БОРБА, НО САМО АКО Е ПРЕСЛИКАНА ВО ВНАТРЕШНИТЕ МИКРОКОСМОСИ

Интервју со Марија Грубор. Повод: поетската книга „Водата нешто носи“.

Марија Грубор по тапија е дипломиран психолог со клиничко искуство. Пишува поезија, проза, фотографира, инспирира. Веројатно ви е позната по еден нејзин бележит говор од пред две години, одржан на еден од студентските протести. Повод за овој разговор беше нејзината книга поезија „Водата нешто носи“, која беше промовирана во МКЦ на 12 декември минатата година. Фотографиите што го придружуваат текстот се оние што ги спомнуваме во разговорот.

Марија, „Водата нешто носи“, прва или втора книга поезија?
И прва и втора. 🙂 Првата, со наслов „Ликвид“, излезе во 2009-та година со тираж од 200 примероци и беше збирка поезија и кратка проза. Тогаш имав 17 години и пишувањето ми беше лек за сè, а издавањето ми беше потребно само како симболично ослободување од товарот на некој вид на адолесцентски Weltschmerz кој ми го пронижуваше внатрешниот свет, онака себично во стилот на „еве, почувајте ми ја болкава, ќе се вратам“. Од тое книжуле ни самата повеќе немам примерок, и веројатно така треба да биде. Од друга страна, бидејќи „Водата нешто носи“ ми е првата книга која содржи само поезија и е исто така доста временски раздалечена од „Ликвид“, се чувствувам како од неа да почнува сè. Меѓу другото, личната тема која послужи како срамежливо коренче за „Водата нешто носи“ е почетокот на помирувањето со себе.

„Водата нешто носи“ требаше да излезе година и кусур порано. Се смени ли многу оттогаш или е тоа горе-долу истата книга?
Истата е, минус некоја песна која на крај излегла од игра оти сум сфатила дека имала рок на траење, ограничена функција, значење кое испарило, а плус некоја песна која во меѓувреме се родила и ми запнала в грло па сум морала да ја вдомам. Во текот на таа година и кусур главните промени беа прередување на песните и замена на неколку зборчиња. Благо прекорена од неколку пријатели кои уживаат во поезија затоа што песните немаа наслови, се обидов и сосила да ги именувам, но таа промена имаше краток век бидејќи име кое е налепено „оти така треба“ не грее душа.

crop13-000001

„Лекуваш души/ по најперверзна цена/ и чесно се трудиш/ да заболат/ и здравите места“. Перверзно зол е светов во кој живееме, има ли чаре за гневот што го буди во нас?
Гневот е веројатно како огнот – ако знаеш да го користиш, ќе ти биде добар другар, ако го пуштиш од ланец од немарност или недостаток на волја, ќе те изеде дур гледаш на другата страна. А ако го потиснеш, ќе ти мрзне стегнатата душичка. Во таа смисла, моето чаре за гневот е многу муабет со него, за да ти признае од каде доаѓа и каде намислил да појде. А потоа обид да го убедиш да послужи како погон кој ќе достави обмислено критичко дејство до правилната адреса. Само не му давај на твојот „цивилизиран“ дел од умот да му мавне две заушки и да го прати на кмишење во некој темен ќош.

„Со здружени сили/ сите умираме од страв/ и тоа пеколно бавно“. Ќе ми кажеш ли нешто за стравот и за „болката што в стомак куќа соѕида“?
Кога бев помала, опсесивно се занимавав со болката сè додека не открив оти таа е само репеционерка на 13-ти спрат. Деновиве се симнувам во подрумот и опсесивно се занимавам со стравовите – можеби тоа што се образував како психолог си го направи своето. Од каде и да тргнам со копањето, барајќи ги првите камења врз кои ко на тетрис се напластиле најсложените болки, доаѓам до стравот. И фасцинирана сум од него – го колнам, му бегам, го покривам со ќебенца, го штипам или седнувам до него и го терам да гледаме во ѕвездите. Постојано го прашувам до кога планира да ми ги влече конците, тој најчесто молчи, и таа динамика се одразува во творештвото.

Те бидува и за фотографија. На промоцијата во МКЦ имаше и заедничка изложба со Боро Милев. Ми рече дека си аматер за таа работа, тогаш очигледно имаш голем дар. Скоро ли го откри тој порив?
Ти благодарам! Одамна ми е поривот за усвојување на визуелен израз, но конечно во текот на измината година му доделив креативен буџет и материјална алатка за да заживее. Со години немав простор да одделам финансии за саглам фотоапарат и тоа ми беше функционално оправдување пред себе сè дури не ми падна в раце еден руски аналоген антиквитет. Тогаш одлучив дека тој ќе ми покористи ем да си го правам ќејфот, ем да научам сè што можам за фотографијата како уметнички израз, ем да можам да раскажам тоа што имам да раскажам во периоди кога зборовите штрајкуваат. Потоа се вљубив во аналогната фотографија затоа што ми е особено возбудлив процес и затоа што елиминира инстант-гратификација. Со многу инат и труд, почнав да добивам резултати кои ми се допаѓаат и за кои сфатив дека имаат мошне надежен љубовен однос со мојата поезија. Набрзо и Боро го префати вирусот и фотографирањето ни стана заедничка страст и неистражена ризница на идеи, па за неколку месеци испукавме десетина филмови и „купи филмови“ ни стана редовна ставка во списокот на луксузни потреби кои магично успеваме да си ги дозволиме. Несогласувањата се чести и скроз забавни и многу учиме еден од друг. Јас размислувам во црно-бело, тој сака боја. Јас ги ловам носталгијата, преќутеното, повеќеслојноста, копнежот; тој е фасциниран со откривање на убавото и фантастичното во секојдневието и природата и манипулирањето со перспективи. Без многу двоумење решивме во промоцијата да вметнеме мини-изложба која ќе му даде лице на тонот кој го носи поезијата.

За борбата на улиците да те прашувам ли? Ќе б’сне ли сонце златно по секаде на светот?
Сонцето златно тука е, ама облациве дали се неодминлив дел од креацијата или пак можно е да се растераат? Деструкцијата ако е нужна, злото можеме ли да го превоспитаме? Неправдата ќе се даде ли да биде искоренета? Се трудам да одбегнувам кавги со себе во однос на прашањава оти, на крајот на краиштата, и да откријам дека одговорот е поразителен, пак би дувала во облаците колку што имам сила. Туку, борбата за мене е јалова ако е само на улиците, ако не е пресликана во нашите внатрешни микрокосмоси, ако истовремено не го делка трулото од нас самите. Не оти верувам во конкретен совршен свет населен со совршени луѓе, туку оти од глава до петици сум полна со верба во човековиот потенцијал да се подобрува и себенадминува во недостиглив недоглед. За оваа и сите следни Нови години си посакувам само оваа верба да ми остане нескршена, оти без неа ниту јас поквалитетен човек ќе станам ниту борбата ќе ми роди значаен плод. Запната сум светов да го истражам и разберам најдобро што умеам, додека потребата од тоа активно да го градам во подобар ми е многу силна, но сепак второстепена. Кога на луѓето им расте волјата и способноста да живеат со повеќе свесност и одговорност за себе и својата заедница, кога создаваат начини да учествуваат во истата и да ја менуваат во согласност со најдлабоките нивни вредности (материјализмот и профитот, на пример, никогаш нема да ги прифатам како вистински вредности од причини за кои малце ми е овој простор да ги објаснам), сонцето бар за миг б’снува појако!
Слободата истовремено е и идеал и нешто кое е веднаш и сега достапно, само си го спикал на некоја пренатурпана полица во умот.

crop8-000012

А со внатрешната борба до каде си? И „веруваш ли дека баш во менливоста е бескрајот?“
Внатрешната борба е жива, здрава и многу порасната, фала ти на прашање. Она што ја карактеризира како позрела од порано е тоа што сега многу подобро знае кога треба да тури знак „на пауза сме“ и да ги пушти сите окупирани неврони да тркнат до некоја кафана или барем да се изнагушкаат колку што им се сака. Тогаш окситоцинот и ГАБА невротрансмитерите го преземаат далечинското.
Верувам дека во менливоста е бескрајот, односно преродувањето во нови, подобрени облици, додека конзервативноста пружа стабилност, структура и топол дом. На секој е оставено да набере памет и да избере или баланс меѓу двете или раскошен монопол на едната.

„Бегање нема, само умот може да се помести“. Одиш ли отаде умот?
Често ѕиркам што има позади тој ем ослободител, ем темничар. Понекогаш и нога турам во темницата додека чекам да ми се привикнат очите. Имам богатство од техники кои работат со најразлични актери, на пример, страстите, медитацијата, сонот, постоењето сега и овде, правење на токму спротивното од она што треба или го чувствувам како нормално во дадена ситуација.
Инаку, стихот оригинално беше наменет да го изрази моето чувство дека каде и да појдеш на светов, неизбежно ќе наидеш на брутални облици на неправда. Во смисла, не гај илузии оти „таму“ ќе се капеш во совршен раат и човечност, ако тоа ти е воопшто важно. Во ист контекст, знај оти бегање од проблемите нема, секаде со себе ќе си ги водиш („и сладоледи ќе им купуваш!“) и нигде нема да ти е радосно ако чекаш среќата, мирот и добрината да ти се паднат на лото со промена на екстерните услови. Затоа, мотиката в рака и редовно пресадувај го умот во нова парцела штом ќе ги доцица хранливите вредности на идејата во која си го закопал.

Фала ти за муабетот, Марија. Со лесно и со убаво во 2017!
Фала ти тебе уште повеќе, убаво ме протресе. 🙂 Со лесно нека ни оди создавањето повеќе љубов и слобода, а за другото ќе се снајдеме!

Разговорот го водеше: Ѓоко Здравески

Тагови од објавата
Напишано од
More from Ѓоко Здравески
Книжевна препорака: „А Бабукар одеше на чело“ од Џовани Доѕини
Оваа дводневна приказна е тивка тензија, без ниту еден позначаен настан, но...
Повеќе
0 replies on “БОРБА, НО САМО АКО Е ПРЕСЛИКАНА ВО ВНАТРЕШНИТЕ МИКРОКОСМОСИ”