Од другата страна на христијанството

Никој не може да им служи на двајца господари: или едниот ќе го сака, а другиот ќе го мрази или пак едниот ќе го почитува, а другиот ќе го презира. Не можете да им служите и на Бога и на Мамон.

krist-mort-intro

The world is full of magic things, patiently waiting for our senses to grow sharper.

–       William Butler Yeats

Да не практикуваме ни повторувања од типот: „Господе, ти се молам, Господе, послушај нè, Господе…“ Ќе бидеме на работ на прекршување на една од Божјите заповеди: „Не го изговарај напразно името на Господ, твојот Бог“ (Излез 20:7). Тоа не значи дека не треба повеќекратно да се молиме за исти работи. Но, не треба да се повторуваме во една иста молитва, особено не како правило.

–       Иван Грозданов, Молитвите чуда прават

 

Постои област на т.н. езотерично/мистично/алтернативно христијанство што, на пример, ја истражува Ани Бесант (претставничка на теозофијата) во нејзината книга Езотерично христијанство, област што се граничи со истражувањата на магионичарите/окултисти и на алхемичарите и што може да направи промена во свеста, ако може да се направи разлика помеѓу тоа да се биде свесен и многу свесен. Вилијам Батлер Јејтс, ирски поет и писател и една од најистакнатите фигури на литературата на 20 век, убаво забележува, во расказот Rosa alchemica, дека целта и идејата на алхемичарите не е само тоа што е општопознато за нив, создавање на злато од други метали (преку пат на експеримент), туку нешто многу поголемо и посуштествено, пред сè, преобразба на уморното срце во неуморен дух. Rosa alchemica и Per amica silentia lunae се раскази на Јејтс што говорат за неговите лични езотерични искуства, додека во неговите дела The Celtic twilight, The secret rose и Stories of Red Hanrahan се говори за надреалното, што потекнува од ирската фолклорна традиција. Други автори чии дела допираат до езотеричното христијанство или воопшто, езотеричниот начин на размислување, се Свети Августин, ранохристијански теолог и философ, чии дела влијаат врз развојот на западното христијанство и западната философија и Св. Григориј Палама, теолог на исихазмот, монах од планината Атос во Грција и претставник на православната мистика.

Алхемичарските искуства на Јејтс се однесуваат на визии што му се јавуваат на поетот-алхемичар или се во врска со огромни, непознати битија што пролетуваат низ умот на поетот… „Ако им давате облик на злите сили, продолжуваше книгата, направете ги грди, направете ги со усни што се пренагласени од жед за живот или со тела што се нескладни од товарот на животот; но, божествените сили би се појавувале само во убави форми кои, всушност, би биле само форми што треперејќи се извлекуваат од постоењето, превртувајќи се во безвременска екстаза и лебдејќи со полузатворени очи во соновна тишина. Бестелесните души што се сместени во овие форми се тоа што луѓето го нарекуваат расположенија; и тие ги прават сите големи промени во светот; бидејќи, како што магионичарот или уметникот може да ги повика кога и да посака, така и тие, од умовите на магионичарот и уметникот или, ако се демони, од умовите на лудакот или бесрамникот, можат да ја повикаат која и да било форма што сакаат и преку неговиот глас и преку неговите постапки, да се излеат во светот“. Во врска со тие огромни, непознати битија што поминуваат низ умот, може да се случи кармички да биде запишано, во одреден момент, некој да предизвика магичен ефект (на пример, со употреба на македонскиот јазик) и на тој начин да ги доживее последиците од искуството со магија.

Македонскиот јазик е магичен јазик, во буквална смисла, односно, во смисла дека може да се предизвика магичен ефект со употреба на фрази, потоа изрази и(ли) реченици од македонскиот јазик. Може да се каже дека чувството на задоволство доаѓа од функцијата на енергетските центри/чакри во телото и може да се рефлектира, на пример, во чакрата што се наоѓа во пределот на гркланот (и е одговорна за говорот) или во т.н. круна-чакра, што се наоѓа кај темето на главата. Чувството на задоволство произлегува од, и е непосредно поврзано и зависно, од употребата на јазикот, што како форма на молитва без зборови може да биде чувство што пулсира и се наоѓа како вибрација, во нашите тела. Магичната употреба на македонскиот јазик може да ја сфатиме како начин на употреба на јазикот поради канализирање на среќа или отворање на полињата на среќата (бела магија), наспроти обратното, кога преку употребата на јазикот (со посебна интонација/боја на гласот и редослед на зборови) може да се прекине и блокира врската на човекот со божественото или со Универзумот, што како микрокосмос е пресликан во човекот, што може да го означиме како црна магија (или ако оваа поделба на магијата на бела и црна изгледа премногу банално, може првата ситуација, канализирањето на среќата, да ја наречеме благослов/благодет/благосостојба, а другата состојба, блокирањето на врската со божественото и со Универзумот, да го идентификуваме како проклетство или клетва).

Многу луѓе доаѓаат до или ја откриваат магичната употреба на јазикот (македонски) спонтано и интуитивно, без да истражуваат воопшто ништо од полето на окултизмот… Ако се осврнеме на познатата изјава, впрочем изрека, на Алистер Краули: Every man and every woman is a star (astral matter) и ако се фокусираме на тоа дека ние, како луѓе, освен физичкото тело имаме и астрално тело, може да се каже дека така и на таков начин се преплетуваат неколкуте платоа на реалноста… Малку ја познавам Библијата, но општо позната е фразата: Не го споменувај залудно името божјо! Па, не го споменувајте… Играјте си со јазикот, во комуникацијата со луѓе, така ќе ја остварите вашата врска со божественото… За некого, најголемото задоволство од пишувањето или читањето на еден текст може да биде во музиката што ја создаваат зборовите, што се надевам дека доаѓа до израз и во овој текст.

 

Тагови од објавата
Напишано од
More from РЕПЕР
Искреностa пред сè
Интервју со Ивица Димитријевиќ, актер и музичар
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *