Вообичаено е оној што промовира нечие дело на самиот почеток да каже „чест и задоволство ми е…“, и велам, да, секако ми е чест и задоволство што отец Методија Златанов изрази желба токму јас да му го промовирам поетскиот зборник „Тенебрае“. Но, првенствено, и над честа и задоволството, чувствувам голема одговорност и благодарност.
Најпрво се растревожив од ненадејната покана на отецот. Не го ни познавав досега, одвај една куса средба пред некоја година. Имам прочитано само едно поетско дело од неговиот богат опус, а освен тоа митрополит е, јас неука по прашањата на Бога, верата, религијата, црквата… Оттука мојата одговорност што пред малку ја спомнав. За благодарноста подоцна.
Склона сум да тврдам дека не се познаваме ни себеси, а не пак другите. Но, во „Тенебрае“ го видов отец Методија, и себе се препознав, сите и сè. Ова видување не се собира во умот, недомисливи се стиховите, ако можат да се наречат стихови. Неименливи се. Замолкнав по првото исчитување. По секое повторно уште подлабоко молчев. Си реков, ако постои таков вид промовирање книга, а знам дека е неможно, „Тенебрае“ би ја промовирала со длабоко молчење. Само тишина додека полека се стемнува, само тишина додека мракот не се згусне и не стане неразделен дел од темниот молк.
„Мојата дивина, мојот сладок ханаан – е оклоп од зборови неискажливи“ вели еден од стиховите. Еве се обидувам да искажам по нешто од овие неискажливи зборови, да го пробијам нивниот оклоп за да влезам во нив, како што впрочем тие се обидуваат, и успеваат, да ги пробијат нашите лични, тешко пробивни оклопи.
Зачекорувам. Го слушам звукот на моите сопствени чекори додека влегувам во зборовите од “Тенебрае“, го слушам и нивниот чекор, се усогласувам во заеднички ритам, ме водат се` потаму и потаму. Репетитивните делови од стиховите, ги има на секоја страница по триесетиеден, ги доживувам како своевидни мантри, молитви, коани. Слично на литаниите (неслучајно поднасловот на поетскиов зборник е „литании и контрапункти“), тие призиваат, ние сите, во еден глас им возвраќаме. Повторувајќи се, ни го празнат умот. Сè однатре излегува на виделина. Ништо не останува нечепнато, ништо премолчено. Големо чистење е во тек. А, репетитивноста обврзува, принудувајќи на: нема бегање! Неумолива е. Ги отвора една по една сите порти во нас. Неосетно навлегуваме се` подлабоко во самите себе, во тајните, мистични одаи на сопственото срце за кои досега не сме ни знаеле дека постојат.
Влегувајќи така во стиховите на „Тенебрае“, постојано во свеста ми се појавуваа сцени од филмовите на Тарковски. И во нив се влегува без ум и мисла, со втопување, а секогаш се излегува не – истиот. Заумно спознавање е тоа. „Жртвување“, како што се вика последниот филм на овој режисер, е мојот „приватен“ наслов за книгава на отец Методиј Златанов. Затоа што во неа вели…не вели, но го слушам, „јас сè ќе доживеам, се` ќе истрадам, ќе го поминам сиот Пат, за вам да ви биде полесно кога ќе минувате низ истото“.
Овие стихови – литании и контрапункти отвораат тревожни теми, поставуваат тешки прашања и призиваат исто такви одговори. „Постави ги тешките прашања“ наложува едната, „Знаеше ли што сум кога ме роди?“, триесетиеден пат повторува другата, „Врз покривите на белите куќарки…“ бајковито се распостила третата, па налетуваме „боси в трње“ на продолженијата, секакви, само не и бајковити: „…Секое сеќавање е длабока рана пресушена“, „…Се тркалаат родителските разочарувања“, „…Редевме книги изветвени за да оздрават“, „…Подникнале перуники, не се се враќам дома“.
Еве уште стихови – литании што разболуваат за да нè оздрават: „Прегратката е за да не ми го видиш лицето…туку срцето…срцето.“ И си го здогледуваме срцето, а во него сенешто се збрало. Бидете спремни, неизоставно ќе ви се счучи нурнувањето во себе. „Ќе видиш толку многу од себе во своите синови“ – ќе видиме толку многу од себе во овие стихови. Благослов и клетва е „Тенебрае“ на отец Методиј Златанов.
Неговата одважност на овој начин да ни се подари самиот себе, истовремено и секој од нас самиот себеси, е за почит, восхит и најголема благодарност. „Нема да се кријам – вели – туку ќе се кажам за да го препогребам стравот“. Тој се кажува, ние се здогледуваме во него, нашето огледало. И: „Веќе не сум сам, туку Еден“, – воскликнува утешително. Стиховите не изедначуваат. Меѓусебното растајнување, сострадувањето со Другиот-себе, ослободува. Релацијата исповедник и тој што се исповеда е воспоставена.
На почетокот реков дека сум му благодарна на отецот. Благодарна што ми ја дари довербата да се чувствувам, и како негов исповедник, и како некој што му се исповеда.
Болен процес е прочистувањето што „Тенебрае“ ни го овозможува. Небаре јазолчиња од молитвена бројаница, при секој допир, стиховите, пребришувајќи ни ги мислите и чувствата, на нашиот ум му ги затвораат вратите, расчистувајќи ни го патот до најдлабокото во нас. Стивнуваме.
Во своевидна исихија ли целевте да не воведете отец Златанов? Ако – да, ви успеа. Без оглед што вашите тенебрае, сенките, темнините, тревожат, болат, растажуваат, на крајот спокој се пласти врз нас, сепак. Не искачивте „по патеката што води до горните градини“, како оние ваши мајки, „мајките што ги знаат заспивањата“…би додала, што ги знаат и будењата.
Најпосле, одвај чујно, а толку громогласно, ни ги упативте последните молитвени и молбени стихови: „Прости ми за оваа љубов, дојди и остани засекогаш“.
Еве, како да ги гледам, една по една се гаснат свеќите во текот на трите последни дена од Страдалната седмица. Веќе сме во завршниот дел од молитвениот чин пред празникот на Христовото воскресение. И последната свеќа гасне. Потполна мистична темнина е. Духовно сме подготвени за празничното единство во љубовното совоскресение.
И што сега отец Златанов? Од потполн мрак до светлина, тоа ли е Патот? Мора ли да се страда и сострадува за да се спознае Љубовта? Таква ли жртва бара од нас нашето „враќање дома“?