Согласувањето по број во македонскиот јазик

Согласувањето во македонскиот јазик се врши по род, број и лице и тоа на тој начин што се приспособуваат формите една на друга

лектура

Согласувањето (конгруенцијата) на реченичните членови во однос на категориите број, род и лице е од голема важност за правилниот јазичен израз. Минова-Ѓуркова во „Синтакса на македонскиот стандарден јазик“ вака ја дефинира конгруенцијата: „Согласувањето (конгруенцијата) може најшироко да се дефинира како приспособување на најмалку два елемента еден кон друг врз основа на некоја категорија. Согласувањето во македонскиот јазик се врши по род, број и лице и тоа на тој начин што се приспособуваат формите една на друга“.

За согласувањето во однос на категоријата број Минова-Ѓуркова објаснува: „Согласувањето по број се врши на тој начин што кога е подметот во еднина и прирокот е во еднина, а кога е подметот во множина, или пак кога имаме повеќе од една именска група и тие се во еднински форми – прирокот е во множина“.

Иако е ваквото дефинирање доволно едноставно и јасно, во практиката често се прават грешки при согласувањето по број. Во продолжение ќе ги разгледаме оние ситуации при кои најчесто се греши и кои се најспецифични кога станува збор за ваквото согласување.

 

  1. 1.    Согласување по број при обраќање од почит.

При обраќање од почит, кога личната заменка за второ лице множина се употребува како подмет, постојат две ситуации:

  • ако е прирокот глаголски, тој треба да биде во множина: Вие дојдовте; Вие сте дошле[1];
  • ако е прирокот глаголско-именски, сврзувачкиот глагол (глаголот-копула) треба да биде во множина, а именскиот дел на прирокот треба да биде во еднина: Вие сте совесен, Вие сте добар човек.

Во практиката, обично се греши при втората ситуација, кога, по аналогија со множинската форма на подметот и на глаголот-копула, и именскиот дел на прирокот се употребува во множинска форма (Вие сте совесни).

 

  1. 2.    Согласување по број кај збирномножинските форми на -је.

За ваквите примери веќе имаме споменато во едно од претходните изданија на оваа рубрика, но добро е да се потсетиме. Во суштина, во практиката често овие форми се третираат како еднински поради тоа што наставката -је се сфаќа како зборообразувачка, а не како множинска. Така, често ќе сретнеме: Жолтото класје се наведнало. Во овој пример определбата на именката класје и прирокот не треба да бидат во еднинска, туку во множинска форма, затоа што именката класје претставува форма за збирна множина од именката клас. Значи, правилно е: Жолтите класје се наведнале.

 

  1. 3.    Согласување по број кај количествените и кај колективните именки.

И овде имаме две ситуации:

  • кога имаме количествени определби претставени со именки што имаат парадигма по број, а даваат информација за количеството на единиците што се именуваат со основната именка, се препорачува согласувањето да се извршува со основната именка, односно прирокот да биде во множина: Група австралиски научници ја потврдија веста (а не: Група австралиски научници ја потврди веста);
  • кога имаме колективни именки што означуваат множество во својата основна форма и кога тие се јавуваат како подмет во реченицата, прирокот треба да биде во еднина (и покрај тоа што означува збир од повеќе единици): (Групата) „Психо“ покажа голем напредок (а не: (Групата) „Психо“ покажаа голем напредок).

Во втората ситуација, доколку сакаме да го потенцираме фактот дека станува збор за повеќе вршители на дејството, може да го решиме тоа на поинаков начин: Членовите на (групата) „Психо“ покажаа голем напредок.

 

  1. 4.    Согласување по број кај броевите.

Ситуацијата со броевите генерално е едноставна – функционираат како определби и сите освен еден се јавуваат со именки во множина. Проблем во согласувањето по број обично настанува кај броевите што завршуваат на еден (сто и еден, илјада и еден). Во ваквите случаи, именките што ги определуваат броевите треба да се употребат во еднина, но прирокот треба да биде во множина: Во книгата беа поместени сто и една приказна (а не: Во книгата беше поместена сто и една приказна).

 

  1. 5.    Согласување по број кога е една именка употребена со две или со повеќе определби.

Повторно имаме две ситуации:

  • ако е членувана само првата определба, прирокот треба да биде во еднина: Нашата и ваша екипа постигна успех (затоа што се работи за истата екипа);
  • ако се членувани и двете (или сите) определби, прирокот треба да биде во множина: Нашата и вашата екипа се пласираа во финалето (затоа што се работи за различни екипи).

 

  1. 6.    Согласување по број кога две или повеќе именки се јавуваат како подмет.

 

Во ваквите случаи, ако со именките се јавува определба, тогаш таа е во еднина, но прирокот задолжително е во множина: Нашиот хор и оркестар ги освоија првите места (а не: Нашиот хор и оркестар го освоија првото место).

 

  1. 7.    Согласување по број кога е подметот претставен со повеќе именски групи.

Ако е подметот претставен со повеќе именски групи, секоја од нив во еднинска форма, бројот на прирокот ќе зависи од врската што е воспоставена меѓу именските групи, односно од сврзниците што ги поврзуваат. Така, може да зборуваме за неколку различни ситуации:

  • ако се именските групи поврзани со сврзникот и, тогаш е јасно – прирокот треба да биде во множина: Мажот и жената разговараа долго;
  • ако станува збор за разделна врска со и-и, со оглед на тоа што дејството важи за секој вршител одделно, прирокот треба да биде во множина: И едната и другата страна беа силно противставени во судирот (а не: И едната и другата страна беше силно противставена во судирот);
  • ако станува збор за разделна врска со ни-ни, и покрај тоа што се работи за негирана варијанта на и-и, прирокот почесто е во еднина: Не знаеше ни тој ни таа (но може и: Не знаеја ни тој ни таа), освен во случаите кога е еден од вршителите на дејството првото или второто лице: Ни јас ни тој не доаѓаме (а не: Ни јас ни тој не доаѓа);
  • ако се именските групи поврзани со или и притоа претставуваат различни имиња на еден ист предмет, прирокот се јавува во еднина: Шефот или раководителот треба да преземе мерки; но кога со или се воведува друг (алтернативен) вршител на дејството, прирокот може да се јави и во еднинска и во множинска форма (во множинска форма почесто ако е еден од вршителите првото или второто лице): Во капиновите грмушки шушкаше еребица или еж; Јас или тој ќе дојдеме;
  • за примерите во кои се именските групи поврзани со сврзникот со исто така имаме пишувано, а сега само накратко ќе повториме дека прирокот во ваквите случаи секогаш се јавува во множина, иако станува збор за повеќе вршители на дејството: Мира дојде со децата (а не: Мира со децата дојдоа).

 

 

Литература:

Минова-Ѓуркова Л. 2000: Синтакса на македонскиот стандарден јазик. Скопје: „Магор“.



[1] Освен ако не е поинаку наведено, споменатите примери се цитирани според „Синтакса на македонскиот стандарден јазик“ од Лилјана Минова-Ѓуркова.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
И мене ме фати шопинг-треска. Два леба зедов место еден.
Избор од Фејсбук статусите на легендарниот Мр Моџо Килингтон.
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *