Молк стар десет години

Добар поет/ е оној/ кому не му паѓа на памет/ да укажува/ на проблемите на општеството.

од магнолија

Во градот, глави набиени
на колци,
живи одрани,
никна
стебло од магнолија.
Велат: набери си омраза.
Бидејќи така
од ден на ден
стеблото станува
сѐ поздраво.

Молк стар десет години

Луѓето со метастазиран
рак на панкреас
постојано повраќаат насекаде.

Така и тогаш,
на мојот десетти роденден,
татко ми
ноќта пред да умре,
пред полна куќа луѓе дојдени
да го посетат
ја изблу сета своја утроба.

Ракот беше побрз.
Не се снајдовме.

Или

Го држев за рака
како и тој мене
на првиот школски
ден.

Мртовец што го уништува мигот

Со мајка ми и брат ми
се возевме
во првиот автомобил што воопшто сме го купиле.

Совршеноста на мигот
ја смалува
неприсуството на мојот мртов татко.

Тишината и
нашите погледи
втренчени кон празното место
го потврдуваат заклучокот.

Уметничко дело

Каменорезецот зад куќа
му го прави на каменот
истото што
и ракот на душата на мојот татко.

Најголемите чекори

На дождлив ден
се обидувам да правам големи
чекори
за да ја стасам ѕуницата.
Во прегратката на татко ми
тоа секогаш
ми успеваше,
тој ги правеше најголемите чекори
на светот.
Можеби
затоа замина
така брзо?

Немир

Во
руската
бајка
небото
ѝ беше
огледало
на
земјата.

Способност

Открив која е мојата најголема
љубовна способност,
техниката во која сум совршена:
со едно кликање на копчето DELETE
ја бришам твојата грубост
себичност
старост, не секоја брчка, но
секоја твоја маана
и те создавам совршен за пред светот.

Општествен закон

Секое муслиманско семејство
има своја
црна овца,
која го живее поимот
за слобода.

Опстојност

Добар поет
е оној
кому не му паѓа на памет
да укажува
на проблемите на општеството
коишто општеството не може да ги поправи.

Препев од босански – Јулијана Величковска.

Емина Селимовиќ е родена во Зеница, 1991г. Завршила Филозофски факултет во Зеница на отсекот за босански/хрватски/српски јазик и книжевост.
Добитничка е на втората награда „Мак Диздар“ за необјавена збирка поезија на манифестацијата „Слово Горчина“ во 2014 година. Свои текстови објавува во списанието „Lingavazin“. Учествувала на научниот собир „Последната босанска зима“ за хрватската писателка Јозефина Даутбеговиќ. Живее и твори во Зеница. „Геноцид во Crazy Horse“ е нејзина прва стихозбирка, која наскоро ќе излезе од печат во Босна и Херцеговина.

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Деноноќија
Кон изложбата на Адријана Ананиева
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *