Препев на песни од Хуан Арабија

И иако се далеку од трамбулините / со свила на Парижанките со долги нозе / кружат околу Сена уште од Сан Дени / се собираат бројни кај метро станиците.

Стари крвави шуми

 

Старите шуми од крв

подмладени повторно од сонцето,

и сето зеленило и неговата смола,

и чиниите заслепени во најдлабокото.

Сите тие, сега будни, го гонат фосилот.

Го имитираат канаринецот од Cwmdonkin Drive,

за да створат од воздухот нешто бело и чисто

како трагите на зајакот.

 

Првото едро зграпчено за јарболот

што студот го искапел со мраз и сол,

и пристаништата и нивните синџири,

и целиот екипаж од темниот брод.

Сите тие, сега весели, скокаат во празнината.

Сеќавајќи се на Албатрос, точната балада.

 

Првата вреќа со јаболка

зафрлена во длабоката јама на староста.

И сиот нектар и нејзината крв,

и шумските пожари.

Старите шуми на крвта

сега се будни, ошумоглавени,

како гавран прогонет од своето студено гнездо

во длабоката опчинета ноќ.

 

 

Северен Париз

 

Во северен Париз надојдоа црнците.

Си имаат тие своја месечина, свои овци, камења.

И иако се далеку од трамбулините

со свила на Парижанките со долги нозе,

кружат околу Сена уште од Сан Дени,

се собираат бројни кај метро станиците.

Црни се, цигани се без птици.

Ја загубиле својата слобода,

од неа направиле сламени шешири

за белите кралици што го забрануваат сонцето.

Зелен бран е тоа, во далечина

прекинат со обичаите за цени и волна.

 

Монархијата е поисплатлива како спектакл.

 

Но Црнците надоаѓаат, и покрај сѐ.

Надоаѓаат зашто демократијата е посилна.

Надоаѓаат зашто немаат птици.

И надоаѓаат зашто и немаат друго…

 

 

Грабежливиот океан

 

И оној што останува во љубовта останува во Господ, или без него.

Не постои ниту едно живо суштество што не било ни добро ни лошо.

Бранител на вистината, Рембо го сплел на небото својот престој.

Додека спиев: жарот на она што го јадевме вчера.

Ќе одам во Шарлвил со пари позајмени од небото.

 

Да се убие поединецот, искуството… Да се пушти солза. Да се сокрие.

Да се живее во братство со тишината… Постојано.

Сакам да пишувам со срцето и да го заборавам она што го правам.

Сакам да пишувам како што постои воздухот во светот.

Океанот е стрвен, рече оној што ја размножи науката

и ја опколи со прозорец осветлен од сонцето:

распрснувајќи ги каналите што го поврзуваат китот со небото.

Потоа круната не стигна до планината:

му намигнаа со соучесништво на татко.

Не го предадоа пријателите

–една или неколку будни идеи – првото утро.

 

Секогаш постои метафора што повеќе личи на земјопоседникот:

да се затвори животното, да се остави да јаде и да пие;

не само за да ја создава пак и пак својата кожа:

полето е зелено, вели, но со каква боја е зеленото.

 

Будејќи ги соништата како нешто веќе проживеано.

Јадејќи со затворени врати уште пред да се научи на лов.

Секој врв сокрива дел од засолништето,

од небото, од полето, од градот.

Тулата се раѓа од јагленот, помешана со огнот.

Златото е изум на малкумина.

 

 

Препев од кастилјански: Наташа Сарџоска

Тагови од објавата
Напишано од
0 replies on “Препев на песни од Хуан Арабија”