ЛЕОНАРДОВАТА ЗЕМЈА – се наоѓа во Патагонија, во Јужна Америка. Нејзиниот управен систем го воспоставил францускиот филозоф Леонард, потпирајќи се на начелото на еднаквост и на временските услови. Леонард бил уверен дека сè е одредено од временските услови, и затоа поставил десетина ветрокази за да им помогне на законодавците во нивните размислувања.
Како што ни раскажува историјата, Леонард бил избран за крал, но подоцна паднал во немилост, токму поради својата климатска теорија: еден судир со соседното племе е изгубен затоа што тој инсистирал војската на неговата земја да не се бори сè додека ветрот не почне да дува во погрешен правец. Тоа довело до негово каменување од страна на народот, а потоа и до негово прогонување.
[Жан Гаспар Дибоа Фонтанел, Aventures Philosophiques, Париз, 1766]
ЛЕУКЕ – остров во Црното Море, наспроти устието на реката Дњепар во поранешен СССР. Неговата престолнина Псевдополис е уништена кога Филистинците го освоиле овој остров. Легендата вели дека Посејдон го натерал Леуке да се крене од морето за Тетис да би можела да го погребе телото на својот син Ахил, во чија чест тука е подигнат еден храм. За храмот на овој полубог не се грижат ни свештениците ни робовите, туку, наместо нив, големи бели птици долетуваат да го оплакуваат на неговиот гроб. Посетителите можат секојдневно да ги видат како летаат во правец на морето каде што ги брцнуваат своите големи крилја во водата, а потоа се вртат назад, за со нив да ги попрскаат ѕидовите на овој храм. Овде Ахил се оженил со Елена, а Посејдон, Амфритита, Тетис и сите Нереиди им биле кумови.
Аџиите кои му се поколнуваат на Ахил доаѓаат на Леука, како и морнарите кои сакаат да му принесат жртва пред да тргнат на некое опасно патување.
[Арктин од Милет, Aethopis (?); Страбо, Географија, I век п.н.е.; Џемс Бренч Кебел, Земски ликови. Комедија на привидот, Њујорк, 1921; Џемс Бренч Кебел, Јирген. Комедија на правдата, Њујорк, 1919]
ЛИКСУС – остров покрај северозападниот брег на Африка, опкружен со теснец кој се протега во внатрешноста на копното. Во древните времиња Ликсус бил место на кое се наоѓал познатиот овоштарник во кој растело златно овошје. Од овој овоштарник денес преостанало само едно дрво. Неговите цветови имаат ливчиња слични на златни фолии, а овошјето на него личи на тешки златни кугли чијашто внатрешна градба потсетува на кристалите руда на некој метал.
Инсекти што личат на стршени со метални тела и златни крила собираат сокови од ова овошје. Во своите гнезда тие имаат ќелии како оние во пчеларските кошници, и произведуваат мед со кој ги хранат своите потомци. Оваа супстанција е толку врела што не може да се допре, и најверојатно станува збор за стопено злато. Доколку некој сака да ги испита овие кошници, потребно е да почека до зајдисонце, кога споменатите инсекти стануваат поспани и дозволуваат човек да ги погледне одблизу.
[Плиниј Постариот, Inventorum Natura, I век од н.е.]
ЛИНИСКА ЗЕМЈА – земја со која владее еден живнат и добронамерен монах. Линиската земја е, всушност, само една права линија.
Поданиците на Линиската земја се мали линии (мажи) и точки (жени) чиишто движења и видокруг се ограничени на една единствена права линија кој го претставува нивниот свет. Граѓаните на Линиската земја не можат да застранат од своите тесни патеки и нема да им го отстапат патот на посетителите, а не можат ни да се претекнат еден со друг. Целиот нивен хоризонт е ограничен на една точка, и никој не може да види ништо друго освен таа точка. Поради оваа причина, полот и возраста на жителите на Линиската земја можат да се утврдат само врз основа на нивниот глас.
Бидејќи сè што се гледа е ограничено на оваа единствена точка, а целокупното движење е ограничено на една права линија, посетителите ќе најдат малку интересни нешта во Линиската земја.
[Едвин А. Ебот, Рамна земја, Њујорк, 1952]
ЛОНЖУМЕ – град во Франција од кој никој не може да си замине. Често неговите жители прават планови да отидат на Борнео, на Нов Зеланд, на Огнената земја или на Гренланд, но секогаш се случува нешто што ги спречува во тоа. Еден ги заборава своите клучеви, друг се успива и го пропушта возот, трет си го превиткува зглобот или, да речеме, го заборава својот паричник. Жителите на Лонжуме никогаш не присуствувале на ниеден погреб, венчање или свадба надвор од својот град. Еднаш еден пар мислел дека успеал да се извлече: влегле во вагон од првата класа во возот кој требал да ги одведе до Версај. Меѓутоа, возот заминал, а нивниот вагон, откачен, останал на станицата.
[Леон Блој, “Les captives de Longjumeau”, во L’Oevre Complete, Париз, 1947]
МАКАРИЈА – кралство за кое не се знае каде се наоѓа; можеби во северна Африка. Макарија е густо населено и богато кралство кое патниците го споредувале со „плодна градина“. Вредни за споменување се неговите автопати – уште од средината на седумнаесеттиот век – исто како и улиците на главниот град. Иако обично живее во мир со своите соседи, Макарија има закон според кој секоја нација која ќе се обиде да изврши инвазија на него претставува законски плен, така што неколку кралства се веќе уништени од страна на силите на макаријанската армија во знак на опомена.
[Семјуел Хартлиб, Oпис на познатото кралство Макарија, Лондон, 1641]
МЕЧКИН ОСТРОВ – се наоѓа покрај брегот на САД, во близина на Островот на среќата, изложен на урагани и поплави. Како што името на овој остров јасно укажува, мечките на него станале доминантен вид. Тие чекорат исправено, ја обработуваат земјата и собираат летнина. Од друга страна, пак, луѓето се движат четириножечки, живеат како дивеч и им се робови на мечките или се нивна работна сила.
Кога мечките почнале да се движат на задните нозе, тие почнале да страдаат од мечкитис – нестрпливост, желба за непрестајни новитети и несовладлив интерес за модата. Женките веќе не се задоволуваат да носат само крзно, ами бараат и богати фустани и нападен накит.
Посетителите треба да се обидат да појдат на Мечкиниот остров за време на жетвата, кога се одржуваат селските прослави. Тогаш мечките играат и пеат, бираат кралица на прославата и ја крунисуваат со миризливи рози.
[Абе Балтазар, L’Isle Des Philosophes Et Plusieurs Autres, Nouvellement découvertes & remarqubles par leur rapports avec la France actuelle, Шартрез, 1790]
МЕРМЕРНИ КАРПИ – планински венец кој ја одвојува Големата Марина од КАМПАЊА. Неговото име значи „Мермени карпи“. Едни скалила водат до неговиот врв од кој може да се види целата околина. Утки и соколи се гнездат во карпите, заедно со гуштери и змии со копјести глави.
[Ернст Јингер, Auf den Marmorklippen, Франкфурт, 1939]
МИКРОМОНА – земја за која не се знае каде точно се наоѓа, во која жените се привилегирани граѓани, а мажите се робови. Со неа владее една кралица која е заповедник на моќна армија чиишто нови победи секојдневно ги прошируваат границите на Микромона. Со оглед дека жените веруваат оти се ангели ан земјата, се раскажува дека одбиваат да ги загадува другиот пол. За да се размножуваат, тие само ги протресуваат гранките на едно дрво за кое велат дека стои ан работ на Рајот. Ова обезбедува здрава и постојана принова од девојчиња во кралството. Машките посетители не се добредојдени.
[Карл Имерман, Tulifäntchen, Ein Heldengedicht in drei Gesängen, Хамбург, 1830]
МИРИЗЛИВИОТ ОСТРОВ – остров на кој сè што постои е чувствително. Островот е утврден со корали кои се повлекуваат во своите корални засолништа кога некој ќе му се доближи на ова парче земја.
Миризливиот остров е монархија, а главната улога на кралот е да ги штити островските богови. Едно од божествата со три клинци е прицврстено на катарката од кралевиот брод, а потсетува на триаголно едро или на исушена риба, донесена од север. Еден друг бог е поставен над куќата која ја користат кралевите жени. Меѓу споените задници и младите гради на две пророчици, овој бог ја изговорува познатата двојна формула за среќа: „Биди заљубен“ и „Биди таинствен“.
Кога кралот шета вдолж брегот и пее или ги потсекува гранките што ги засолнуваат облиците на боговите што се наредени таму, неговите жени се стутулуваат во своите кревети, плашејќи се од Духот на мртвите и од отсјајот на големата порцеланска ламба која непрестајно гори во нивната соба. Кога не шета, кралот обично може да се најде на својот брод – сосем гол, со исклучок на шарената дијадема која ја носи околу бедрата.
[Алфред Жари, Gestes et Opinions du Docteur Faustroll, Pataphysicien. Roman Néo-Scientifique, Париз, 1911]
МОРЕ НА ЗАМРЗНАТИТЕ ЗБОРОВИ – се наоѓа на работ од замрзнатото море на север. Зиме, сите зборови и звуци во оваа област се замрзнати. Кога напролет ќе дојде потопло време, тие зборови и звуци почнуваат да се топат и можат јасно да се слушнат. Патниците од таа вода можат да ги подигнат замрзнатите зборови кои личат на кристализирани слатки со различни бои.
Преминувајќи го ова море лете, извесен Пантагруел слушал звуци од битката меѓу Аримаспијанците и Јавачите на Облаци – битка која се одиграла на почетокот од претходната зима.
[Франсоа Рабле, Le quart livre des faicts et dicts du bon Pantagruel, Париз, 1552]
МОЛК – област во Либија, покрај реката Заир, чијашто вода има шафраново-болникава боја, и не тече кон морето, туку во бескрајот потреперува под сонцето, движејќи се диво и грчовито. Со илјадници милји вдолж обете страни на тињестото корито на оваа река се протега матна пустош од џиновски водени кринови. Оваа област се граничи со една мрачна и застрашувачки просторна шума со необично отровно цвеќе, и иако тука не дува никаков ветер, ниското зеленило непрестајно се ниша. На брегот од оваа река стои една висока, сива крпа на која се врежани неколку знакови чиешто значење е „пустош“. Над целата оваа област лежи проклетството на молкот: месечината не се спушта, молњите не блеснуваат, облаците висат неподвижно, водата никогаш не го менува својот водостој, дрвјата не шумат во застоениот воздух. Посетителите ќе откријат дека овде не се во состојба да изговорат ниеден збор, и ќе поверуваат дека заболеле од чудна глувотија.
[Едгар Алан По, „Молк: басна“, во: Раскази, Њујорк, 1845]
МУМЕЛЗЕ – село во подножјето на една од највисоките планини во областа Шпесарт, во Германија. Според приказните на месното население, Мумелзе е езеро без дно, населено со водени духови. Оттаму доаѓа и неговото име кое значи „Езеро на духови“ или „Езеро на демони“.
Посетителите се предупредуваат дека сето она што ќе се соочи со ова езеро ќе биде уништено, а секој предмет фрлен во неговата вода бидува преобразен од непознати сили. На езеро настануваат жестоки невремиња и тогаш тоа е загадено во секој поглед. Не постојат патиштат што водат до Мумелзе, и до него може да стигне само пеш. Мумелзе е едно од познатите места за влез во CENTRUM TERRAE.
[Јохан Ханс Јакоб Кристофел фон Гримелхаузен, Der abenteurlichen Simplicissimus Teutsch, Нирнберг, 1668; Јохан Ханс Јакоб Кристофел фон Гримелхаузен, Continuatio des abenteurlichen Simplicissimi oder Schluss desselben, Нирнберг, 1669]
НИКОГАШНЕМАДАДОЈДЕШОВДЕЗЕМЈА – мала земја за која не се знае точно каде се наоѓа, опколена со огромна шума. Една чудна ливада се шири во чистина со неколку дабови дрвја, костени и палми. Зад неа лежи сино море, а овоштарник со јаболкници расте на парче црна земја. Една мала рекичка тече низ оваа земја и се влева во тоа море зад хоризонтот. Еден мал залив на север лежи прошарен со водени лијани и лотоси, опколен со кокосови и портокалови дрвца над кои се издигнува огромен замок. На другата страна од споменатата шума има мало селце од кое може да се види Никогашнемададојдешовдеземја. Иако оваа земја, всушност, не може да се посети, таа понекогаш може да се види низ сеќавањето на нешто драго – книга од детството, исушеното цвеќе во дневникот, гранчето од јаболкница видено низ завесата на нечија туѓа соба.
[Андре Дотел, Les Pays ou l’on n’arrive jamais, Париз, 1955]
НУТОПИЈА – држава без земја, без граници, без пасош – само со народ. Нутопија нема никакви други закони освен космичките закони, а сите жители на Нутопија се амбасадори на својата држава. Меѓународната химна на Нутопија се вика „Доведете ја Луси“. Дополнителни информации можат да се добијат од Нутописката амбасада, 1 White Street, New York, New York 10013, USA.
[Џон Ленон, Игри на свеста, Лондон, 1973]
ОГИГИЈА – остров во западниот Медитеран. Во една пештера опкружена со прекрасна шума од брези, тополи и миризливи чемпреси, живее нимфата која се вика Калипсо. Над отворената челуст на оваа пештера расте раскошна винова лоза со гроздови зрело грозје. Четири потоци со бистра вода течат во тој правец, еден покрај друг, извивајќи се на почвата. Зад нив има меки ливади преполни со љубичици и див целер. Животинскиот свет главно се состои од птици: утки, соколи и морски гаврани. Огигија ја посетила најмалку една кралска личност.
[Хомер, Одисеја, IX век (?) п.н.е.]
ОСТРОВОТ БУЕН – во северен Атлантик. Посетителите непријатно ќе се изненадат од временските прилики на Буен: откако ќе го обиколат светот, бурите, ветровите и силните дождови се собираат овде и го искажуваат својот бес на Буен. Животинскиот свет на овој остров е сосем во склад со ваквата клима: многубројни змии, меѓу кои посетителите можат да ја пронајдат – за што се надеваме дека нема да се случи – најстарата змија на светот; гаврани со пророчки визии кои понекогаш ги изговоруваат наглас; еден крајно необичен вид птици со железни клунови и бакарни крилја; змии-молњи; птици-бури; пчели-громови, чијшто мед – голем буенски специјалитет – има вкус на дожд.
Познатиот камен Алатуир, кој во суровите времиња се користел како жртвен олтар, веќе не може да се види на Буен. Тој е пренесен на брегот од реката Јордан, каде што покрај него е подигната мала златна црква. Велат дека тој сега служи како стол за уморните богови кои се поминување.
[Карл Растон, „Буенка“, во: Песни на рускиот народ, Единбург, 1932]
ОСТРОВОТ НА ВРЕДНИТЕ ПЧЕЛИ – во Тиренско море, и така се нарекува затоа што улиците на неговиот главен град зујат од многуте луѓе кои се движат на сите страни, вршејќи си ја својата работа. Таму сите работат, никој нема слободно време. На островот не можат да се најдат ниту еден безделник или скитник. Питачите се одвраќаат од питачење така што им се нуди работа, а инаку е мошне тешко да се дојде до бесплатен оброк. Меѓутоа, рибите во морето околу овој остров се крајно љубезни и на посетителите ќе им ги дадат сите потребни информации.
[Карло Колоди, Le avventure di Pinocchio, Фиренца, 1883]
ОСТРОВОТ ЗЕЛЕН ПЕСОК – еден од групата од три острови северозападно од Хаваите, на географска широчина на Сан Франциско и Јокохама, кој во 1841 година го истражил младиот француско-дански научник Леонард Анри. Анри го застапувал мислењето дека островите Зелен Песок, Црн Песок и Црвен Песок се поврзани со подземни тунели на згаснат вулкан, споени со бездна во планините на Тибет, на спротивната страна од планетата. На островот Зелен Песок Анри открил коњ и еден вид мршојадци кои ги има само на Тибет, и отишол таму да го најде местото на кое се наоѓа таа бездна. Го нашол во планините Куен-Лун во Тибет, каде еден вулкан вовлекува во себе сè што ќе се најде во негов досег.
Патниците кои сакаат да продолжат од Тибет за Пацификот низ овој тунел се предупредуваат на една група монаси кои се чувари на бездната и веруваат дека таа претставува врата кон пеколот. Островите Црн Песок и Црвен Песок ги уништила една вулканска ерупција до која дошло кога разбеснети морнари фрлиле одредена количина експлозиви во споменатата бездна.
[Танкред Валре, L’lle au sable vert, Париз, 1930]
ОСТРОВОТ НА КРАСТАВИЦИТЕ – се наоѓа покрај јужниот брег на Африка, а така е наречен зашто таму краставиците растат на дрвја. Бурите во оваа област се мошне силни и обично ги корнат дрвјата од корен и ги креваат во воздух. Меѓутоа, овие дрвја имаат чудна навика да паднат назад на своето место кога бурата ќе заврши, и тогаш сè си се враќа во нормала. Само еднаш едно огромно дрво не падна на своето место, туку се урна на кралот, окончувајќи ја со тоа неговата тиранија која долги години претставуваше вистинска напаст за овој остров.
[Рудолф Ерих Распе, Приказната на баронот Минхаузен за неговите чудесни патувања и походи во Русија, која со скромност им е посветена и им е наменета на селските џентлмени, Кембриџ, Лондон и Оксфорд, 1785]
ОСТРОВОТ МОНГАЦА – се наоѓа на седум дена пат од Неподвижниот Остров. Единствената информација за островот Монгаца потекнува од хроника од петнаесеттиот век, и е безначајна. Се знае дека тој е добро заштитен со камени утврдувања, од кои најголем дел се извишуваат вдолж брегот на Зовриеното Езеро кое, и покрај своето име, колку што се знае, не располага со некои спектакуларни особини.
Островот Монгаца е дом и на џинот Фамонгомадан, чиешто име предизвикува ужас во срцата на сите оние што знаат за него. Покрај многуте други свои непријатни навики, Фамонгомадан убива млади девојки во чест на еден идол што стои покрај Зовриеното Езеро.
[Анонимен автор, Amadis de Gaula, Сарагоса, 1508]
ОСТРОВОТ НА ОНИЕ КОИ ЈАДАТ ЛОТОС – се наоѓа меѓу високите бранови на Медитеранот. На неговите брегови од жолт песок дува ветре чијшто звук потсетува на воздишки од некој уморен сонувач, а секој ден личи на вечно попладне.
Овој остров е населен со домородци кои се хранат со пупки од лотос и така забораваат на земските грижи. Поради љубезност тие му ги нудат овие пупки на секој посетител кој ќе седне на нивната маса. Доколку невнимателниот посетител го проба лотосот, ќе му исчезне секоја желба да се врати во татковината, и тој ќе успее да замине само ако го принудат на тоа. А ако се реши да остане на трпезата на оние кои јадат лотос, ќе открие како брегот се оддалечува, како гласовите на неговите домаќини стануваат тивки, како да доаѓаат од под земја, и иако е буден, тој ќе западне во сон. За нештата да бидат уште почудни, тој ќе слушне звуци на некоја непозната музика и нема да знае дека тоа се одеци на неговото сопствено срце кои му одѕвонуваат во ушите.
[Хомер, Одисеја, IX век(?) п.н.е.; Лорд Алфред Тенисон, „Оние кои јадат лотос“, во: Песни, Лондон, 1833]
Продолжува…