@gmail.com.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Измислување сказни
Човек треба да е многу внимателен кога измислува сказни. Децата ги знаат...
Повеќе
0 replies on “Повторување на предлозите, на сврзниците и на кратките заменски форми”