Даросана во поезијата

(За „Со ветрот под рака“ од Д.А. Лори)

Со поезијата на Лори првпат се сретнав, очи во очи, кога Лори ме покани да читаме заедно во „103-ка“ во „Песни, приказни и сон“ на Тома Димовски. Голем дел од песните што се објавени во „Со ветрот под рака“ ги читавме во таа ноќ на препознавање.
Тешко ми оди пишувањето на текстов, веќе два дена се инаетиме, а ја одбирам оваа книга затоа што сакам да пишувам за неа. Сакам да пишувам за оваа книга поради тоа што сѐ поретко се пронаоѓам во световите на луѓето со кои ја делам стварноста, а светот на Лори ме допира и на многу места прави пресеци со мојот. Ѝ ги разбирам соништата, сочувствувам со нејзината тага, ме допира нејзината болка, ѝ ја сакам едноставноста со која го пренесува внатрешниот свет надвор, ѝ го сакам одбирот на зборовите, се пронаоѓам во нејзината опседнатост со времето, со минливоста, со распаѓањето на телото, близок ми е нејзиниот однос кон смртта и начинот на кој ја доживува љубовта. Така што, ова не е никаква критика (похвала) на „Со ветрот под рака“, туку една куса исповед на пријател што ја прочитал книгата.
Сакам да пишувам за оваа книга поради тоа што, необременета од претенциозноста на поетесата да остави впечаток, низ поезијата на Лори се гледа како низ чист прозорец. Сакам да пишувам особено поради старечката мудрост со која ги опишува секојдневните настани во кои ќе се препознаат многумина. Поради луцидноста и духовитоста, и поради храброста да се соочи со вистината што ѝ се појавува пред очи.

rose-764267_960_720

Книгата е поделена на два дела: првиот дел содржи наративна метонимиска поезија, а вториот – сиџо-поезија, корејска кратка форма во три стиха многу ретка кај нас (мене ми ја откри токму Лори). Оваа форма, која Лори (инаку, во светот на твитерџиите позната и како @podzemnavoda) ја нарекува твитер-поезија, совршено одговара на нејзината потреба да изненади во песната, да направи пресврт, да поентира, да направи од стварноста виц, смешка.
Често ја споменувам стварноста во текстов затоа што поезијата на Лори е доживеана, одживеана, сетена на своја кожа. За мене тоа е многу важно, оти шансите за лажна манипулација се тогаш многу мали. Некогаш е тоа само миг фатен во неколку стиха, некогаш е сон, често е љубовна болка, некогаш е длабокоумно созерцание од една изгубена влечка. А за да се направи ваква поезија од светот, неопходен е дар, неопходно е да си така роден, неопходно е светот да те боли. И најмногу поради тоа сакав да го напишам овој текст, макар и со измолено вдахновение. Поради дарот на Лори да ја опише болката на светот.

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Предизвиците на мојот превод
Кон преводот на „Рута Таненбаум“ (Бегемот)
Повеќе
Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *