Уште три примери на чести јазични грешки

Во овој број ви претставуваме уште три чести јазични грешки.

ЗОШТО – ЗАШТО

Неправилно: Ти се јавив зошто сакав да те прашам нешто.
Неправилната употреба на зошто наместо зашто не ја среќаваме само во разговорниот јазик, туку честопати и во јазикот на медиумите.
Во македонскиот јазик, зошто е прашален заменски збор, а не сврзник, па затоа може да се употребува само во прашања (Зошто си ме барал вчера?) или при индиректно пренесување прашање (Ти се јавив за да те прашам зошто си ме барал вчера).
Сврзникот зашто, пак, е скратена форма од затоа што, па, врз основа на тоа, во горенаведената реченица треба да се употреби тој: Ти се јавив зашто сакав да те прашам нешто.
Секако, често се греши и во обратна насока, па сврзникот зашто се користи како прашален збор, особено во разговорниот јазик.

ПОМАЛКУ – ПО МАЛКУ

Неправилно: Малку помалку, се приближуваше до врвот.
Уште еден пример на честа грешка при пишувањето.
Помалку е компаративна форма на прилогот малку и може да се употребува единствено во тој контекст, во примери како следниот: Зошто децата читаат сè помалку?
Меѓутоа, кога стојат еден до друг, предлогот по и прилогот малку се пишуваат разделено. Значи, наведениот пример правилно гласи: Малку по малку, се приближуваше до врвот.

НЕДОСТАТОК – НЕДОСТИГ

Неправилно: Судењето е одложено поради недостаток на докази.
За разликата во значењето на зборовите недостаток и недостиг веќе имаме пишувано, но добро е тие да се споменат уште еднаш.
Според Толковниот речник на македонскиот јазик, зборот недостаток има значење на мана или грешка, на пример: Новиот модел на тој автомобил има повеќе недостатоци.
Од друга страна, пак, под недостиг се подразбира ’немање нешто во доволна мера, во доволно количество, колку што е потребно‘. Оттука, недостиг е зборот што треба да стои на местото на недостаток во примерот од погоре: Судењето е одложено поради недостиг на докази.

tajmsГи очекуваме вашите мислења и препораки на mak.katce@gmail.com.

Тагови од објавата
,
Напишано од
More from РЕПЕР
„Писмата до еден германски пријател“
Секој читател што ќе ги чита „Писмата до еден германски пријател“, од...
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *